Инструктивни механизми на интуицијата (2)

8.

Според нас, најважен придонес на салиентната мрежа е тоа што го поддржува и поттикнува триаголното тело на вниманието. Не само што ги поврзува дорсалното и вентралното внимание, туку, со тоа што им овозможува да соработуваат, ја продлабочува и способноста за внимавање воопшто. Дорсалното внимание ги фиксира и ги задржува конкретните, надворешни и внатрешни содржини во име на субјектот. Ако субјектот се сети на нешто, дорсалното внимание ја зграпчува прочистената реминисцентна содржина. Тоа се лепи за секоја живо изразена или длабоко разбрана содржина. Вентралното внимание интуитивно ги антиципира доживувањата што сакаат, треба, можат или се поттикнати да избувнат и да произлезат од битието и потсвеста на субјектот. Двете форми на внимание кои водат потекло од речникот на науката за мозокот, меѓусебно се проникнуваат. Ако субјектот сака да напредува, барем во сферата на мислењето, тој мора значајните и конкретни содржини што ги условува и окупира дорсалното внимание постојано да ги споредува со интуитивните изблици на вентралното внимание. Барем, нека се обиде да ги соедини нивните чисти механизми, т.е. начини на работа, па нека продолжи да ги доживува и да ги присвојува, повторува и вежба нивните афективни навики. Овие вежби ќе му помогнат да создаде претстава за универзалното внимание. Тоа ги апсорбира двете форми, толку колку што тие го истакнуваат него. Како последица на тоа, субјектот го претвора вниманието во когнитивен инстинкт.

На пример, дорсалното внимание „држи во раце“ конкретна и висококристализирана содржина. На вентралното внимание го привлекува светкавото присуство на содржината. Вентралното внимание навлегува во срцето на содржината. Таа насетува дека во неа се крие екстра значење и со сета сила и волја се стреми кон него. Во случајов, вентралното внимание не е чиста пројава која се темели врз себеси и се самораздразнува, за да извлече содржина од потсвеста (ако се работи за ментални ентитети) и од битието (ако станува збор за чувства и доживувања) на субјектот. Тоа се потпира врз дадената содржина, бара од неа помош за полесно да ја совлада тврдокорната интуиција. Дорсалното внимание и неговата содржина го потхрануваат вентралното внимание и неговите обиди. Вентралното внимание е активно се додека субјектот се обидува да извлече асоцијации поврзани со актуелната содржина и се додека бара начин да соработува со неа семантички и визуелно. И се разбира, ако самоиницијативно, намерно или махинално, се обидува да извлече некакви содржини. Очигледно дека неговата функција ослабува, а најпосле истото исчезнува, откако вентралното внимание ќе успее од вителот на интуицијата да ја извлече конкретната содржина. Независно за која цел се случува извлекувањето: дали се стреми да извлече содржини за да ги спореди и вклопи во дадената конкретизација, или сака да ги произведе за да ги осамостои и развие сами од себе, тоа е осудено на привремена пропаст. Работата на вентралното внимание е секогаш идентична: антиципираната смеса излегува на површината на свеста во вид на релативно прегледна содржина. Самото тоа што извлечената содржина е релативно прегледна и разбирлива, му дава шанса повторно да настане; да се вмеша во сопствениот производ кој сега, логично и легитимно му припаѓа на дорсалното внимание.

Дорсалното внимание не е толку привилегирано колку што изгледа на прв поглед. Констатираме присуство на дорсално внимание, ако субјектот забележува колку го искристализирала свеста предметот на интерес и колку е впечатливо неговото опкружување. Но, длабоката свест за конкретните нешта во опкружувањето и живописните нешта во менталниот свет, се темели врз интуицијата и нејзините рефлекси. Свеста е монистички и смрзнат рефлекс на интуицијата, или интуитивен рефлекс заробен во поединечното. Таа е интуиција која се вкочанила, па мора да ги стрела со својот продорен поглед објектите и нивните околности. Таа ги прободува додека не допре до непремостливиот ѕид од мраз на бескрајот и бесконечноста. Но свеста не запира тука, туку се обидува да го сруши за да пронајде нешто многу позначајно од него и од сферите што се повторуваат пред него и го затскриваат. Така работи, свеста што се задлабочува во другото. Одеднаш, дорсалното внимание се претвора во инструмент на вентралното внимание кое го третира светот наоколу како суровина за сопствените потфати.

Вентралното внимание не го кристализира предметот на интерес, туку се обидува да ја пробод срцето на суштината во надеж дека ќе го извади нејзиното семе. Спротивно од тоа, дорсалното внимание ја прави воспримената содржина прегледна. Двете вниманија се соочуваат со комплекс од изгледи и естетски особини. Вентралното задлабочување им дава длабочина на изгледите и нивните делови. Тие се како бунар на среќата без дно. Нивната иманентна длабочина ја претвора волуменозната текстура во виртуелно привидение. Дорсалната визуелизација, го потенцира баналното присуство на живописните елементи. За неа, длабочината е само копија од темно море кое се отсликува на сјаен оклоп. Вентралното и дорсалното внимание се изедначуваат на површината на восприменото, без разлика што го присилуваат да остави два амбивалентни впечатоци. Од ова субјектот извлекува моќна поука. Му текнува дека треба да ги урамнотежи свеста која сака да го види објектот таков каков што е со свеста која се задлабочува во него. Од оваа перспектива, ни дорсалното, ни вентралното внимание немаат предност. Вентралното внимание треба да се инкапсулира во свеста толку колку, дорсалното. Така, првото ќе може да ги формира потенцијалите на смислување екстра значења и обликување дополнителни визуелни контексти, а второто, истите ќе ги презема и ќе ги преобразува во конкретно содржини комплементарни со конкретните асоцијации што им претходат. Поточно, механизацијата на церебралните центри ќе го кристализира визуелниот контекст што се создава hic et nunc и ќе го соединува со актуелната визуелна содржина. А трансценденталните функции на салиентната мрежа ќе рошкаат по интуицијата за да извлечат значајни асоцијации кои ќе се претворат во конкретни содржини.

Не ја исцрпивме темата за вниманието и неговите функционални перспективи. Во иднина, истите ќе ги разгледаме подетално, почнувајќи од овој исход на нештата.

Етимологемите и нивните првични механизми не опфаќаат никаков конкретен предмет на интерес, освен фактот, дека интуицијата мора да воспостави некаков структурен и систематски однос со визуогената сфера, кој, ако сме искрени, веќе постои подфеноменално. Единствен предмет на интерес за субјектот во моментов е самата сфера на интуитивни механизми. Таа е визуогено интенционализирана и во исто време преширока и препротивречна во себе за да може да се претвори во предмет на соработка помеѓу дорсалното и вентралното внимание. За волја на вистината, најголема добивка од интуитивната сфера и нејзините пројави има вентралното внимание. Бидејќи, тие се невидливи сили и целини, чии превирања и придвижувања и организации силно се антиципираат, сраснуваат во вентралното внимание. Вентралното внимание се трансцендираше за да извлече конкретни содржини на површина и да му ги предаде на дорсалното внимание, или да ги поврзе асоцијативно со неговите веќе постоечки содржини. За разлика од претходно, кога тоа беше само динамичен спроводник, само разбранувана иманентно-трансцендентна енергија, сега инкапсулира чисти содржини кои се еднакви со неговата суштина. Тоа повеќе не спроведува невидливи содржини кои треба да станат видливи, туку се фиксира за чистите содржини кои му се сродни по природа. Со тоа, ја презема улогата на дорсалното внимание. Иако не поседува никакви хипнагогички конкретности, туку само ги антиципира механизмите што ја овластуваат визуогената сфера и ги востоличуваат визуелните облици,1 складира во себе некакви актуелни содржини. На пример, размената, соединувањето и разгранувањето на асоцијативните блокови се визуелизира како динамична геометриска прогресија. Еднонасочната траекторија на собирање и насобирање, каде едни ентитети им помагаат на други, има илустративен социолошки контекст. Но и првиот визуоген и вториот визуелен симбол, не се пројавуваат така во рамките на вентралното внимание. Субјектот не ги претвора чистите механизми во симболи, туку нивните меѓусебни асоцирања, соработки и динамики ги разгледува од призма на силата чии енергетски струења можат да се почувствуваат и не можат да се претстават.

Очигледно, вентралното внимание игра огромна улога во сферата на чистата интуиција. Дорсалното внимание е слаба алка на стремежот да се вообличат образите. Субјектот не може функционално да ги примири дорсалната и вентралната форма на внимание, па затоа, не може ни да ги извлече најзначајните дразби и впечатоци. За него општата работа на механизмите е значаен впечаток. Но, овој впечаток не кажува ништо сам по себе, и барем засега, не води кон никаде. Специфичната трансценденција која ги соединува морфоцентричниот и визуогениот корелат стагнира, исто колку чистите искуства кои не можат да се надградат во хипнагогички квази-слики. Тој мора да ја направи работоспособна интегралната функција на вниманието, за да почне да ги отплеткува овие етапни јазли. Тука, јазот помеѓу салиентната мрежа и стремежот е најдлабок и највидлив. Нарцистичните сеќавања на господарење го извисија субјектот. Салиентната мрежа успева да се избори со визуогените пречки, затоа што ја субординира совршената функција на интегралното внимание. Таа може да потфрли само ако оштетувањата на церебралните центри се сериозни, или ако самата се дегенерира, па ја изгуби способноста да го поддржува обликувањето визуелни и семантички умствени производи. На пример, ако се оштети многу префронталниот кортекст, субјектот нема да може да ги повторува упатстава што ги гледа, независно колку пати ќе се обиде да ги повтори. Тоа е така затоа што оваа мозочна област го содржи центарот за продлабочено внимавање.2 Освен тоа, префронталниот кортекс ги прима визуелните содржини и овозможува тие да се апстрахираат толку колку што како невроенергетски информации ќе се доближат до центарот на мозокот и ќе се влеваат во најсуптилните склопови на самоизвесноста за да се обработат сеопфатно и антиципирачки.3 Доколку пак, се оштетат темените области на мозокот, субјектот ќе може да си го обнови вниманието преку повторување на упатствата. Во даден момент ќе се обучи да ги применува. Ако се сеќавате овие области ги делеа воспримената и реминисцентната реалност на неформални структури во зависност од поредоците со објекти во нив и нивните пројави. Бидејќи, за ваквата поделба е потребно помало внимание, од вниманието што треба да им се посвети на упатствата и конкретните детали, неврофизиолошкото оштетување ќе ја повреди незначително способноста за внимавање.4

9.

Чистите механизми на интуицијата олицетворени во работата на етимологемите не можат да го оживотворат дорсалното внимание. На помош мора да и притекне вообразбата. Но, сеуште е рано за тоа. Субјектот ги посветува силите на тоа, да пронајде значаен впечаток што ќе го издигне над конкретната ситуација. Тој знае дека треба да се стреми психоментално и со целото битие кон специфичната трансценденција. Треба да ја наполни нејзината област со своите сонди и да почне да ја истражува нејзината жива и невидлива територија. Засега, за него, таа е само празен поим; незаобиколен и неопходен и привремен, иден исход. Тој има задача да разбере како соработуваат морфоцентричната интуиција и визуогената сфера и што се подразбира под „нивна констутиција“. Патот за назад е затворен! Или ќе најде значителен впечаток, кој во исто време ќе го стимулира да напредува, па од сферата на интуицијата постепено да се вселува во сферата на вообразбата. Или, ќе се помири со првичните механизми на чистата интуцијата. Ќе шета од сеќавањата полни со негова лична надмоќ кон очајниот копнеж по стварноста на храбро дејствување и назад бесмислено. Ова само ќе го потсетува дека неговите таканаречени пројави на надмоќ не се ни блиску до тоа да се претстават како храбри дејства. Тоа ќе го убива безмилосно.

Субјектот не се откажува. Оди напред. Интуицијата и самата работи на тоа да извлече значајни впечатоци. Колку и да изгледа саможива и лоша, нејзиниот хабитусот што неправедно и го наметнуваат е чиста предрасуда. Секој нејзин изблик настанува и се случува во духот на впечатоците кои можат да се искористат за возвишени нешта. И етимологемите работат неуморно за неа. За да ја остварат нејзината фатална опсесија. Затоа, субјектот се солидаризира со владетелите во царството на густите антиципации. Им се придружува со заеднички сили да го извлечат најдоброто. Субјектот го држи на ум полезниот совет, дека треба да ги вежба етимологематските механизми. Без оглед на тоа што ги познава до совршенство, нивното постојано пројавување, ја продлабочува свеста на субјектот за суштинската работа на трансценденцијата како таква. Тоа е величествен свеж почеток.

Овие први и восхитувачки впечатоци за трансценденцијата, ќе го поттикнат да го продлабочи увидот во вторичните механизми на instruere и instructio. Субјектот наскоро ќе се убеди себеси дека она што се нарекуваат вторични механизам се само симболични корелати на основните етимологематски функции. Корелатите ќе ги освежат досегашните разбирања на субјектот. Тие ќе ги поделат основните етимологематски функции на првични и вторични. Во суштина, механизмот ќе добие во смисла, но смислата нема да го промени тоа што претходно му припаѓаше на механизмот. Смислата ќе го надгради старото во  рамките на неговите фиксни можности. Секогаш кога она што се повторува ги продлабочува старите перспективи, во исто време изнедрува нови откритија. Само лудиот го отфрла новото во безвремената перспектива.

Субјектот има интегрална претстава за етимологематските механизми и нивната соработка и интегрално ги доживува. Колку и да се наметливи поединечните особини на нивното интуитивно пројавување, субјектот секогаш ги потопува во целото. Целото и без тоа е постојано присутно како шумот воп тишината; како што свеста секогаш го подгрева размислувањето. Тој, свесно и емоционално се задлабочува во општиот интуитивен поток, го прима на себе афектот како што страсното тело ужива во оргазмична авантура. Бидејќи ја потиснува свеста за поединечното функционирање, се повеќе се солидаризира со чувството на постапност. Тоа исто така ги напика во себе поединечните механички пројави, за да ги покаже во сублимна лична форма. Сега за субјектот постојат само два корелати: чувството на постапност и општиот интуитивен поток. Субјектот го сведе вежбањето на механизмите на овие два афекти кои се дополнуваат час наизменично, час соединети до непрепознатливост. Се чини дека после ова, субјектот ја изгуби нитката. Но, она што изгледа како конечна загуба на траката е всушност, првиот продор што субјектот го прави кон значителниот впечаток.

Субјектот го зауздува дивиот ориентационен рефлекс и не им дозволува на разиграните психоментални стимули да ги поигруваат со него. Тој не го прави тоа за да ги отфрли и уништи стимулите, туку ги собира во снопот на општиот интуитивен поток и ги врзува со јажето на чувството за постапност. Субјектот го повторува ова сеопфатно доживување одново и одново, како тркач што ги троши последните сили за да не дозволи противниците да стигнат пред него. Контролата врз доживувањето го исполнува со задоволство исто колку организираното и крајно поедноставено доживување. Оваа примитивна форма на трансцендентно движење го снабдува првични информации за тоа како изгледа едно, спонтано и разграничено систематско дејствување. Субјектот го смета за успешен експериментален обид ваквиот чин, без разлика што е чист, непосреден и неконкретен. Колку повеќе се повторува доживувањето, толку повеќе субјектот дознава зошто обидот е успешен. Ако обидот е успешно репетитивно дејствување, тогаш успешноста е позитивно остварување во рамките на обидот. Чувството на успех и успешниот обид како таков конституираат одредена постапка, поточно оставаат впечаток дека ја претставуваат спроведената постапка. Постапката е траекторија од локомоторни секвенци. Секвенците се повторуваат благодарение на преддадената локомоторна траекторија. Локомоторната траекторија се дели заради тоа што секвенците ѝ додаваат метрички квалитети преку нивното сопствено повторување. Што значи постапката се одвива брзопотезно и се повторува брзопотезно во рамките на хомогено психичко временување. Па сепак, субјектот ја доживува како систематизиран акт што се одвива расчленето во одреден временски период. Повторувањето на секвентните моменти, субјектот го смета за систематично остварување. Секвентниот момент е единица мерка за движење, а неговата повторливост е единица мерка за време. Нивната соработка го организира систематското пространство. Притоа, субјектот ни тука не може да го избегне гешталт-доживувањето на пројавувањата. Се додека се наоѓа на територија на интуицијата, тој ќе мора да се помири со ваквите синоптички околности.

Овие дополнителни интуитивни спознанија и доживувања постепено ја специфицираат грубата трансценденција, иако ако ништо друго ги антиципираат нејзините чисто отсечени промени.

Успешното обидување е одеднаш локална и универзална постапка. Локална постапка е затоа што треба да го поттикне субјектот да се премести од едно интенционално поле во друго, од интуицијата во вообразбата, од интринзичната во хипнагогичката визуогеника. Универзална постапка е пак затоа што ги соедини сите дотогашни  интуитивни механизми во едно и неделиво цело. Во исто време, го замени комплексот од етимологематски објекти и нивните релационистички динамики со друга констелација-од-делови. Ги замени со интуитивната постапка и нејзините чисти каузални временски пројави.

Етимологематските механизми не беа постапки ни постапни, иако субјектот ги замислуваше како структури кои се самоорганизираат, се разгрануваат и ширеа (instructio), или дејствуваат во согласност со нивната ограничена насока и мноштвени траектории (instruere). Тие се одвиваа и развиваа на границата помеѓу процедурата и постапноста, ги соединуваа двете и ги претвораа во инзистентни корелати. Субјектот си ги претставуваше нивните движења, дури и ги чувствуваше но не можеше да ги доживее. Токму така, оваа состојба е чудесно необична. Сега ќе видиме зошто и како е можно ова.

Токму затоа што не може да ги доживее како што треба, тие за него не се процедури, туку објективни движења. Објективните движења се стремеа да воспостават структура која ќе биде систематична според сите стандарди, но не беше. Тој ги објектифицираше механизмите воспоставени од страна на етимологемите. Ги гледаше од надворешната страна на стакларникот. Нивните пројави го допираа светот на неговата чувственост. Стакларникот не беше лабораториски. Во него се одвиваа објективни, самообновливи и самоиницирани процеси. Субјектот ги следеше и вежбаше без да знае со што ќе вродат, како што научникот ги бележи природните случувања од опкружувањето за да види дали може да пронајде во нив некакви апстрактни, „динамички“, или физички ориентации. Пример што ќе го наведеме, најдобро ќе покаже зошто овие интуитивни процеси не се постапни, и покрај тоа што содржат одредена структурна динамика. Значи, симболичната претстава за instruere отсликува појасна процедура. Чистите искуства кои се подаваат рака и си ги предаваат едни на други заедничките чисти значења, повеќе асоцираат на секвенците кои се нижат локомоторно една после друга. Нивното праволиниско движење потсетува на обидот и неговата еднодимензионална намена. Симболичната претстава за instructio е поматна во смисла на тоа колку го одразува идеалот на процедуралност. Асоцијациите се разгрануваат во блокови, блоковите во сложени структури, а сложените структури се обединуваат со гиганти слични на нив во бескрајните предели на претпоставената вселена. Субјектот нема претстава како изгледа едно разгранување, исто како што не умее да опише каква е формата на блоковите и структурите што се распространуваат бесконечно. Оваа квази-структурна и квази-динамична пројава на етимологемите го ослабува чувството за она што се движи во едно поле и како се движи. Ослабеното чувство му го одзема на субјектот потребното количество искуство. Движењата и виденото од една страна и чувството за нив од друга страна, се во постојат раскол, бидејќи движењата и виденото не се целосно оригинални и не можат целосно да му се дадат на субјектот. Како последица, тој пак, не може да ги прими нив. Од друга страна, на instruere му недостигна широчина и комплексност. Неговата активност е крајно стеснета и монотона, дури и кога ќе се размножи, и не привлекува внимание. Не го интересира субјектот толку колку што бараат неговите очекувања од процедуралните можности.

Субјектот го доживеа обидот како успешна постапка поради тоа што се увери дека нејзината сопствена организација е предмет на интерес за него што покажува задоволителни особини. Зарем не се радува како дете, творецот кој ќе стекне макар и блед увид во непремостливите антиципации на интуицијата? Субјектот не направи скок во место, иако направи отскокна од едно место кон друго, во атавистичкото поле кое го познава повеќе отколку што е потребно. Па сепак, хиперинфлацијата од чисти увиди му помогна да се придвижи кон напред. Досега, тој се занимаваше исклучиво со тромави, геометриски и просторни квалитети; со квази-динамични структури. Сега ги откри флексибилните, метрички и временски својства на интуицијата. Нурна во водата на бескрајните координатни точки и нивните суперфлексибилни динамики. Тие се гласници на магичествената трансценденцијата која се преоблекува во просјак, за да го испита субјектот, да види дали е достоен да се насели во нејзиното царство. Тој, од своја страна, ги надминува нејзините очекувања.

Но временскиот и каузален израз на гешталт-текот и чистата целина на чистата интуиција, имаат исто така недостатоци. Субјектот има чувство дека прескокнува од една парцела на друга, кои се нижат во разни насоки и се расфрлени на разни рамништа во празното пространство на вселената. Дезориентитано отскокнува од една парцела на друга без идеја каде оди и што прави. Тој е слепо задоволен се додека ја доживува гешталт-целината и текот на чистата интуиција не се распаѓа на нејзините составни етимологематски делови и нивните полуопределени структури и динамики. Слепата радост се заканува дека ќе го зароби засекогаш во својот солипсистички круг. Ако на екстатичното циклично стагнирање не му се додаде некаква иднина преоблечена во софистицирани интенционални облекла, тоа ќе ги уништи неповратно иницијативите на субјектот. На пример, личностите кои успеваат во животот и со успехот го лечат граничното персонално растројство, треба да се чуваат од преголемата самовоздигнатост, бидејќи ако, почнат да тонат во одредена точка од иднината, стравот од сопствената недоверба и од повредата која вешто ја криеле зад успехот, ќе ги фрли во пеколни расположенија. Тие нема да се соземат цел живот, па дури и ќе полудат.

Повторувањето и вежбањето на првичните етимологематски механизми исто така може да се патологизира и извитопери. Субјектот толку ќе се возгордее што воспоставил длабок однос со интуицијата и пророчки ја созерцува нејзината природа, што ќе заборави да биде самокритичен. Преголемата самодоверба ќе ја укине самокритичноста и неопходноста да се самосогледува строго и точно. Таа нема да ја ослаби способноста за самосогледување и самокритичност, толку колку што тоа ќе го направи моментот што ја раѓа искривената и патолошка самодоверба. тоа е монотоното производство на стратегии чии решенија не одговараат на сите проблеми во склоп на проблематичните можности.5 Субјектот пронаоѓа оригинално решение за дадената етапа од процесот олицетворено во кристално јасната соработка помеѓу етимологемите и нивните механизми. Тој го шематизира ова решение и го претвора во универзална стратегија. Откако ќе види дека успеал, тој се превознесува и ослепува за добронамерните предупредувања што му доаѓаат од страната на незавршените етапи. Едноставно, не го прифаќа идниот облик на самоидентичниот предизвик. Тој мора да се пресосредоточи, да ги растерети потенцијалите за изготвување стратегии и да се сосредоточи врз формирањето нивните оригинални оперативни коактантни. Единствената стратегија која се употребува за различни проблеми создава циклуси на персеверација. Нов таков циклус, како што видовме, беше успешниот обид и неговите психоментални повторувања. Според тоа, освен циклуси постојат и модели на персеверација. Но, субјектот мора постојано да ги става на тест старите стратегии, откако ќе ја надмине и ќе ја анектира дадената етапа. Така, напоредно со огромната самодоверба, закржлавува и рефлексот за критично самосогледување и проценување на ситуацијата. Недостатокот од осет за градење врски со сите перспективи и со впрегнување на сите расположливи сили, ја затапува вештината за стратегизирање кое ги укинува бесплодните и погрешни персеверации. Персеверацијата, од аспект на регресија треба да се преобрази и да се унапреди во циклус што го оградува субјектот од недостатокот на време и ги обезоружува неговите ултиматуми. За жал, на субјектот му се заканува нова персеверација која не се однесува на интеракцијата помеѓу два механички корелати, туку на почетните фази на обидување кои не смеат да се задоволат со тоа да бидат конструктивни ентитети сублимирани во психоменталните доживувања.

Дали, затоа што за прв пат истапува од област со која се занимавал долго време, или затоа што чувството на успешен обид манипулира вешто со неговото битие кое е склоно да се егзалтира, субјектот му се радува на успешниот обид кататонично. Врз него со сета тежина се рушат задоволството и радоста го толчат со сеизмичкиот притисок. Претчувството на величествена судбина која му е на дофат тлее од неговата душа, ја пецка, ја гори, ја прободува, на места се пробива како вода низ пукнатина во браната. Ова афективно насилство на радоста, задоволството и нескромното претчувство го сообликуваат со нив интуицијата и интенционалноста. И двете сe устремени кон некаква смисла, односно, двете се категории на еден ист порив што се пројавуваат во различни фази од процесот и во склоп на неговите посебни конституции. Но, додека субјектот му се радува на успешниот обид кататонично, тој ги маѓепсува интуицијата и интенционалноста, им ги потчинува на солипсистичкиот круг, бидејќи и самиот автоматски му робува и ги послушува неговите заповеди. Затоа нивниот стремеж, колку што е остар, толку се самоапсорбира и на крај се понишува во себе самиот. Тие се луцидни и налудничаво таинствени, исто како актуелното расположение на субјектот. Оваа психичка состојба на субјектот е наместена, толку колку што се одвива несвесно и автоматски. Тој се повлекува во себе крајно задоволен од тоа што го снаоѓа, но не почнува да блада мислејќи дека разговара со себеси. Тој не им се обраќа на другите отсутно, исполнет со мистична и себична злоба. Додека комуницира лажно и самоопседнато со луѓето од околината, тој не го прави тоа во духот на шаманските ритуали, не зборува неповрзано и испрекинато, на моменти демонски и саркастично. Пред да го воспостави двосмислената врска со опкружувањето, субјектот ѝ испраќа интерактивни сигнали. Тој го прави тоа, така што сака суптилно да потенцира што прави. Во истиот момент, тој е перфидно буден, очите му светкаат злобно, зрачат чувство на таинствен триумф. Сите овие прединтерактивни ритуали се рафинирани и суптилни. Тие се иритирачки очигледни, но другите не можат да докажат дека се случуваат вистински во даденото време. Цело време, субјектот е на раб да почне да разговара со себеси додека ја антиципира симболичната комуникација со останатите и зловолно ги вклучува во неа. Но тоа, никогаш не се случува. Целата интеракција се заклучува во симболичноста на овие процеси. Субјектот остава впечаток дека секој миг ќе ја скрши рамката и ќе направи нешто скандалозно и непредвидливо додека во исто време, тој никогаш и нема чувствувал потреба да ја скрши, или да се однесува арогантно. Тој се облекува во суптилниот дух на арогнатноста, но никогаш не ја практикува explicite.

Всушност, додека ја поврзува околината и другите со себеси интенционално и симболично-интеракционистички, тој се наоѓа во една состојба на самоизвесност која античките Грци ја нарекувале νιδιoτεληζ, или самство кое си недостасува самото сеДодека е во состојба на кататонична егзалтација, и самиот субјект и сведоците на неговото однесување се полуприсутни. Тој ги меша нив и себеси во атмосферата што ја создава со своето расположение и држење. Се повикува на својот триумф додека ги прободува со духот нивните, како што смета, самства свесни за својата беда. Во исто време, се сосредоточува целосно врз нив за да ја позајми нивната самосвест, да ја травестира, да се подигрува со неа, да и се исмева и да им ја враќа, понижена и обесчестена. Неговата сенка им се надвиснува за да им влее дополнителен страв. Вака, неговата саморефлексија и самосвест се валкаат. Тој се доживува себеси како присуство чија саморефлексивна самосвест е поматенa, но остро ги извршува своите обврски. Ако ништо друго, самоизвесноста добива најмногу од ситуацијата, сите придобивки од тоа што се случува се канализираат и влеваат во неа. Субјектот ги разбира процесите предрефлексивно. Чистото задоволство и чувството на егзалтираност ја симболизираат самоизвесноста и субјектот кој ја доживува со разбирање својата повластена состојба и нејзините необични пројави. Тој ги преместува во премреженото око на предрефлексијата, ги дегустира и ги цеди се додека не се насити. Тој не може јасно да ја демаркира состојбата во која се наоѓа, но ги опфаќа предрефлексивно сите нејзини моменти, ги разбира релативно и релативното разбирање го доживува со апсолутна свест за значењето што го содржи. Како субјектот го доживува процесот може да се опише на следниот начин. Неговата потсвест станува хиперактивна, таа исфрла на површина значења кои ја навестуваат, но не ја покажуваат целата слика на работите. Процесот се преобразува во апсолутен елемент на самосвеста, чиј контекст субјектот го познава, но не може да го протолкува, бидејќи и самиот е фатен во замките на дволичниот афект. На ист начин, субјектот се доживува себеси и ги разбира другите. Другите исто така не можат да му одолеат на процесот, нивната самоизвесност не може да му побегне на субјективниот афект што ја обликува ситуацијата. Двете страни се заробени во мрежата на νιδιoτεληζ. Или затоа што премногу се сосредоточуваат во предметите на интерес спроти нив, или затоа што не можат да ја кристализираат ситуацијата од перспектива на нивната позиција. Транспарентноста на нивните сопствени формации се доведуваат во знак прашање исто колку начините на кои се самодоживуваат. Елементарната конституција на самодоживување ја позајмуваат од субјектот, но се самооценуваат поинаку од него. Се чини, дека ги запрепастува екстатичното самопројавување на субјектот, остануваат немоќни пред неговата бескрупулозна самоегзалтација. Изразот на неговото однесување им испраќа сигнали кои не можат да ги прескокнат. Во неговото перфидно молчење и злогласен спокој, го препознаваат гласот на претенциозно кажување бесмислици кои им ги упатува нив колку што си ги упатува себеси. Неговото однесување им се обраќа нив, им испраќа сублиминални пораки, но во еден момент, тоа се премислува и решава да се врати назад кон својот сопственик и двигател. Другите мислат дека се спасиле од неговата неподнослива наметливост, кога тоа се удвојува, па својот двојник го испраќа во нивна насока, да ја продолжи неговата мисија, додека самото се враќа дома. Така изгледа секое двосмислено однесување кое го интенционализира односот со другите. Колку што е насочено кон другите, толку се одвраќа и се движи кон себеси и обратно. Поради тоа, оваа псевдокомуникативна форма на однесување има два семантички слоеви исто како мелодичните мрморења во домородните општества.6 Домордоците не бладаат вртоглаво само за да ги повикаат духовите, да се трансформираат, за да излечат или да се преселат во отадестраните предели туку кога бараат прошка, за да се искупат за несреќите што ги снаоѓаат и да ги протераат лошите претчувства. Затоа, на пример, во третиот дел од серијата Војна на Ѕвездите, додека ситот Сидиус му предлага на Анакин решение за неговите лоши претчувства во позадината се слуша оперската изведба, која e експлицитно шаманско мрморење, а не прекрасни, продорни и консонантни гласови. Се разбира, субјектот се храни со инфериорноста на другите и нема намера псевдокомуникацијата да ја претвори во израз на сопствената пропаст. Неговите стремежи се вечно млади и прогридиентни (прогресивни во смисла на грандиозниот нарцизам), тој се обидува да ги уништи сите граници кои го спречуваат да ги егзуберира патолошките потенцијали на псевдокомуникацијата. Тој не е трагичен приврзаник на amor culpae, туку се обидува луцидно да ги искорне чувството на вина и инфериорност дури и од несвесното. Тој се приспособува на егзалтацијата за да се прокрастинира, за да ја забави можноста да падне и за да ја забрза победата што ќе се шири низ времето и ќе нараснува со него, т.е. тој цели кон победата која проградира. Субјектот сака по секоја цена да ја одржи состојбата за да ја одолговлечи победата. Се додека трае егзалтацијата, неговите непријатели присилно ќе се смируваат, а победата ќе блеска во славата на ловоровите лисја.

Субјектот и забранува на саморефлексијата да се осврнува и да го потсетува на овие екстравагантни патолошки моменти. Самото тоа што неговото самство се ориентира кон другите и се угледува на нивните реакции, па дури и со латентен страв очекува другите да го променат однесувањето и да се соочат со предизвикот, е знак за можен пораз. Но, ваквото сознание е толку продорно и досадно што тој се обидува да ги преосмисли циклусите што ги повторува постојано. Тој, се согласува да продолжи да ги развива механизмите на интуицијата, само за да може да го оправда успешниот обид, и повторно да ги предизвика другите со своите славни достигнувања кои немаат крај. Совеста како упорна самореференцијална единица го боде, треперливото срце на субјектот, го присилува да им се потчини на артикулираните и прогресивни персеверации, не за да чувствува и да покажува триумф, туку за вистински да ја оствари можноста-да-биде и да го потврди новородениот етос. Обидите на совеста да го разбуди го потсетуваат за сомнамбуличната позиција што ја практикува. Тој се препознава како ανιδιoτεληζ, како самство што си недостига себеси на специфичен начин. Во ваквата позиција и состојба ги гледа јасно своите слабости како во кристалната вода на подземните извори. Тој го изедначува Ανιδιoτεληζ и неговите симболични комуникативни динамики со погрешните стратешки персеверации. Тоа што тој се огледува во другите и нивните реакции само по себе ја навестува пропаста. Тоа што му недостига на самството е неговата целосна преокупираност со себеси и своите цели. Ако субјектот успее целото внимание да го пренасочи кон самството и неговите цели, ќе го анулира недостигот и сите фантазмагорични споредби и активности што тој ги носи со себе. Тој мора да се изземе себеси од споредбата и односите. Така ќе ги укине комплетно, и сите потенцијални погрешни персеверации кои се однесуваат на неговото надмоќно држење и неговите задачи. Ако го препроизведе „сценското“ искуство во вообразбата, треба да се огради од самопроекцијата и нејзините формации. Автоскопската длабочина ќе треба да ја редуцира до бездушна свесност за тоа дека некогаш детски и будалесто ги спроведувал несовршените фази на личносен развој, кои според рамништето не можат да прават ништо освен неетички да ги поттикнуваат инстинктите на човекот-дете.

Првично, изземањето на себеси од репродуцираното сценско искуство ќе ја повреди саморефлексијата. Субјектот ќе се спореди со ситуацијата, па како последица на тоа, ќе сфати дека си ускратува голем „дар“. На субјектот ќе го боли тоа што треба да се откачи од ситуацијата која му нуди извонредни поволности, го привилегира беспрецедентно и му дава натчовечка предност. Тоа ќе го растревожи неговото его, бидејќи ќе почнат да се тушат его-волумените кои паразитираа врз животодавните сокови на ситуацијата. Сите ситуативни, псевдобихејвиористички и псевдокомуникативни привилегии, кои никнуваа во полето на предрефлексијата, ќе исчезнат за час во спознанието на субјектот дека отстапува од „должноста“. Саморефлексијата ќе ја умртви предрефлексијата. Од самоизвесноста ќе протечат сите чувства на самозадоволство и сите попатни добивки на грандиозниот нарцизам, како што виното протекува од изрешетаното вино. Субјектот едвај се воздржува да не се сведе на ressentiment-типот, се  труди од петни жили да се ослободи од неговиот архетипски кожурец што се провлекува низ неговото тело агресивно и непоканет, па му ги заразува нервите со отровот на осветољубието, злобата и немоќта. Му инјектира нагони на непромислено вербално насилство и потреба итно да се пресмета однапред знаејќи дека ќе се онесвести од возбуда и болна нерешителност пред да си даде шанса да дејствува храбро. Неговата фрустрација струи латентно и ги предодредува неговите реакции во случај на опасност и предизвици. Се ужасува од себеси додека се гледа како некој што покажува надмоќ, па ги искривува сопствените иницијативи, ги претвора во кучешки лаеж неспремен да се соочи со болката и несреќата.

Свесноста за овој исход што струи во воздухот целосно го отрезнува субјектот. Тој застанува цврсто зад ставот дека мора да продолжи да ги развива образите, за да дојде до точката на нарцистично-господарска кулминација и пресврт кои се непознати и ќе му овозможи да дејствува храбро по секоја цена. Тој не може целосно да се откаже од држењето што го попримил преку потсвесното нарцистично-господарско искуство. Затоа, се држи господарски, ама не го провоцира опкружувањето, иако во него тлее чувството на задоволство кое потекнува од успешниот иманентен обид. Затскриените и распарчени врски што ја градеа симболичната (значи псевдо) комуникација, виси во воздухот како неодгатната мистерија. Тоа беа бихејвиористички знаци кои субјектот ги асоцира со опкружувањето и со негова помош ги преобразува во интеракционистички симболи. Преку нив, тој ја истакнуваше таинствената врска помеѓу неговиот сопствен напредок и успешниот  обид што го преувеличуваше неговото битие во неговите сопствени очи. Тоа не беше конкретен предизвик наменет за конкретни Други, туку сублимирана порака која му фрли ракавици на постоењето како такво. Другите беа симболични медиуми на неговиот општ став и намера. Најпроникливиот менталист, не може да состави правилна слика за дадената состојба на работите како што најмудриот домородец не може да ги разбере шумоликите пеења на шаманот. Распарчениот говор на шаманската уста и нецелесообразните движења на  субјективното тело, не можат да се пресостават и осмислат конзистентно, затоа што на толкувачите им недостигаат поредоци од објекти врз овие симболични интенционални комплекси ќе остават видливи траги. Субјектот дејствува така како што му претполага ситуацијата. Тој не прави ништо невообичаено, освен што ги заразува со духот на перфидна надмоќ сите околности и атмосфери до кои ќе се допре. Шаманот се сосредоточува во себе, додека се однесува крајно ексцентрично. Во однесувањето на субјектот се насетуваат траги на ексцентричноста, но нив ги засенуваат тивката и латентна зловолност која го обзема неговото битие.

10.

Субјектот се потсетува уште еднаш дека преголемата самодоверба ќе го претвори соживувањето со успешниот обид во погрешна персеверација. Неговото симболично интерактивно однесување не беше ништо друго, освен модел на преголема доверба во себеси, која крие во себе значителни сеизмички потенцијали. За среќа, субјектот ја препозна и разобличи конфигурацијата на погрешно персеверирање, односно погрешно повторување на успешниот обид. Етимологематските механизми можеа да го навлечат субјектот да ги вклопи нивните динамични модуси во несоодветни работни тела. Тој се спаси од тоа искушение. Поволните последици се очигледно: еве го се обидува да ја разоткрие тајната на успешниот иманентен обид. Сега, солипсистичката феноменологија на успешниот обид му ги поставува исти стапици на субјектот. Тој може толку да срасне со улогата на господар, што нема да може да се справи со шокот што ќе му ги приредат другите со нивната „бихејвиористичка револуција“. Наместеното спокојство ќе се сруши како кула од карти, пред налетот на очекуваната неизвесност. На негова голема радост, и оваа пречка е надмината. Тој ја виде погубната игра на улогата и нејзините занесни длабочини. Субјектот ја одбегна несреќата со помош на совеста која е секогаш интринзично самореференцијална, како што потпевнувачкото шаманско бладање пушта корени во совеста на древните духови и ги уверува да се смилуваат.

За субјектот, нема ништо лошо во тоа да се биде  Ανιδιoτεληζ, и повеќе или помалку selfless. Тоа е неопходен онтолошки момент, без кого што не може да се замисли субјективниот напредок. Недостатокот-од-самство, го огладнува субјектот, го присилува да тргне во потрага по изгубениот дел. Но, секоја асоцијација која ја преобразува вредноста на самството, на одреден начин, му краде дел од неговото сопствено битие, го претвора во сопствена подлога. На секоја асоцијација и е потребна „хранлива ќелија“. Асоцијативната вредност му се враќа на сопството и го компензира недостатокот, за веднаш да го растргне друга слична вредност со која субјектот ја поистоветува самосвеста. Самосвеста се сообразува со вредноста која асоцира на самството. Додека се случува тоа самството е централна референца и темел на односот, но истовремено односот помеѓу самосвеста и вредноста го засенува самството. Четиригодишното дете го лажат дека оној што тропа на врата е лош чичко што ќе го украде со торба, за да се смири. Штом влезе гостинот, му велат дека мистериозниот тропач си заминал и дека по него дошол гостинот. Детето не разбира дека не е можно во толку краток период и за време на една исто собитие, две различни личности да си ги заменат местата. Тоа ќе прави ист логички пропуст во секоја следна прилика. Слично нешто се случува со диспозиционираното самство. Односот помеѓу самосвеста и вредноста се одвива во духот на неговата сеприсутна појава, но самството отстапува откако субјектот ќе се сосредоточи на самиот однос. Тоа повторно се актуелизира откако субјектот ќе му ја припише вредноста на своето фактичко присуство-во-светот и ќе ја отстрани од самосвеста. Но неговата истакната независност не се одржува долго, бидејќи субјектот повторно интегрира во свеста нови вредности поврзани со самството. Самството, секогаш учествува во овој однос предрефлексивно. Тоа е хомологно на односот, ама од перспектива на актуелизациите тоа е во подредена позиција. Вредноста се вклопува во самството, така што, самството мора да отстапи пред однос на вредноста со самосвеста пред да му се припише вредноста непосредно. Самосвеста ја спроведува вредноста до самството пред да даде привремена оставка.

Самството е инхерентно остварен ентитет; тоа е јадро со бесконечен потенцијал што ги собира во себе сите аспекти на нарцистично-господарскиот живот. Она што се остварило во себе, секогаш се стреми да се вклопи во нешто друго, слично или различно од него. Секој развој има метонимична динамика. Во случајов, сé секогаш се вклопува во самството и се стреми кон него. Оттука, Ανιδιoτεληζ не претставува никаков проблем, без оглед на тоа колку пати самството ќе ѝ отстапи симболична предност на самосвесно-вредносната врска. Претпоставката дека субјектот губи самодоверба затоа што самството никогаш не може да се најде себеси и да се отелотвори целосно е неточна. И покрај тоа, факт е дека субјектот тргна во авантурата на нарцистично господарење за да се пројави така што неговото самство неизоставно ќе се соедини со вредностите кои ќе ги круниса авантурата. Тие ќе ја издигне примордијалната полнота на самството, затоа што и самите ќе бидат негов развиен и високодетализиран корелат.

Друг благопријатен момент е тоа што ни етимологематските механизми, ни каузалното временување на успешниот обид, не се целосни „апарати“. Тие мораат да се дополнуваат едни со други, така што ќе создадат една целина, која ќе може метонимично да се поврзе, поточно, да се вклопи пригодно во други комплементарни структури. На успешниот обид му недостигаат структурни изрази кои ќе ги втемелат неговите јасно разделени траектории на движење. На етимологематските механизми им недостасува динамиката што воспоставува стандардно движење во сите правци и овозможува тоа да се измери, структурира и определи. Instruere следеше строга развојна линија, која се должеше на интерно движење однадвор кон внатре. И каузалното време на успешниот обид се однесуваше исто, со таа разлика што, тоа ги остваруваше циклично своите етапи, не насобираше материјали на едно централно место, туку ги размножуваше сопствените движења во рамките на цикличното и интуитивно гешталт-доживување. Во таа смисла, нивните шеми следеа сериски поредок,7 со еднонасочен вектор. И instructio има сериски поредок, но неговата јасност се губи, поради тоа што сестраното проширување на блоковите и нивното разгранливо зголемување и вклопување во други блоковски структури, повеќе ја покажуваше општата димензионалност на векторите во шемата,8 отколку што начинот на кој таа се структурира во себе и за себе. Ако ги соединиме перспективите грубо, ќе видиме дека ниедна од овие шеми не се подудира со другите целосно. Секогаш постои вишок што ја спречува нивната синтетична функционалност, ама овозможува да постојат конметонимично еден покрај друг. Имајќи ја предвид метонимичната природа на сите каузални процеси, субјектот не се стреми да ги вклопи шемите една во друга целосно, туку пригодно, толку колку што ќе им помогне на шемите да работат ем самостојно, ем во склад со визиите на достигнување синтетична цел.

Субјектот продолжува да влече заклучоци во согласност со можноста сериските временски пројави да ги вклопува во динамичните вектори на етимологематските структури (или механизми). За него каузалното временување е влезна единица со чија помош се мери секоја динамичната етапа во структурата. Динамичните вектори се контекстуални единици. Тие им помагаат на временските шеми да се приспособат на нивната псевдоструктурна, односно нецелосно демонстрирана работа и да ја изразат. Изразите се скриен единици кои покажуваат како влезните едници ги истиснуваат на површина суштинските карактеристики на контекстуалните едници, чија шема пред тоа, беше лошо дефинирана. Така, каузалното временување и етимологематските механизми воспоставуваат мемориска мрежа,9 според која се раководат додека ги сублимираат метонимично своите засебни структури. Притоа, не се работи за мерење на векторските движења во instructio. На пример за колку време една искуствено-семантичка асоцијација се поврзува со друга за да создадат блок. Каузалното временување создава метрички координатен систем, што ќе ги разграничи векторските движења едно од друго и ќе ја претстави нивната разнообразна, многустрана и многунасочна траекторија. Тоа само ќе го уреди принципот на разгранување. Како последица на тоа, ќе ја претстави во вистинското светло структурата на instructio. Нему му е полесно да се разбере со instruere, затоа што, нивните динамики се одвиваат на иста бранова должина. Instructio е проблематично, заради неговата напредна интуитивно пројавување. Исто така, субјектот ги антиципира метричките интервенции на каузалното временување. Тие не се и не можат да бидат прикажани интуитивно.

Оваа хипотетичко и напредно структурирање на шемите е само по себе е нов успешен обид да се достигне резултат во сферата на чистата интуиција. Сега може да се каже со сигурност дека субјектот се врати на вистинската патека.

Чувството на успех може да биде лажно. За среќа, во случајов тоа е веродостојно. Покажува дека постапката што ја организира субјектот во душата постои и ги следи неговите намери. Иманентниот обид не е ефемерно доживување. Тој има сопствена аналогија во прагматизмот. Заземањето апологетски експериментален став, не е само замрзнат и квинтесенцијален гест на научникот. Тоа е форма на соопштување во која научникот ги изложува постапките што ќе ги преземе во согласност со неговите идеални заложби. Ваквиот став го менува целото негово однесување и го опседнува со потребата замислата да ја претвори во реалност[10]. Неговата ориентација поприма симболични манијакални навики. Прагматичниот обид се разликува од обидот со иманентна форма само според тоа се темели врз телесните и говорни ритуали. Иманентниот обид е тивок и предиспозициониран чувствено. Но двата се статични во исто време динамични на свој начин. Прагматичарот се обидува така што спори, докажува и покажува. Субјектот се обидува така што живо ги антиципира интуитивните механизми и нивните форми кои се усложнуваат постојано. Всушност, иманентната форма на обидот се вклопува метонимично во поконкретниот прагматичен обид.

Ова беше генетски вовед во фазите на усложнување на обидот. Кога си имаше работа со секоја од трите шеми посебно, субјектот ги антиципираше систематските врски. Сите шеми имаа свои структури, динамики и вектори. Но нивната поединечна пројава не само што ги правеше неуверливи, туку ги засенуваше нивните механизми. Тие не можеа да се огледаат во себеси. Мораа да пронајдат корелати кои ќе ги разјаснат нивните внатрешни соодноси, ќе ги распоредат врските и ќе ги расчистат односите. Додека субјектот ги преразгледуваше примордијалните фактори на интеракција, создаде нови поединечни систематски врски, каква што е на пример вклопувањето на серискиот временски поредок во разностраната векторска динамика. Овие поединечни врски ги соединија шемите метонимично една со друга. Освен тоа, тие го продлабочија обидот, открија една нова негова димензија која го засили продорот на интуицијата во душата и во свеста. Со ова субјектот полека но сигурно ја усложнува постапноста, ја дели, распоредува и распределува сама во себе, се додека не ја затвори во конечна процедурална рамка. Имајќи ги предвид сите метонимични можности и поврзувања, процедуралните рамки не се толку едноставни колку што изгледаат. Од оваа перспектива, тие се згуснуваат и се повеќе го  попримаат карактеристики на чувството на постапност. Досега, постапноста се систематизираше во себе на следниов начин. Од чувството на постапност произлегоа етимологематските механизми. Тие имаа своја несовршено детализирана структурна динамика. Нејзиното постоење, почна да го развива систематски чувството на постапност. Нив им се додаде каузалното временување содржано во иманентниот обид. Тоа внесе светлина во етимологематските механизми и воспостави нови структурни динамики и принципи. Така чувството на постапност се усложни толку што неговите систематски структури, го оставаат во устата горкото чувство на релативност, својствено за неговата чувствена основа. Субјектот не смее да се жали. Интуицијата е плодна почва за тоа. На неа најмногу успева горкото чувство на релативност, затоа што, таа работите ги прикажува како да се целосно отсутни. Ако целосно отсутното кое присуствува на крајно редуциран симболичен начин, е уште и сложено во себе, агонијата на субјектот ќе биде бескрајна, ако не ја усвои нејзината природа и не ги отелотвори нејзините наметливи предлози.

Синоними за обидување се две интуитивни постапки: опипувањето и импровизацијата.

Субјектот преговара со себеси во однос на тоа кои елементи во полето на иманентниот обид можат да се ускладат едни со други смисловно така што во нивната функционална синтеза ќе се одрази развојот на обидот како таков. Оваа постапка се нарекува опипување на можностите. Откако субјектот ќе ги опипа складните варијанти, ќе ги издвои од неупотребливите и ќе одлучи дека се соодветни за унапредување на обидот, ги поврзува од разни перспективи за да види кои перспективи ќе им овозможат да се поврзат така што нивната врска ќе се отвори за метонимичните реалности. Вака субјектот импровизира со избраните корелати. Интуицијата не ќе беше работоспособна ако опипувањето и импровизацијата не беа инхерентни на нејзините оперативни можности. Тие ја предусловуваат и предодредуваат нејзината функционалност.

Дводелниот пристап на интуитивниот (иманентен) обид е прототипска постапка, која ги соединува во себе нагонските, рефлексните, инстинктивните, интенционалните, волевите, бихејвиористичките и дејствените потенции. Овој пристап ја втемелува постапноста и нејзините процедурално разграничени структури. „Ова се одвива вака“ – вели постапноста. „Затоа што се одвива така мораш да постапиш усогласено со начинот на кој нештото се одвива“ – ја дополнува процедурата. Ако постапноста нема одговор за начинот на кој се одвива нештото, процедурата не ќе може да го советува субјектот да се однесува во склад со условите на нештото. Развојот од постапност во процедура зависи од тоа колку успешно соработуваат опипувањето и импровизацијата. Последните ги поставуваат темелите на систематичноста, затоа што се нејзини ембрионални пројави. Двете комплементарни постапки и обидот како таков се идентичен актант. Како што ќе се преместува вниманието од ембрионалните пројави кон систематските можности, така ќе се шири и ќе се усложнува обидот. Колку и да изгледа, кршливо, нестварно и произволно, иманентното обидување нуди постапки кои му овозможуваат на субјектот да ја доживее преобразбата на постапноста во процедура. Оваа преобразба е интуитивна, но доволно длабока. Таа успева да го увери дека постои структура, која преку развојот на своите сегменти, и помага на систематичноста да се диференцира сама во себе.

Обидот не ќе беше обид ако мораше да плаќа кредити. Тој е однапред спасен од долгови ако е вистински. Всушност, погрешните персеверации се единствен начин на кој обидот може да се самоорганизира, самовоспостави, самопреобликува и самореконституира. Ако ги изземеме прагматичните финеси, обидот нуди крајно неизвесна и нејасна постапност. Ако пак, му ги додадеме финесите, тој се претвора во густеж од сложени постапки. Како и да е, самата постапност се претвора во највисок експериментален предизвик. Нејзината целесообразност зависи од два слоја на активности. Од опипувањето кое треба да помогне да се пронајдат конкретните структури. И од импровизацијата која помага да се осмислат нивните статични и динамични врски. Ако, овие комплементарни пристапи успеат, постапноста ќе се диференцира во себе. На крај, таа ќе се претвори во координатен систем што ќе го ориентира субјектот. конечно ќе се смести во процедуралната класа. Ваквиот експериментален предизвик е густ и вознемирувачки. Во крајна линија, двослојниот обид што довел до тоа постапноста да прерасне во процедура, не треба само да се отслика во процедурата. Тој треба да се надрасне себеси, да се претвори во потенцијал што субјектот ќе го искористи додека се труди да ги оствари нормите во процедурата со кои се соочува прв пат.

За да кажеме дека субјектот се обидува тој не мора прв пат да се соочува со процедурата што треба да ја исполни. Субјектот се соживуваше со етимологематските механизми и се обидуваше да ги дофати, без разлика на тоа што ги познаваше. Тој го дегустираше познатото, за да оствари повисока цел. Според тоа, обидот не е само сила која се искористува при прво соочување со нормативни предизвици, или кога ги предизвикува своите привремени достигнувања.

Овојпат работите се менуваат. Субјектот се соочува со нови можности, кои бараат повеќе да се ангажира и да се обидува. Етимологематските механизми му беа дадени однапред. Тој само требаше да ги доживее и да ја соочи свеста со искуствата што ги стекнува преку нив. Каузалното временување внесе инструментални новини и го затвори метонимичниот круг. Сега во негова сопственост е една завршена метонимична фаза. Таа фаза му ги откри потенцијалите на иманентниот обид. Сега обидот има своја структура која треба да се доразвие. Субјектот досега ја развива успешно.

Ако ништо друго, односот помеѓу опипувањето, импровизацијата, постапноста и процедурата ја открија природата на иманентниот обид. Првите две категории се посродни со него, бидејќи оперираат во рамките на интуицијата. Тие се протегаат кон конкретните инструктивни структури, му помагаат на субјектот да ги создаде или да ги следи, но го трансцендираат материјалното дејствување, не се негови видливи составни делови. Тоа се сили на интуицијата кои го приспособуваат субјектот на материјалните инструктивни околности. Вторите категории, постапноста и процедурата во принцип би требало да отсликуваат конкретни инструктивни структури, а не да се поистоветуваат со интуитивните дејства. Иманентниот обид ги опфаќа сите овие предуслови и создава слика на работите која не исклучува ниеден од нив.

Со ова, субјектот го исцрпува знаењето што го стекнува за природата на иманентниот обид. Но, неговите интуитивни активности не прекинуваат тука. Секогаш кога се обидува да направи нешто прв пат, односно да замисли некаква корисна активност а постапката не е шематски прикажана, субјектот замислува априорна шема. Тој никогаш не ја испробал шемата на практика, ниту знае дали ќе опишува теоретски состојби, начини на конструктивно дејствување или ќе претстави практично применливи содржини. Тоа е еден вид прототипска структура на безобличен систем, архетип кој верува погрешно дека се воплотил во модел, појава-без-изглед која упорно тврди дека е појава-со-изглед. Ако идејата за план ги покрена етимологематските механизми, идејата за прототипска структура ги инкапсулира сите можни исходи од интуитивниот експериментален обид. Етимологематските механизми беа готов производ кого субјектот се обиде да го совлада со привидно приготвување планови. Априорната шема на обидот е отворен систематски предизвик што треба да се претвори во целесообразен систем од интуитивни и вообразбени, т.е. инконструктивни постапки.

Во исто време, субјектот се соочи со две интуитивни реалности. Стана сведок на затворањето на првата метонимична фаза и произведе закони на корелативно соединување. Субјектот остана насамо со продлабочениот иманентен обид. Субјектот чувствува дека има време да смисли како ќе го конституира идните постапки, како ќе ги организира во систем и како ќе открие дополнителни пристапи кои ќе го усовршат принципот на поврзување и самите врски. Со други зборови, тој е подготвен да ја диференцира постапноста до крај и да создаде кохерентни процедурални синтези. Во меѓувреме, субјектот чувствува длабока празнина и смета дека психоменталниот безизлез си поигрува со неговата надеж. Априорната, безоблична и наизглед целенасочена шема е чист модуларен пристап, исто како јадрениот план. Но, колку што го поттикнува субјектот да размислува за сложениот збир од постапки што ќе ги искористи за да напредува, толку беше празно чувство на подготвеност да се решат проблемите, кое не знае ни самото со какви постапки си има работа. Нејзиното двосмислено афективно влијание се совпаѓа со влијанието на планот. Планот го поттикнува на субјектот да биде подготвен за дејствување. Априорната шема го охрабрува да се фати во костец со можните динамични и структурни предизвици. Така, субјектот му пристапува на предметот на интерес, односно на способноста за обликување образи, од два генерални агли. Тие се нецелосни и фалични повеќе од останатите интуитивни актанти, затоа што, имаат генерална функција. Сé во интуитивното поле се пројавува генерално, колку и да е специфично само во себе. Но генерализацијата која не содржи посебни специфичности, стои најблиску до непосредната интуиција.

Субјектот ја издигнува способноста да обликува произволни образи на ниво на објект. На тоа му даваат право сите механички прогресии што ги доживеа во сопствената душа. Субјектот размислува махинално за карактеристиките на оваа сублимна сликоцентрична процедура. Ова е прва постапка која не кажува ништо за сублимната процедура. За неа, повеќе зборуваат конволутивните сеќавања на надмоќ отколку досега разгледаните механизми на интуицијата. Нив, тој однапред можеше да ги набљудува махинално и да ги разгледува детално, бидејќи не беа чисти објекти. Интуитивните целини, субјектот мора да ги восприма чисто. Тој не може да ја преобрази чистата интроспекција во чин на набљудување и разгледување. Од оваа перспектива механизмите на воспримање опаѓаат. Место чистата интроспекција да се самоконституира како набљудување, а после и како разгледување, таа се сведе на антиципација која проникнува во најдлабоките спецификации на секоја предметност, но не може да го покаже нивниот лик. Во нашата таблица со категории, разгледувањето не е запознавање со обликот на објектот, туку обид да се детектира семантичката длабочина во нивните непосредни изрази. Исто така, набљудувањето не е воспримање на начинот на кој објектот функционира и се однесува. Набљудувањето е основна рефлексивна единица, која му овозможува на субјектот да го продлабочува воспримањето. Тоа се соединува со разгледувањето, па откако ќе му помогнат на субјектот да ја согледа вредноста импрегнирана во обликот, или да опфати повеќе такви вредности одеднаш. Така, проактивното чисто воспримање добива содржина за дополнителна обработка, содржина која веќе неговите два претходни модуси почнале да ја остваруваат. Всушност, оваа постапка е централен квалитет на обидот искуствата да се преобразат во хипнагогички објекти, а хипнагогичките објекти да напредуваат и да се организираат во согласност со претпоставената смисла.

На субјектот го заплиснува свежиот воздух на промените од интуитивна во визуогена природа. Секој интуитивен пристап го надградува претходниот, или го вклопува во својата напредна активност. Сите заедно, тие се инваријантни и инвертирачки постапки кои ја телеологизираат универзалната функција на интуицијата. Колку вакви пристапи однегува субјектот толку се зголеми неговиот креативен интерес за објектот, за произволното обликување. Тој има доволно кохерентни и меѓусебно разграничени механизми и механизми разграничени во себе, за да сфати како постапноста од густо јадро на систематичните процеси се растегнува и ја модифицира структурно својата незабележлива, собрана-во-себе и хаотична форма. Субјектот научи да ја составува постапноста на најтешкиот начин: така што ги раздвои гешталт-состојбите и ги уреди во една нераскинлива процедурална синтеза. Чисто хомогената содржина успеа да ја преобрази во кохерентна интуитивна структура. Со секое расчленување и јасно разграничување на интуитивните пристапи и постапки, субјектот почна да доживува и да препознава како се структурира нивното определувачко ткиво. Се навикна на генералното интуитивно пројавување кое генерализира сé, како што човечкото око се приспособува на околните јачмени. Структурните можности на интуицијата и флексибилните механизми на етимологемите беа организирани трансценденции кои обелоденуваа дека постапноста е нивен примордијален модус. Тие почнаа да се преплетуваат диференцирано и функционално раздвоени едни од други за да создадат динамичен шематски образец што ќе ги поттикнува визуогените процеси. Со тоа, тие го зацврстија феноменалното присуство на постапноста, кое пред тоа беше релативно втемелено во чувството за постапност.

Постапноста беше произволно јадро на систематските промени и стремежи кон промена, која го поттикна субјектот, произволно да ѝ пристапи на интуицијата. На почеток, субјектот се обидува да ги спознае тајните на интуицијата најбрзо што може преку овој произволен пристап. Но откако разбра со колку тврд орев си има работа тој, ја промени стратегијата. Веќе не се обидуваше да проникне во нејзините тајни произволно во надеж дека некогаш ќе ја оствари првопоставената цел. Го смени курсот на персеверација. Тој почна одново и произволно да проникнува во интуицијата за да создаде експериментална, импровизаторска и опиплива атмосфера. Така стана свесен дека етимологемите играат фундаментална улога во апаратот на интуицијата. Но субјектот не ја познаваше текстурата на атмосферата што ја создава. Тој ќе почне да ја осознава текстурата откако ќе стекне претстава за функцијата и суштината на иманентниот обид. Од оваа гледна точка, неговите првични произволни пенетрирачки обиди се инстинктивни, исто колку и неговото познавање на текстурата. Иманентниот обид ги разјаснува работите во полето на обидувањето, исто како што инволутивните интуитивни структури го обликуваат скелетот на постапноста.

Секој комплементарен сегмент од интуитивните механизми исцртува граници на совпаѓање (колку нештата ќе работат меѓусебно) и ги предодредува можностите на составување (како нештата ќе стапат во функционална интеракција). Вака, сегментите градат општа претстава на чинови кои овозможуваат да се формира соодветно структурно единство кое ќе има универзално функционално тело. Постапноста има второстепено значење кое зависи од овој модел на разбирање на структурните врски на сегментите. Значењето ја релативизира постапноста и ја враќа на почетокот, кога беше длабоко сугестивно и во исто време релативно чувство.

Честопати, кохерентните структурни распределби совршено да ја отсликуваат постапноста и нејзините етапи. Тие ќе формираат работни односи. Секој релационистички корелат е на функционално растојание кое му овозможува да ја потврди својата кохерентна позиција. Корелатот зазема веродостојна кохерентна позиција, ако неговото растојание е толкаво што ќе му овозможи правилно да се поврзе со останатите корелати. Ако релационистичката синтеза на корелатите покаже резултати, за нив велиме дека се комплементарни, дека фактички си припаѓаат еден на друг. Тоа автоматски значи дека корелатите зазеле правилни кохерентни позиции и се сместиле на идеално растојание. Во таа смисла, тие се конзистентни. Ваквите практични разграничувања и недостигаат на интуицијата. Тие се нејзина ахилова пета. Притоа, корелатите и нивните врски ги отелотворуваат перспективите на објективната процедура. Секоја перспектива и припаѓа на постапноста толку колку што и припаѓа на процедурата. Разликата е во тоа што, од гледна точка на постапноста, работните односи, се формални структури кои се делат на динамични акти. Од страната на процедурата пак, работните односи се динамични акти кои формираат формална структура.

Како и да е, метонимичната, па дури може да се каже отворената системска природа, не ги растура механизмите, ама ги модифицира во склад со поамбициозните телеолошки цели. Постапноста е совршена толку во колку целосни метонимични низи се вклопува. Нејзиното совршенство е подложно на редимензионирање. Но постојат две редимензионирања. Едното го спасува нејзиното совршенство, а другото целосно го укинува, се додека не произведе производ што ќе се вклопи метонимично во претходните низи. Со ова сакаме да го кажеме следноцо. Ако постапноста ги опфаќа структурите на поединечниот механизам, или опфаќа два или повеќе механизми кои се проникнуваат функционално, го зачувува совршенството. Таа го спасува совршенството затоа што се отсликува во механизми и во врски помеѓу механички блокови на кои не им недостига ништо во функционална смисла. Но доколку почне да настанува механизам чија градба е подложна на произволни процеси, на експерименти кои почнуваат од нула, постапноста губи ориентација. Во идеална и интуитивна смисла на зборот, таа е изворен ориентир. Но во смисла на нејзината приспособлива природа, таа и подложи на експерименталната проверка исто колку „новокомпонираниот“ механизам. Таа им се потчинува на правилата кои субјектот ги создава за да го изгради механизмот. Освен тоа, таа е немоќна пред функционалните етапи на механизмот кои не се изготвени. Со други зборови, субјектот создава целосно упатство додека ги следи неговите осмислени етапи. Со тоа, во исто време ја осмислува и постапноста.

Додека создава упатство, субјектот мора да ги земе предвид неговите нормативни слоеви. Прво, треба да создаде правила на осмислување. Тие се заклучуваат во следново прашање: какви категории најдобро ќе ја опишат и состават посакуваната синтеза? После тоа, тој треба да смисли начини на материјализација, или кажано со негова уста и на негов јазик: „Откако ги избрав овие категории, како да ги распоредам, за да можат да ги постават темелите на хиерархијата без која е невозможна веродостојната синтеза? Откако ќе го совлада и овој предизвик, тој треба да се праша каква објективна улога може да одигра материјализираната синтеза. Најпосле, тој мора да ја покаже на делото улогата и нејзината функционална природа. Оваа шема го открива внатрешниот статус на нормата. Стандардно, нормата е принцип на наметнато дејствување. За да може да дејствува субјектот мора да знае како да го прави тоа што мора да го направи, па дури, ова е најнеопходно, да разбере дека мора да го оствари тоа „како“ и постојано да го повторува во соодветна пригода. Нормата го приграбува правилото. Правилото ја осветлува нормата со најгрозно светло. Обврзувањето го поробува известувањето и предупредувањето го претвора во плашило, во двојник на неговите сопствени садистичките пориви. Нормата не постои за да му заповеда на субјектот да се снајде помош во практичното пространство и да ги спроведе практичните иницијативи со нејзина помош. Таа го држи правилото во заложништво, го преувеличува и го форсира, го седнува на заповедничкиот престол за удобно да манипулира со него. Нормативните слоеви покажаа како еден нормативен идеал се провлекува во потребата да се осмисли упатство. Тој се преплетува со материјалните и менталните дејствувања; се им самоподметнува на дејствувањата кои се менуваат каузално и од логички се претвораат во практични.

Нормативниот идеал му се обраќа на дезориентираното и проблематично однесување. Неговиот семантички код во случајот што го опишавме се совпаѓа со иницијативните на интуицијата, бидејќи му дава на субјектот упатство кое ја унапредува нејзината функција: му покажува кои генерални чекори треба да ги преземе за да излезе од интенционализираната смисловна магла. Тоа го ослободува субјектот од безобличните контексти во координација со интуицијата. За разлика од него, постапноста ги предусловува потенцијалните структурни конфигурации. Таа, најпрво е чувство кое му помага да ги претпостави чиновите што треба да ги спроведе уште пред да ги запознае, и најмногу, затоа што не може да ги види. Ваква е интуитивната функција на постапноста. Впрочем, заради интуицијата, постапноста на почеток е само чувство. Семантички прикажаниот нормативен идеал ѝ помага на постапноста да се запознае со модуси кои се интуитивни, но се разликуваат од нејзините чисти појави и антиципации. Семантичкиот код ја преобразува интуицијата од чиста во знаковна. Колку заостанува субјектот во поглед на нормативниот идеал толку ќе ја оствари постапноста. Нормативниот идеал е траекторија од генерални правила што го предодредуваат степенот на систематски напредок. На нашиот субјект му недостига семантички приказ, тој ги има само етимологематските механизми на интуицијата и иманентниот обид што ги телеологизира со помош на каузалното временување. Тој се ужасува што мора мачно да се влече во лепливото блато на метонимичните можности што претполагаат последователни и доследни структури.

12.

Субјектот седи со метонимичната фаза во ќорсокакот што си го организира и не знае што да прави. Етимологематските механизми не се повеќе инертни комплекси, туку флексибилни структури чии траектории можат да се шематизираат временски, независно од тоа дали траекториите се еднонасочни и праволиниски (повторно како кај instruere) или се разгранети и создаваат хаотичен сообраќај (повторно како кај instructio). Овие механизми се затворија во себе. Иманентниот обид кој ги усоврши преку неговата суштина на пројавување, остана отворен. Никој не објави дека се самотелеологизирал. Ги покажавме границите на неговата природа. Но тоа не значи дека неговите функции не се развиваат врз основа исцрпената природа. Одлики на неговата природа беа следниве: 1) ги организираше иманентно систематичните квалитети кои беа својствени исклучиво за интуицијата (опипувањето и импровизацијата) и систематичните квалитети својствени за изразените инструктивни структури (постапноста и процедурата); 2) тоа беше став што содржи во себе форми на експериментално дејствување, без оглед дали ставот претполага материјални или интуитивни експерименти. Емпиризмот како експериментална категорија се однесува на материјалниот експеримент (ако опфаќа конкретни инструкции и конкретни потенцијални структури), но и на интуитивниот експеримент (ако негов предмет на интерес се интелигибилните визуелизации). Иманентниот обид мора да излезе од територијата на интуицијата заедно со интуицијата, за да ги испробаат своите потенцијали, пред се во визуогената сфера, а после и во сферите на значењето кои потекнуваат од нејзините организирани хипнагогички облици. Покрај тоа, дополнителен доказ за тоа дека развојот на функциите и оперативните овластувања ја распространува самоеднаквата природа е интуицијата. Таа се развива механички во себе без да ја изгуби предоминантната карактеристика на чиста и длабока антиципација, полна со безоблични познанија. Освен тоа, интуиција ги вклопува во сите други трансцендентални сфери своите механизми, што значи, и својата природа.

Целосните етимологематски механизми формираат метонимична фаза. Таа е своевидно идеално упатство, бидејќи ја опфаќа и структурира антиципацијата. Тоа  исто така е содржина, бесформна во смисла на тоа што нема јасно разграничена емпириска структура. Ние ги опишуваме интуитивните динамики на етимологематските механизми лингвистички. Се обидуваме да ги претставиме колку што е можно поемпириски. Но впечатокот што го оставаат нивните структури не се подудира со оригиналните емпириски производи, и покрај тоа што се одвива според некаква рационална законитост. Иманентно структурираната антиципација се сублимира толку колку што механизмите го заразуваат субјектот со телеолошкиот впечаток. Оваа состојба го гуши. Како понатаму?

Отворените можности на иманентниот обид ја ослободуваат метонимичната фаза од маѓепсаниот круг. Но тој не е осамен во рушењето на циклоидната метонимична фаза, т.е. на фазата која се врти самодоволно, или присилно во круг. Етимологематските механизми не се толку целосно колку што изгледаат. Тие му одат во прилог не само на обидот што треба да се развие, туку и на етимологемите кои ќе откријат потенцијали за кои се сметаше дека се целосно исцрпени.

Субјектот си ги претставува етимологематските механизми како динамична структура. Структурни моменти се траекториите, шемата на разгранети ентитети, патеките по кои можат да се движат и насоките кои смеат да ги следат. Динамични моменти се начинот на соработка, ориентациите на ентитети во просторот од-миг-во-миг и насоките што ги избираат во дадено време. Првите се координирани вектори кои им ги покажуваат на ентитетите границите и можностите. Вторите се потенцијални сериски движења во кои се отелотворуваат можностите и ги покажуваат границите. Актуелната слика на состојбите што се протега во времето покажува како координираните вектори се конфигурираат се додека не состават комплекс од сериски движења. И обратно: како потенцијалните сериски движења можат да состават формација од вектори кои ќе се пројават координирано на специфичен и врамен начин. Каузалното временување претпоставено како серија разновидни векторски промени ги врзува етимологематските механизми. Има и други слични и синтетични механизми поврзани со врзувањето на визуелните содржини. Всушност, тие обезбедуваат еден од клучните начини на кои субјектот подоцна ќе почне да ја организира смесата од хипнагогички облици. Поточно, тие се истовремени аспекти на интуицијата и вообразбата кои им помагаат да ги формираат хипнагогичките содржини.  Не е лошо да отстапиме од распоредот, па да ги споредиме со етимологематските механизми на интуицијата.

Постојат четири етапи на врзување кое се однесува и ги опфаќа визуелните атрибути на објектите.10 Постојат четири етапи на врзување кое се однесува и ги опфаќа визуелните атрибути на објектите . Прва етапа, се формации од механизми на вниманието кои оперираат сериски за да ја организираат и синтетизираат визуелната информација која им доаѓа од стварноста, или произлегува од антиципација. На оваа етапа и се надоврзува следниот модел на сврзувачко внимание. Тоа е примордијална шема која се модифицира и приспособува на визуелните елементи за да ги соедини и организира во рамките на сопственото реминисцентно искуство.

Наизглед, двете етапи содржат конституции кои им ги потчинуваат визуелните атрибути на сопствените организациски искуства. Но, ако размислиме подобро, механизми на внимавање во формацијата соработуваат експериментално едни со други и им пристапуваат на визуелните атрибути експериментално. Од друга страна, примордијалната шема содржи сопствено искуство на кое му ги потчинува визуелните елементи. Примордијалната шема е повеќеаспектуална и се редимензионира брзо во согласност со аспектите што ѝ се потребни. Таа им пристапува на визуелните елементи стратешки. Прво ги придобива со тоа што се приспособува на нивните суштини. Тоа и помага веднаш потоа полесно да ги вклопи и усклади во искуството што таа го има со визуелни организации кое е најприкладно за нивната актуелна асоцијативна групација. Стратешкиот пристап е подобро промислен од експерименталниот. Експерименталниот пристап е на своевиден начин, несфатливо наивен, иако претпоставува колективни оперативни потфати.

Втората етапа и нејзиниот атенционален модел имаат предодредена модуларна конфигурација. Таа содржи многу решенија, но на визуелните елементи им пристапува на еднодимензионален стратешки начин. Тоа не значи дека таа прави персеверациски грешки. Нејзините разновидни решенија ја надоместуваат едноличната персеверација. Во оваа смисла, втората етапа е стратешки предодредена и покрај тоа што искуството со визуелни организации и дава големи внатрешни овластувања. Искуството и дава овластувањата откако ќе ги затвори визуелните елементи на своја територија. Слична судбина со вториот модел на сврзувачко внимание дели и instruere. Неговиот механизам беше крајно едноставен и имаше една лесно разбирлива цел. Но, материјалите што чистите искуства и чистите значења ги таложат во центарот можат да бидат неисцрпни. Примордијалната шема е едноставна на прв поглед, поточно се додека визуелните елементи не почнат да се соочуваат со нејзините аспекти и оперативни модуси. Тоа што ги зближува со instruere е едноставниот стратешки пристап, а  не начинот на кој ги врзува елементите едни со други.

Формацијата од атенционални механизми оперира сериски така што едни механизми се заменуваат и надополнуваат со други во зависност од организациските планови и хаотичните визуелни групации. Овој пункт е основен аспект на предодреденост што се однесува на нивната синтетична работа. Но синтетичното дејствување целосно зависи од начинот на кој се пројавуваат визуелните атрибути, исто како што пројавувањето на визуелните атрибути се претвора во средство кое синтетичното дејствување го користи за свои цели. Instructio, се разгранува произволно, а неговите шеми на разгранување се непрегледни исто колку што е неизвесна напрегнатата корелација помеѓу механичките формации на вниманието и произволните групации од визуелни атрибути. Сликата на работите кај нив, во смисла на големината на описот, не е толку сложена. Но тоа што се крие во описот ги крши коските на умот.

Субјектот се запозна со два нови механизми. Едниот има стратешки, другиот експериментален пристап; едниот е формација составена од повеќе интеропративни механизми, другиот е примордијалната шема која содржина повеќе аспекти кои се претвориле во инструментални искуства. Тие опфаќаат визуелни елементи. Тоа значи дека дорсалната атенционална форма е непосредно вклучено во нивната работа. Но начинот на кој работат механизмите и самите механизми како такви, имаат интуитивна (или од перспектива на умот, апстрактна) структура. Според тоа, вентралното внимание е подеднакво вклучено во процесот. Двете вниманија соработуваат одвнатре, создаваат услови за емпириско врзување, преобликување и организирање на визуелизациите.

Во односот на етимологематските механизми се вмешаа иманентниот обид и каузалното временување за да го откријат примордијалниот структурен поредок. Етимологематските механизми беа непрегледни, а не беспоредочни. И односот помеѓу  механизмите на внимавање кое врзува визуелни ствари едни за други го проникнува една константа која ги продлабочува очигледните структурни состојби. Тоа се тополошките предиспозиции на визуелните атрибути и предодредениот начин на работа на атенционалните механизми. Примордијалната шема нема работа толку со произволни групации од визуелни атрибути, колку што ги избира „конструктивни“ визуелни елементи од општото асоцијативно пространство. Таа личи на човек што собира диви овошки од планинските дрвја. Шемата ги зближува искуствата едно со други (овде просторните метафори се целосно добредојдени) за да може да манипулира со нив. Предуслов за тоа е да се искачи на нивното рамниште. Формациите од подмеханизми на вниманието одеднаш се соочуваат со цели групации. Затоа нивната соработка е повеќеперспективна, повеќедимензионална и жива додека се случува „судирот“. Овој механизам потсетува на пчеларот кој храбро го прободува со своето заштитено тело облакот од живи инсекти. Ако ја имаме во предвид оваа паралела, полесно ќе разбереме зошто формацијата ги координира своите активности во согласност со ситуацијата на терен и од актуелните мобилизации на визуелните атрибути. Конечно, оперативните потенцијали на атенционалните механизми и позиционалните аспекти на визуелните атрибути покажуваат: како a) механизмот со примордијална и повеќеаспектуална шема се базира врз конвергенции, а b) механизмот со сериски и потмеханички формации се базира врз консолидации.11

Досега механичката синтеза на етимологемите е совршена. Нема никакви пукнатини. Субјектот запозна механизми кои стануваат структурно транспарентни според формула, слична на онаа што ја претрпија тие. Но дали сé може да биде навистина толку идеално? Постојат ли нешта што се целосно идеални? Нешто сигурно му побегнало на субјектот од пред очи. Ако е паметен, тој треба да верува дека се случила погрешно пресметана персеверација и да се радува ако ја пронајде. Само тоа може да го извлече од маѓепсаниот круг на метонимичната фаза. Всушност, ако кругот е маѓепсан, тоа значи, дека повеќе не постојат фази, а телеолошката метонимија – е вулгарен мит. Циклоидноста победува се.

Интуицијата е брановидно движење на душата. Тоа се заострува како брановите што ќе се доближат до брегот да го испреврти најситниот детаљ, за кого што знае дека е фактички непроменлив. Уште помалку треба да се сомневаме во нејзиниот моќен скептицизам, сега кога субјектот работи над неа во нејзината сопствена лабораторија и со нејзиниот сопствен инструментариум. Таа ужива во операцијата што се врши над неа. Не го саботира субјектот, туку му помага брутално.

Instruere воопшто не се совпаѓа со instruere, ни структурно ни динамично. Според тоа, идеалната претстава за синтезата на механизмите е втемелена во катастрофална лага. Коренот на синтезата не само што е проблематичен, туку се заканува да ги упропасти сите досегашни заложби. Каузалното временување се однесуваше на секој механизам посебно. Тоа се вклопи во механизмите. Но не им помогна да воспостават функционална синтеза. Таа ги флексибилизира динамичните структури на чија инертна основа и недостасуваа деривати. Ваквата состојба на работите не е чудна ако ја познаваме теоријата на генерални системи. Секој систем е составен од самодинамични структури. Нејзините внатрешни параметри се одразуваат во вмрежени координатни центри и шеми кои содржат сериски, векторски и временско-метрички квалитети. Секоја самодинамична системска структура остварува функции сочинети од внатрешните параметри така што ги операционализира, манипулира со нив за да достигне секторални системски резултати. Овие параметри се функционални секогаш кога формираат синтеза која ги приспособува за дејствување. Тие се оперативни, ако синтезата која ги приспособува за дејствување покажува резултати. Овие самодинамични структури на системот се поврзуваат со други сектори или со општата системска конфигурација, формално, само за да ја поддржат работата на центрите со кои се поврзале, или за да воспостават заедно повисока функционална синтеза. Повеќе самодинамични структури се поврзуваат за да воспостават автопоетичка контрола врз системот и да го телеологизираат преку повторувања на синтетичните операции.12 За нас е најважно, тоа што самодинамичните структури не се поврзуваат функционално, туку формално, а сепак, успеваат да создадат услови за нови функционални синтези и да се наметнат како двигатели на нивната активност без кои таа ќе биде невозможна.

Постојаното примопредавање искуства и значења во instruere се одвива сериски, односно периодично, со застои и брановидно; потоа, секој чин на примање и предавање се случува во одредено време и има одредена насока, стандардна, произволна, или фиксирана во даденото време, т.е. тој е временско-метрички и векторски. Оваа слика на работите, покажува параметри соединети во активна координатна мрежа, која се одвива самодинамично. За да не се повторуваме ќе кажеме само дека истата оваа шема на комплексните системи целосно се вградува и во instructio. Разгранувањето, формирањето блокови, соединувањето во нови целини – сите се одржливи и репрезентативни во смисла на класата од параметри инструментализирана погоре. Собирањето и размената на искуства и значења е основен механизам врз кого што се темели сета напредна интуитивна активност. Но, насобраните материјали од чисти искуства и чисти значења се развиваат, организираат и делат, откако субјектот ќе го заврши примордијалниот механички процес на насобирање. Или ако треба да му се наврати повторно на процесот на насобирање, тој ја стопира колку што е потребно активноста на актуелниот механички процес, на instructio. Така, instruere и instructio соработуваат исто како искуствата и значењата. Но колкав и да им е односот, тие се самодинамични структури, па дури и потсистеми на интуицијата, отсечени една од друга. Тие се поврзани формално-трансферентно затоа што едноставно си ги разменуваат чистите искуства и чистите значења. Затоа може да се каже дека instruere и instructio се функционално поврзани на релативен начин. Но нивните оперативни целини се разликуваат целосно, и покрај тоа што овие самодинамични ентитети си разменуваат заеднички содржини. Размената не е оперативна постапка. Тоа е едноставна и непречен проток која има за цел да ги поддржи самодинамичните процеси. Оваа постапка не ја нарекуваме оперативна, туку функционална затоа што е едноставна и спонтана. Да имаше поголемо практично значење постапката ќе се преобразеше во оперативен елемент. Тоа што етимологематските механизми го прават во рамките на самодинамиката, тоа е оперативен зафат составен од разновидни и бројни, или бројни и еднолични цели.

Субјектот е премногу долго заробен во интуицијата, опсесивно ја прождира, за да се задоволи со аргументот дека е доволно самодинамичните структури да формираат проточна мрежа што ја контролира и воспоставува работата на instructio и instruere. Тој сака нивните самодинамични структури да проникнат една во друга подлабоко, па макар таквото проникнување да биде симболично и илустративно. Тој има сопствена визија за мрежата од интуитивни структури и динамики. Таа не треба само да биде проточна и да прави едноставни и многунасочни размени. Нејзиниот сестран траекторијален проток не треба да го конституираат само поедноставените функционални синтези, туку и такви синтези кои ќе станат резултат на сериозна системска интерпенетрација. Освен што ќе бидат самодинамични, етимологематските механизми треба да отворат нови канали кои самодинамичната база ќе ја преструктурираат и ќе ја отворат за сложените функционални интеракции. На крајот на краиштата, самодинамичните целини нека останат недопрени и самодоволни. Само нека се најдат начини за соработка, која ќе ги импрегнира механизмите уште подлабоко во заедничкиот систем.

13.

Но, субјектот нема да создаде нови канали. Тој ќе го продлабочи формалниот механизам на интеретимологематска размена, така што ќе ги опише од нова перспектива нивните самодинамични структури. Овој опис ќе биде илустративно-симболичен токму како што претпостави субјектот. Овој пат, субјектот лично ќе го спореди самството и неговите интенционални стремежи со продлабочените механизми на размена и збогатените засебни етимологематски динамики. Така, повторно ќе исчекори од актуелните фази на идеалното упатство на интуицијата, уште повеќе ќе ја разграничи и структурите интуитивната постапност, и ќе ја усложни структурата на иманентниот обид. Самиот исчекор заедно со содржините што ќе ги материјализира ќе бидат дел од самостојните динамики на иманентниот обид и ќе го воведат обидот во состојбата на метонимична прогресија. Исчекорот ќе биде еден интензивен момент на општиот метономичен прогрес. Ако субјектот си ги оствари обврските доследно, тој ќе го исполни оперативниот завет на генералните системи. Имено, преку самонабљудување ќе покрене инволутивни системски процеси кои ќе воспостават оперативни шеми и поредоци. Врз нивните темели системот на интуицијата ќе се развива, ќе го акумулира и ќе го преобразува опкружувањето во сопствените инволутивни поредоци.13 Ако механичките потенцијали на етимологемите се надворешно опкружување, тогаш субјектот, ќе треба потенцијалите да ги вметне метонимично и да ги обработи постапно преку самореференцијалната споредба. Така ќе станат дел од прогресивниот обид, што се шири иманентно во интуитивното поле.

Субјектот го распространи механичкото влијание на интуицијата толку што постапноста се претвори во едноставно означено, а механичките структури во целесообразно означувачко од кое зависи ској животодавен напредок. Субјектот се развива во чекор со интуицијата. Секоја, дури и најмалата промена се влева во неговата самореференцијална свест и го известува за сопствените движења. Тој го чувствува слаткиот камшик на господарските одговорности на својот грб секогаш кога ќе се придвижи од мртва точка. Секој напредно движење го присилува уште посилно да се ’ргне. Интуитивната работа е валкана и ризична, но тој никогаш не ја остава во туѓи раце можноста да изгради систем од постапки кои смета дека се совршени сами по себе затоа што се интуитивни, дури и кога се наоѓаат на пониски метонимични стази. Колку и да е назадна интуитивната структура, таа секогаш се заканува дека ќе се затвори во себе и ќе се претвори во самодоволен систем. Во оваа смисла, метонимичните разлики не значат ништо. Во која фаза од градење или следење на упатството и да се наоѓа, субјектот заборава дека таа е совршена структура со дополнителни надградби, и ја солипсизира во нејзиното сопствено совршенство. Но, тоа е само привремено чувство, кое како што кажавме, сурово го камшикува и го присилува постојано да се самонадминува додека ги совладува интуитивните предизвици. Субјектот ја претвори во априорна шема ваквата констелација на потребата за постојан напредок ориентиран кон душевните состојби. Самореференцијалните елементи на шемата, ја исполнија нејзината априорна форма со содржина чија конкретност може да се антиципира. Во априорната форма не се згуснати механичките потенции. Сегашната априорна форма се ослободува од фантазмагориите на безобличноста, и покрај тоа што конкретноста што ја претставува нема очигледна емпириска практична конституција. Иманентниот план беше повеќе порив отколку организирана структура. Идеалното упатство е полно со неконзистентни механизми, со механизми кои немаат оригинална емпириска подлога. Во тој поглед не смени ништо дури но каузалното временување. Чистата априорна форма ги раздвојуваше иманентниот план и идеалното упатство толку колку што им даваше можност да се поврзат. Овде таа е производ на сетилото за диференцирање на постапноста. Според тоа, априорната и самореференцијална шема се претвора во апроксимативен модел, односно во модел што ги претставува генерално сите поединечни механизми на упатството. Досега субјектот не ја воведе отворено во процесот самореференцијалната свест, таа присуствуваше латентно и латентно ги поврзуваше, или поистоветуваше, процесите со себе. Таа по својата природа е фиксирана за процесите толку колку што го застапува самството. Нејзиното внимание е постојано дивергентно. Само нејзината актуализација може да ги покаже во вистинско светло субјективната вредност на интуитивните постапки. Таа го засилува чувството на величина и ја зацврстува моќта која се повеќе се објективира, се претвора во транспарентен субјективен објект. Сериозната интуитивна организација и нејзините sui generis креативни потенцијали, ги продлабочуваат телесните ритуали. Субјектот ги доживува механизмите на интуицијата како огнени столбови што и се испречуваат бестрашно на секоја закана и предизвик. Оваа симболична претстава го поттикнува нарцистично-господарското држење затоа што и самата е симбол на неотстапно однесување кое е во коренот на нарцистичниот господарски хабитус.

Самореференцијалната свест е свест затоа што се ориентира кон другото. Покрај тоа, свеста е самореференцијална затоа што секогаш другото го поврзува со самството. Ова е principium individuationis на νιδιoτεληζ. Претходно, самството си недостасуваше позиционално во егзистенцијална смисла, сега тоа си недостасува рефлексивно и само во себе. Ова е иницијална точка на самонабљудување. Овој саморефлексивен процес е за толку посамонабљудувачки, бидејќи другото е дел од субјективноста, а не нешто спроти неа. Субјектот ги замислува интуитивните содржини и настани како да се случуваат надвор. Тој ги трансгресира вештачки и пригодно, за да може да манипулира подобро со нив. Но како квази-проекции, тие се дел од субјективноста која се набљудува себеси свесно, ја дополнуваат и своите фактори ги сведуваат на неа. Имајќи го ова во предвид, субјектот се осврнува на instruere и instructio од една симболично-илустративна перспектива.

Во првиот дел од Хари Потер, наречен Философскиот камен, се кодирани и импрегнирани самодинамиките својствени за двата фундаментални интуитивни механизми. Првиот предизвик со летечките клучеви ги крие дополнителните перспективни тајни на instruere. Вториот предизвик пак, морничаво реалистичната шаховска игра ги олицетворува идеите што го надградуваат instructio. Во двата случаи, самореференцијалната свест ќе одигра втемелувачка улога, бидејќи оваа етапа од интуитивниот процес се карактеризира како самонабљудувачка. Откако ќе ги разработиме овие перспективи ќе објасниме темелно зошто и како симболично претставените самодинамики (претставката „само“ ја истакнува самостојноста на динамиките) ја продлабочуваат формалната размена и ја претвораат во динамична структура од повисок ранг. Секој предизвик ќе го опишеме во неговата груба форма пред да се впрегнеме во неговите симболични рала.

Хари и неговата дружина се затекнуваат себеси во соба полна со летечки клучеви. Само еден е посебен. Него мора да го пронајдат во сивиот облак од густи роеви. Таков клуч е најстариот со скршено крилце кој лета фалично. Само тој може да им помогне на предизвиканите да побегнат од празната камена кула која е полна со клучеви како кошница во која живеат наизглед безопасни трутови. Стариот клуч, единствен може да ја отвори вратата што води кон следниот предизвик. Хари чудесно ќе го забележи специјалниот па ќе се вивне угоре на летечката метла за да го фати. Клучот нема да му се опира. Затоа, Хари лесно ќе го зграпчи во рацете. Во истиот момент, останатите клучеви ќе го сменат „менталниот склоп“, ќе се разбеснат и од мирољубиви и незаинтересирани објекти-алатки што лебдат во просторот, ќе се претворат во разбеснети стршлени на кои им ја загрозиле матицата. Додека Хари му се доближуваше на клучот, вчудовиден од неговиот чуден антропоморфен изглед, клучевите летаа лебдечки и спокојно во формација на вител. Тие го замаглуваа пространството и го криеја специјалниот клуч во дволичниот густеж. Откако Хари ќе се дрзне на најопасното, тие ќе ги преструктурираат позициите. Ќе мобилизираат и прераспределат така што ќе му се втурнат на Хари за да го избодат како опасен океански бран и како остар заканувачки јазик. Дружината ќе успее да ја отвори вратата со специјалниот клуч и да излезе од осарникот, пред да се претворат во жива мета исполнета со стрели. Бесните и нормални клучеви сиот гнев слепо ќе го истурат врз вратата што тресна пред да ги прободат жртвите.

Високата кула полна со летечки клучеви е душата. Брановидната целина што ја составуваат клучевите со своите раздвижени тела е интуицијата и нејзината способност да леби, да се издигнува и да опаѓа. Со еден збор, брановидната структура, или формација е супстанцијална поза која може да се моделира по избор и во зависност од копнежите на субјектот. Колку длабоки движења прави интуицијата толку силно ќе повлијае врз субјектот антиципацијата. Секој метонимичен премин остава таков впечаток, на пример, преминот од чиста во хипнагогичка квази-слика е таков. Вителот, е динамична скала која ги претставува интензивните движења на интуицијата.

Следно, летечките клучеви хипотетички отвораат одредени врати. Тоа се чистите искуства, кои ако субјектот ги земе, односно ако ги собере, ќе се соочи со чисти значења. Вратите и она што се крие зад нив ги претставуваат чистите значења. Субјектот не знае какви врати ќе отвори и што има зад нив. Слично субјектот ги контемплира чистите значења. Самата претпоставка дека постои нешто што може да биде откриено а има релативно позната конституција, ја одразува појавата на чистите значења. Искуствата се чисти затоа што содржат чисти значења, исто како што клучевите ги отвораат вратите хипотетички затоа што претпоставуваме дека постојат врати колку што постојат клучеви. Она што во светот на вратите и клучевите треба да се види, во светот на искуствата и значењата треба да се запознае. Толку е густа оваа антиципација на вистината, што самата се претвора во своевидна вистина.

Клучевите имаат крила. Тие се движат произволно, синхронизирано и латентно во просторот. Тоа значи дека секое искуство и значењето имплицирано во него, имаат конкретни и потенцијални патеки на движење. Конкретните патеки се релативни се додека субјектот не почне да им дава насока на искуствата. Во овој момент, значењата се еквивокални со искуствата, како што клучевите асоцираат на вратите и нивните содржини без оглед што се отсутни по количество. Значењата се квалитативно импрегнирани во искуствата, а вратите и нивните содржини идентично постојат во клучевите. На овој начин, искуствата и значењата ја исполнуваат интуицијата и го формираат нејзиното енергетско тело. Искуствата и значењата се симболи на патоказот. Ги претставуваат потенцијалите кои можат да се организираат во согласност со друга координирачка сила. Тие се дел од патоказот но не се негов движечки центар. Центарот на одлуки го составуваат механизмите кои и се инхерентни на интуицијата и се однапред дадени со неа и иманентните обиди кои ги мобилизираат и механизмите и нивните деривати: чистите искуства и чистите значења. Затоа, летањето на клучевите во вител, не може да се објасни поинаку, освен на овој априорен псевдосистемски начин. Претставите за магични дејства не се ништо друго освен, живописен двојник на априорниот псевдосистем. Интуицијата има најголема симболичка корист токму од ваквите претстави. Таа ги поврзува, меша, поистоветува и иманентизира светот на магијата, светот на системите и нивните динамични структури. Ова е посебно видливо во фантастичните романи, каде авторите воспоставуваат цели магиски системи. Тоа покажува колку моќен афект е интуицијата во денешно време и колку е големо нејзиното сублиминално влијание врз творечката свест.

Движењата на секој клуч посебно нема ништо заедничко ни со чувството за постапност, ни со отворените систематски обиди. Тоа е чиста потенција која ги содржи во себе сите генетски предиспозиции за совршен и натпросечен развој. Но ако субјектот не се заложи за оригиналноста на чистите искуства и не се вложи целосно во позитивната трансмогрификација на чистите значење, тие ќе останат патетични малечки летала што ѝ досадуваат на свеста судбоносно, но ја пропуштаат можноста да станат нешто посебно. Значи, тие можат да се претвора во целесообразни постапки и сеопфатни пристапи, само ако ја следат правилно генетската патека со помош на субјектот. Од друга страна, општото движење на вителот од летечки клучеви ги претставува само чистите искуства кои сопостојат динамично, совршено синхронизирани, но без да се стварно, односно супстанцијално поврзани едни со други. Вителот ги имплицира чистите значења, но значењата се потиснати и сеуште не играат никаква посебна улога. Без разлика, дали чувствата ги предизвикуваат состојбите на свеста, или состојбите на свеста постепено ги разгоруваат чувствата, прво нешто со што се соочува субјектот кога сака да обликува образот во душата се искуствата и нивната хаотична топосфера. После тоа, тој може да одбира (ако му дозволуваат околностите) како ќе им пристапи на искуствата: дали ќе ги синхронизира или ќе ги конвергира со вниманието. Најчесто, постои само една објективна каузална линија: субјектот прво мора да ги конвергира, да ги собере во едно поле, за да може да ги синхронизира, односно да ги распореди како што смета дека е најсоодветно. Ако му се дадени наеднаш, или наеднаш ги собере, што е поретко, тој веднаш ги синхронизира. Или ако му се дадени во синхронична форма, тој ги зближува за да ги забележи и издвои нивните разлики. Така, субјектот му поставува почеток на instruere. Бодликавиот и маглен вител е прва квазиформација на instruere што ја симболизира авантурата на искуството, пред тоа да почне да патува од трансцендентното поле на интуицијата и антиципациите кои свеста и нејзините експериментални стремежи.

14.

Субјектот таложи во свеста и во душата (во чувствата) искуства. Бидејќи не постои конкретност која ги претставува или опишува, субјектот ги восприма искуствата предрефлексивно. Тие опстојуваат во свеста, но како чисти ентитети. Да опстојат во свеста на таков начин им овозможува нејзината предрефлексивна функција. За Сартр свеста има три димензии: едната свест го опфаќа односот помеѓу свеста која се мисли себеси и свеста која мисли на другото. Другата свест се мисли себеси додека е свесна дека го мисли и другото (рефлектирана свест). Третата свест го мисли другото така што поддршка бара од свеста која се мисли себеси (рефлексивна свест). Ова е една свест која се одразува сама во себе на три начини.14 Предрефлексијата влегува во овој корпус на одрази на свеста, заедно со саморефлексијата, за која рековме дека е модус на свеста што го поврзува телесниот аспект на самството со материјалното опкружување и неговите многузначни динамики.

Од оваа груба констелација можат да се извлечат необични и полезни соодноси. На пример, свеста која се мисли себеси се обидува да се затвори во својот иманентен центар. Таа се обидува да ги одбегне предрефлексивните механизми, се што е чисто во свеста се пројавува низ нивниот монокл. Додека предрефлектира субјектот ја интенционализира предрефлексијата, ја користи како појдовна точка за изнаоѓање на конкретностите што сака да ги објави. Но ако субјектот почне да ја мисли свеста како солипсистичко битие-за-себе, тој ќе се обиде да ја деинтенционализира предрефлексијата. Таа ќе го покренува процесот на одразување на свест во себе самата, но ќе ја изгуби индуктивната улога, ќе изјалови и ќе го затапи стремежот кон интелигибилно или визуелно претставување. Свеста која се мисли себеси, исто така ја отстранува саморефлексијата од своето поле на влијание. Сé што е поврзано со надворешниот свет, па дури и телото кое и припаѓа, го смета за излишен атавизам. Овде ја покажуваме екстремно лошата страна на свеста која е свесна само за себе. Постојат и поизвитоперени варијанти на истата свест. Субјектот може да ѝ се посвети целосно на оваа свест на следниов начин. Тој ќе приграби од морничавите содржини на душата и стварноста, за да ги затвори во солипсистичката свест, така што ќе ја „киднапира“ и злоупотреби свеста која го мисли (или одразува) другото. Солипсистичката свест ќе ја присили свеста што го мисли другото да ги проектира за неа и во неа морбидните содржини. Ќе ги поистовети со својата мрачна состојба, и самата ќе се соживува со нив како да е нивен медиум, за да и порасне его-волуменот и да се почувствува мрачно значајна.

Свеста која го мисли другото мора да работи во топосферата на свеста која се мисли себеси. Но, за да функционира целисходно, свеста која го мисли другото мора да ги поттикнува природните склоности на предрефлексијата. Двете имаат слична цел: предрефлексијата помага да се конкретизира чистото, а свеста која го мисли другото сака да го одразува во себе конкретизираното, за да му даде на субјектот полезни материјали за дополнителна обработка. Саморефлексијата незначително отстапува од овој распоред. Таа му помага на субјектот да се ориентира во стварноста и да го проценува своето присуство. Таа е центар во кого се споредуваат телесната самоизвесност и стварноста во која битисува субјектот. таа повеќе го информира субјектот за општата актуелна околност отколку што има цел податоците да ги префрли во свеста која го мисли другото. Но со самото тоа што субјектот се задлабочува во општата околност, тој ѝ предава на свеста која го мисли другото конкретности. Поточно, таа им ита во пресрет на конкретностите откако ќе насети дека се на мало растојание од неа. Без интелигибилните активности на свеста која го одразува другото, саморефлексијата ќе ја видеше во лице сопствената пропаст. Првата ги прима сигналите на втората и ги преобразува во значења. Значењата му помагаат на субјектот правилно да ги артикулира ориентациите (тоа се истите сигнали што ги добива свеста која го мисли другото) кои саморефлексијата му ги испраќа грубо.

Честопати повторивме дека субјектот се обидува да управува со состојбите на свеста. Оваа тактика не ја користиме случајно. Одразите на свеста многу ретко настануваат, опстојуваат и се одвиваат одделени една од друга. Само високоразвиениот ум може да ги подигрува со одразите и да си создава интуитивни предуслови за отелотворување на тоа што го инкапсулираат и спроведуваат одразите. Субјектот е свесен за овие модуси на општата свест на предрефлексивно ниво. Но ако сака да ги структурира нивните непосредни односи, тој веднаш ќе мора да скокне во апстрактната област на умот. Веднаш ќе се соочи со описи кои имаат непосреден семантички облик. Сепак, тоа не е причината поради која ги опишавме овие конзистентни одрази. Ако субјектот го запознае нивниот непосреден когнитивен механизам како што го опишавме, ќе отскокне за две скалила погоре во хиерархиската инсталација на интуицијата. Прво, одразите на свеста отсликуваат една сложена и во исто време суптилна состојба на самосвеста. Свеста на Јас за себе се разликува од начинот на кој свеста се восприма себеси функционално и онтолошки. Според тоа, свеста-за-себе е различна од самосвеста. Значи ако субјектот почне да ги запознава овие непосредни когнитивни механизми, тој ќе почне да дознава нешто повеќе за тоа како функционира самосвеста. Тие водат кон самосвеста и самосвеста постојано се советува со нив. Следствено, набљудувањето на врските на одразите на свеста е еден вид апстрактно когнитивно самонабљудување. Второ, бидејќи вака или така го спомнуваат другото спроти нив, тие составуваат механизам во битието на субјектот кој прв ги забележува чистите искуства и чистите значења независно дали им припаѓаат на истите чисти искуства или се елементи на друго искуство, и се обидува да воспостави смисловен контакт со нив. Заклучно, познавањето на одразите на свеста и нивните односи и соодноси го унапредува самонабљудувањето толку колку што воспоставува првобитен контакт со чистите искуства и чистите значења кои ги опкружуваат одразите на свеста трансгресивно, што значи условно и противречно.

Така субјектот воспоставува и отвора механизми на контрола и надзор, кои управуваат со протокот на чисти искуства и чисти значења. Искуствата се трупаат во душата на субјектот како што крилестите клучеви ја преполнија тесната и висока кула. Ако сака да напредува, во смисла на неопходноста да ги распореди, распредели, организира и регулира чисто интуитивно искуствата и значењата, тој мора да ги дисциплинира одразите на свеста. Свеста која се мисли себеси, мора да се мисли себеси како центар на сите дополнителни активности. Свеста која го мисли другото од своја страна треба да се координира со првата свест, односно со модусот на генерална свест, затоа што од втемеленоста на првата свест во процесот зависи интегралниот напредок. Свеста која го мисли другото ѝ го наметнува на свеста која се мисли себеси другото, и со тоа автоматски ја втемелува во процесот. На крај се разбира, свеста која ја опфаќа синтетичната работа на двете претходни одразувања-на-свеста-во-себе, треба да создаде генерална слика на работите. Така, субјектот не само што ќе набљудува кохерентни процеси во себе, туку ќе се храни со плодовите на самонабљудувањето. Оваа екстатична консолидација на модусите на генералната свест, на самосвеста и на субјектот кој се самонабљудува од призма на нивните сложени корелации, го поттикнува субјектот кон секое чисто искуство и кон секое чисто значење посебно, да негува синтетични планови. Тој намерно замислува чисти перспективи на соработка која ќе ги поврзе во едно интуитивно цело судбините на сите асоцирани ентитети. Со тоа, субјектот не само што ќе се стреми да собере што повеќе привлечни искуства туку и ќе создаде култен стандард, според кого што ќе ги мери и ќе ги избира подобните ентитети и корелати. Хари исто како него, љубопитно шеташе по пространството полно со крилести летечки клучеви и ги набљудуваше секој посебно произволно, за да ја открие мистеријата на нивната чудесна идентичност. Чистите искуства се мистериозни и чудесни токму затоа што се идентични едни со други на прв поглед. Интуицијата не ги „обоготворува“. Таа само го истакнува фактот дека во парадоксалната едноличност и монотоност се крие голема тајна.

Дури во оваа фаза, се гледа како самодинамичната структура на instruere постепено почнува да се диференцира во себе. Без илустративната симболика тоа нема да беше возможно. Без оглед што се чини дека овој пристап е неприродно вметнат во духот на стандардната анализа, тој е единствен легитимен начин да ја оправдаме целта.

Хари им излегуваше на клучевите во пресрет за да го најде соодветниот клуч во морето од унифицирани објекти-алатки. Субјектот се впушта во авантурата на собирање и акумулирање искуства со слична намера. Хари не можеше да ја одбегне серијата погрешни подѕирнувања, како што субјектот мора да собере и искуства кои ќе се покажат бесполезни, па дури и штетни за развојот на антиципираната визија. Погрешната персеверација е порок на секој експериментален потфат. Хари трага неуморно, па дури и немирно, како да ја насетува злогласната атмосфера, иако не остава таков впечаток и е слепо задлабочен во чудесната потрага. Заудира на сериозните последици што надоаѓаат. Привидниот часовник на паниката удира силно, вознемирувачки и предупредувачки како воена узбуна. Темнината на неизбежната опасност ги замрачува чудесните објекти-алатки и го загрозува меркантилното набљудување. Секое привлечно чисто искуство го присилува на субјектот хипнотички да се занимава со него, но чудесните расположенија згаснуваат брзо. Доцниот час, исто така веќе почна да му досадува и да го буди Хари од сонот. Густината која го растопува количеството го обесхрабрува субјектот.

Субјектот плива во атмосферата на чисти искуства. Хари лета низ бесконечните височини на тесната кула опкружен од опскурни објекти-алатки. Се чини дека, тие не ги насобрале материјалите што им се потребни, туку потребните материјали ги заробиле нив во нивната неограничена псевдоконфигурација. Двајцата ги вклучуваат салиентните механизми, без да се осврнат на нивното потекло, за да се снајдат хаосот што не можат да го контролираат. Тие, веднаш се соочуваат со низа непремостливи проблеми. Субјектот нема увид во тоа колку материјал собрал, колку од собраниот материјал му е потребен, колку треба да отфрли и уште колку ќе прими. Хари, не може да го опфати со поглед ројот клучеви што се издигнува високо и се движи како лежерна бура. Очекувањето да ги изброи објектите-алатки е залудно. Поголема е можноста случајно да го најде тоа што го бара, ако воопшто знае што бара. Во контекст на последното, ни Хари ни субјектот не знаат што да прават со тоа што го имаат, затоа што, во првиот случај просторните конкретности се многубројни и релативни, а во вториот случај чистите нешта немаат конкретност но се густо и флуидно присутни во душата. На двајцата им преостанува да веруваат во моќта на интуицијата, бидејќи таа е изворна функција која постои само за да го истакнува најзначајното и да го издвојува од сé друго. Целта суштина на интуицијата се сведува на нејзината салиентна функција. Таа ги координира сите поединечни операции на истакнување на најзначајното. Се отелотворува во вентралното и раководи со чиновите на дорсалното внимание. Антиципацијата е чисто движење кое ја покажува силата на интуицијата и ги симболизира нејзините конкретни дејства. Чувството на иманентна веродостојност избувнува секогаш кога антиципацијата, читај интуицијата, е на прав пат, секогаш кога го допрела врвот на светлоносниот конец.

15.

Најповолното искуство со себе повлекува ред асоцијации, односно сродни искуства, кои ако не предформираа семантичко единство, барем ќе укажат на структурните потенцијали и измени што ги чека при понатамошно размислување за нив. Главното искуство кое тежи да се зближи и соедини со други искуства, интуитивно се организира околу нив, па и самите ги организира преку себе. Оваа чиста организација во настанување претпоставува пристапи и постапки кои се претвораат во перспективи на априорната шема и чувството на постапност го фундираат во строгиот стремеж кон систематско осмислување на корелатите и корелациите. Ако на шемата ѝ го додадеме овој агол на гледање, таа ќе стекне три форми. Општата шема ќе биде a) непосредна заради интуитивната природа, b) априорна затоа што нема со што да се спореди психовременски освен со својата парадоксална гешталт-целина и c) примордијална поради иманентната структура која се пројавува како гешталт-целина. Низ ова сито незаобиколно поминува секое општо и безоблично искуство, секогаш кога субјектот ќе го соедини со антиципацијата во интуицијата, односно во интуицијата низ антиципацијата.

За субјектот не е најспорно тоа што во одредени етапи и периоди не може да лови значајни нешта. Тој е целосно верзиран во светот на интуитивни можности. Освен тоа, субјектот веќе го најде најзначајното нешто во оваа фаза. Тоа се симболичните илустрации кои му откриваат детално како се развива самостојниот структурен динамизам во instruere. Го елабориравме темелно начинот на кој работи instruere, но субјектот останува со уште многу неодговорени прашања. Тој знае која формација ќе ја заземат искуствата додека навлегуваат и се насобираат, дури ја познава динамичната конституција на формацијата. Но останува нем пред дилемата: како се групираат искуствата и по кој принцип? Напоредно со ова, тој ги познава и формацијата и динамиката на распределување, колку што познава кои и какви статични насоки следат искуствата додека си содејствуваат едни со други. Но самиот принцип на распределба и содејство останува нејасен. Зошто токму тие чисти искуства и зошто токму на тој начин? Се на се, знаењето на начинот на работа и неговата функционална синтеза не го подразбираат и знаењето на тоа како елементите, или по практично кажано корелатите, се состануваат за работа и каков е принципот на селекција, распределба и оперативно пренасочување. Со други зборови, субјектот заглавува во кал на онтолошкото дно. Тој ги интроектира во себе совршено генералните динамични формации на instruere, но немоќно крева раце пред законите на организациска селекција. Истиов проблем што важи за првата фаза на собирање, акумулирање и таложење, важи и за втората фаза. Дали откако ќе го собере купот и условно ќе го затвори кругот на антиципирани асоцијации, тој ќе го организира на истиот начин како што го насобра? Или ќе мора да смисли нови и пософистициран пристап? Или можеби двата организациски процеси, едниот на насобирање и другиот на организирање на насобраниот материјал се слеваат во една динамична постапка. Најпосле, сраснато и мултифункционално произведуваат ли покрупна асоцијативна мрежа и ја растоваруваат ли душата од хаотичното соприсуство на динамичните корелати? Од првичните описи можеме да заклучиме дека последново го решава спорот. Дали е тоа навистина така?

Според горе нанижените прашања, работата со instruere не е далеку од завршена, ама не е ни завршена. Пред да го доразјасниме принципиелниот проблем на instruere ќе му се навратиме на Хари. Ајде да видиме како тој се снајде со објективниот безизлез, дали го најде најзначаното нешто, какво е, за што го искористи, и какви асоцијативни паралели можеме да извлечеме од тоа за субјектот. Можеби решението што ќе го пронајде Хари ќе го поучи субјектот да ја расплетка проблематичната етимологематска околност и да ги поправи „механичките“15 дефекти.

Хари ја истражува областа густо населена со разлетани клучеви. Тој се обидува да се снајде во нединамичниот метеж исто како што субјектот се обидува да ја фати организацијата од сите страни немирни и густи доживувања. Клучевите не му дозволуваат да ги надигра, бидејќи со нивните спонтани движења и незаинтересирани самопројавувања не му даваат повод за таква можност. Но, она што на прв поглед е бесмислено мноштво клучеви си игра необична криенка со него. Нивното спокојство спремно на најлуди антагонистички акробации, како да крие во себе едно огромно око, кое чека Хари да направи глупост, за да го прождре со острастениот ирис и да го удави во кратерот на зеницата. Криенката е необична затоа што клучевите, по се изгледа свесно, формираат опкружување кое ѝ помагаат на фамозната вредност да се скрие така што ја камуфлираат во непрегледното, еднолично и безбројно мноштво. Чистите искуства и чистите значења си поигруваат со душата на ист начин. Тие кружат во пространството на интуицијата и ја одбегнуваат свеста и нејзините метонимични функции, за да го втемелат своето присуство во неа. Од абревијатури се собираат во акроними, а од акроними во чисти семантички афекти, за да го скријат тоа што е најсвето и што овозможува да се пробие, разобличи, обестајни и распарчи нивната самоодржлива формација. Што е тоа што им е најсвето на чистите искуства и чистите значења? Тоа е она што им овозможува да се соберат и да сопостојат независно од нивниот број и количеството потенцијални асоцијативни конфигурации: интуицијата. Таа во исто време се крие и е најзаслужна за тоа што мислечките суштества кои умеат да се ориентираат во генералното пространство со што и да е исполнето, го пронаоѓаат коренот на секој проблем. Таа е како црната и бескрајна внатрешност на зеницата; личи на земјината топка во центарот на вселената (во офталмолошката топика вселената ја претставува ирисот), која формира обрач околу метафизичкиот свет (симболично, тоа е склерата чија бела боја ја симболизира апстрактноста и сите сили надвор од видливиот свет). Од една страна интуицијата се чува себеси и своето битие од штетата што можат да ѝ ја предизвикаат стремежите на другите да ја разобличат. Од друга страна, таа ги поткопува чистите искуства и чистите значења, кои имаат бескрајна доверба во неа, затоа што, се слеваат со нејзината природа и со начинот на кој постои. Ако ја издаде суштината на секој од клучевите посебно, таа ќе им поткаже на другите која врата да ја отворат и што да очекуваат од другата страна. Затоа, за клучевите е најголем приоритет да ја зачуваат интимноста на централната вредност, ја доживуваат како смртна закана продорот во олтарот на најсветото, и реагираат инстинктивно. Но тие се наивни и не знаат дека интуицијата игра двојна игра.

Хари успева да ја најде повеќезначната централна вредност. Тоа е еден стар и рѓосан клуч со поткинато крилце. Поради физичкиот недостаток клучот лета поднакривено како старец со свиснат грб. Оваа, немоќна симболична фигура го претставува Мудрецот доколку судиме според староста и изменоштеното држење. Последново не треба да се потценува посебно ако тоа крие во себе таинствена величина, што е секогаш случај со фигурата на Мудрецот. Поточно, интуицијата е премудра сила и зрачи со неизмерно достоинство. Таа не остава таков впечаток само затоа што нејзините објективни функции се величествено sui generis. Клучен фактор за таквиот впечаток е староста. Таа единствена може да насобере (ако мислиме на механизмот на акумулација), или да создаде (ако го воспримаме главниот крилест клуч како матица која раѓа) толку приврзаници, односно искуства-објекти. Но класичната претстава за интуицијата како Мудрец во случајов се преполовува. Таа не е вилата која прави само добро, туку и трол што ги занемарува своите пороци тенденциозно. Поткинатото, или ако сакате, закржлавено крилце ја симболизира темната страна на интуицијата, која ги злоупотребува состојбите за да го унапреди објективниот процес. Колку што им дава живот на искуствата-објекти, толку побрзо е подготвена да ги фрли во печката на унапредувањето. Здравото крилце пак, не упатува да не бидеме толку строги и да ги согледаме, запознаеме и одново да ги процениме нејзините позитивни стремежи. Таа им подарува на своите деца толку нежни крилца затоа што ги љуби, сака и тие да имаат удел во нејзините грациозни потези и суптилни самопројавувања. Во исто време, таа е подготвена да се жигоса себеси, да се осакати и да стане физички и динамички грда, само за да им овозможи на клучевите, односно искуствата-објекти подобар живот. Врз нив растат крилца од хеликоптери или пеперутки, кои ја означуваат потенцијалната, и во многу случаи неизбежна преобразба, од чисти во изразени и консемантички ентитети. Затоа, колку што му одмагаше на Хари на почетокот, толку му помогна миг потоа. Секој си поминува добро, ако ѝ остане верен на интуицијата до крај. Најсилниот очај одеднаш се претвора во радосен извик зашто гледа изненадено како се раѓа изгубеното блаженство. Таа е вредност што се скри, за да си го открие величината во полноќницата на неиздржливата безнадежност. Интуицијата има лунарна суштина, нејзиното ткиво е составено од суптилниот сјај на сребрените ноќи. Таа живее во бесконечната ноќ на душата, и осветлува сé што прета и живее покриено од мракот. Атмосферата во таинствената кула беше ноќна и допрена со прстот на најмилото волшепство. Месечевата светлина го пребојадисуваше ѕидот од темносиви камени блокови во мекосина боја. Фините метални тела на клучевите светкаа на месечевата светлина во разни бои како ѕвезди. Ваквиот дух на ситуацијата го поттикна Хари да го забележи судбоносниот детаљ, т.е. поткинатото крилце. Тоа беше преовладувачка мамка кон која покажуваа сите атмосферски волшепства. Обземен од таинствената убавина на сакатиот клуч, Хари се дрзна, па го зграби несвесен дека тој е величествена лунарна мајка на другите клучеви. Сакатиот клуч воведе клучна и објективна естетска разлика во опкружувањето. Но откако Хари го стегна централниот клуч во рацете го разбуди расположението на другите клучеви кое спиеше божемно во нивните движења како ѕвер со подотворено око. Тие прво почнаа да виорат и раздивено да летаат од една страна до друга, патем повредувајќи го летачот на метла. После тоа, почнаа да се виорат компулзивно, како да се подготвуваат да заземат уште пострашна и посмртоносна формација. Таков беше случајот. Тие се вивнаа високот за да се претворат во рој стрели кои со сета сила ќе се забодат во телата на оние што ги предизвикале и го разбесниле осарникот на најстрашен можен начин: со киднапирање на животодавната матица. Ако овие потези на клучевите ги анализираме подлабоко ќе се увериме дека чистите искуства им пружаат отпор на нивните визуогени и интелигибилни форми, на начин кој лошо ја подражава постапката на нивно осмислување. Кога субјектот ќе фати едно чисто искуство во обрачот на репрезентативните модуси, тој прво се бори со неговата лизгава сеопфатност, ги собира на куп фундаменталните асоцијации, но нивните врски му се пролизгуваат, час ваму час таму. За да се избори со оваа ситуација, тој повторно собира дел од отпаднатите асоцијативни елементи, и ги издигнува на највисокото рамниште на свеста, дури се чини, дека сака да ги тресне од земја, за да го скроти нивниот безличен карактер и да го присили да се пројави синтетично. Свеста како да ги кондензира избраните содржини на искуството, односно ги воспитува, па му дава на субјектот знак да ги преземе и да ја распостели нивната структура, меко, не како агресивниот јуриш на избезумените клучеви.

16.

За волја на вистината, матицата сака да биде украдена. Симболичниот недостаток ја обелоденува склоноста на интуицијата да се потчинува пред оној што има моќ да ја искористи и да ги преобрази нејзините содржини. Како гласот на заговор, го повика Хари да учествува во неочекуваниот ритуал на преобразба. Симболичниот објект-мајка го натера Хари да го зграби неговото тело што светка на месечевата светлина. Нејзината дволичност остава трага насекаде. Само што го допре клучот Хари ја почувствува „лошата промена во  воздухот“. За разлика од него, субјектот мора да ги исфилтрира чистите искуства во душата толку што ќе почне да препознава автоматски дека не се складни со конкретната намера што сака да ја осмисли. Кога му се настрвија загрозените клучеви Хари едвај се справи со нивната навала, која му го заматуваше видокругот и не му дозволуваше правилно да се ориентира. Така чистите искуства си ја бранат зоната на комфор, секогаш кога интуицијата ќе се пројави, а антиципација испраќа сигнали дека интуицијата е будна и сака итно нешто да соопшти. Во ситуацијата на Хари, клучот е беспомошен, мудро молчи, притаено чека исход или практикува од сé по малку. Ако Хари не успее, клучот секако ќе им се врати на своите „деца“. Ако успее, клучот ќе му помогне на Хари да ги преобрази „децата“. Хари воопшто не е свесен дека физичкиот недостаток ја означува значајноста, а сакатоста ја одразува претставителноста. Затоа, тие се издвојуваат од сé друго во морето од нормални физички тела и го привлекуваат Хари толку неодоливо. Овие состојби се лажни антиподи на она што го претставуваат, исто како што интуицијата е привиден антипод на секоја формално изразлива смисла и појава. Двозначниот впечаток што го остава клучот си поигрува со расположението и перцепцијата на Хари. Превртливо ги синхронизира ситуацијата и однесувањето што не и припаѓа. Хари мисли дека клучот е извонредно привлечен заради неговата осамена и бедна состојба и има право. Но не се прашува зошто вториот дел од вистината е чуден и несвојствен за таква ситуација. Клучот не буди во него сожалување и не го присилува згрчено да ретерира како што прават сите со слаб дух кога ќе се соочат со деформиран живот. Го оживотворува расположението на Хари и го спонтанизира неговиот хипнотизиран пристап. Сево ова, не се случува затоа што клучот е објект, чија материјална инертност преовладува на над неговите антропоморфни карактеристики. Клучот не е одбивен затоа што ја отсликува интуицијата која го држи срцето во силно своите раце, час го масира за да му пружи најсуптилно задоволство, час го стега за да покаже колкава власт има врз него. Ваквата блискост помеѓу Хари и клучот, го поттикна Хари да се избори со ројот од метални објекти што стануваше толку поопасен колку што не успеваше да го совлада Хари и неговите виртуозни потези со летечката метла. Тој и пријателите ја отворија вратата и влегоа во соседната соба, каде не знаат што ги чека следно. Разбеснетите клучеви за миг после тоа се забодија во вратата што се затвори пред нив, како лавина од камења кои не можат да го спорат својот врнежлив пад. Слично, субјектот ја користи антиципација како жив штит што ги акумулира чистите искуства и во исто време им забранува да ја умртват работата на когнитивните функции. Мирниот вител на нормалните клучеви се разбранува безуспешно. Се претвори во бурна стихија, само за да го изгуби изворот на своето постоење. Но тие исто како Хари, само од нивна перспектива, не знаат дека интуицијата се бори за семантичкиот развој на содржините што ги отклучуваат. Интуицијата ги става на тест сите синтетични фактори. Таа не зависи од екстатичните предиспозициите на организмот, но настанува врз основа на вродената егзалтација секогаш кога ќе срасне со среќното (или избрано) човечко битие.

Животот и работата на интуицијата заедно со нејзините примордијални сегменти се очигледно асоцијативно складни со симболичните предизвици на Хари. Субјектот ги збогатува старите хоризонти со нови перспективи. За него исто, интуицијата е главно искуство кое најчесто го потценуваат затоа што е последна инстанца на трансгресија или точка на апсолутна трансгресија. Нејзината иманентно-трансцендентна природа е сама по себе соблазнителна и неприфатлива мистерија. Длабочините што ги собира во себе ја зголемуваат предрасудата и го влошуваат односот на другите кон неа до бескрај. Тоа е слој на психоментална активност скриен најдлабоко во дното на душата. Пресметливиот, дволичен, поволен и превртлив карактер на интуицијата не се пројавува така само во светот, пред луѓето и како симболична претстава. Интуицијата едноставно мора да се пројави како скржавец, додека во исто време, го вдахнува субјектот за невозможни подвизи. Најчесто собира во себе толку чисти искуства колку што не може да носи. Таа ги собира залихите што протекуваат од изобилство, ги крие најдлабоко во утробата за да ги искористи во погоден момент. Во оваа смисла, таа ги формира депоата на сеќавањето, ја активира потсвеста и ја поттикнува да почне да вади скриени, потиснати или заборавени, содржини. Додека го заложува протеченото изобилство во бесконечната внатрешност, интуицијата се инјектира себеси длабоко со тоа што го задржува и вистински ѝ треба. Инјекцијата полна со она што е задржано-на-површина исто така продира во бесконечните пори на интуицијата и таму го вбризгува актуелните (и неконкретни) нешта.

Според тоа, постојат два планови на надолно движење во бесконечното поле на интуицијата. Двата планови засегаат две длабочини. Првиот: длабочината на интуицијата која ги заложува резервните чисти искуства. Вториот: длабочината на интуицијата која се самозаразува и преисполнува со чистите искуства кои се значајни во дадениот момент, или период. Но интуицијата не ги заложува резервните чисти искуства во некој надворешен простор што не е дел од нејзиното битие. Додека се инјектираат актуелните содржини тие се прелеваат кон надвор, иако се движат по бесконечна стрмнина. Нејзиното складиште е во неа самата. Според тоа, од оваа перспектива длабочините можат да се третираат како еден ентитет. Двата процеси се истовремени. Ефектот на инјектирање е силен исто ефектот на заложување, затоа што и едниот и другиот се одвиваат во исто време и во исто време се поттикнуваат. Поради ова, субјектот ја доживува интуицијата како целисходна функција. Нејзината работна динамика го афектира субјектот, го присилува да се опие со акутниот механизам на интуицијата кој работи независно од нејзините сегменти (чистите искуства и чистите значења) и механизми (етимологемите instructio и instruere).

После тоа, таа работи по инерција: избувнува на површината на душата и ја бранува за да ги собере чистите искуства од содржините на кои ќе налета додека „скита“ по трансценденталното опкружување. Фигурата на Дејви Џонс од пиратската митологија ја инкапсулира оваа противречна појава на интуицијата, која истовремено е крајно скржава и крајно „хумана“. Тој собрал на својот страшен брод толку богатства што откако го нападнале непријателите, бродот потонал во длабочините на океанот. Но, штом потонал, бродот се преобразил во чудовишен апарат, во речиси провиден, лесен и морничаво испартален гнојарник чие масивно тело го облепиле разновидни водни организми. Флексибилноста на бродот под вода се подудира со механичката слобода на интуицијата. Освен тоа, Дејви Џонс ја заробил божицата на светските води со вуду магија за да управува со нив, откако ја натерал да поверува дека ја љуби. Во симболична смисла на зборот ова значи дека интуицијата ги приграбува сите потенцијали на преобразба, божем во нивно име, додека во суштина, таа само ја прегрнува својата суштина, по цена на најголемо предавство. Водениот свет не ги претставува само бесконечните форми на живот (тоа е улога на светот), туку и нивната флексибилна промена и приспособливост (такво својство има водата како таква).

Легендарниот капетан се претворил во чудовиште-дух. Поставил стража во најтемните океански длабочини каде му се истурило и го собирал богатството додека ги ограбувал беспомошните цивилни и очајните воени бродови до кои ќе се дограбел. Богатството, односно јадрото на скапоценостите што Дејви Џонс продолжил да ги таложи и што му се истурило првично, го заменува надолното заложување на чистите искуства во бесконечната утроба на интуицијата. Богатството пак, што тој постојано го таложел откако бродот потонал со својот товар, го маскира надолното инјектирање на актуелните чисти искуства. Првото се стреми да остане на дното, додека другото потонува за да ја надрасне својата појдовна состојба. На прв поглед, својата состојба ја надраснува тоа што е на дното, бидејќи тоа се шири, расте и се зголемува. Но, тоа што се наоѓа сега и овде во хируршките раце на интуицијата има повеќе корист. Но, секогаш кога интуицијата инјектира чисти искуства, таа се стреми да ги соедини со чистите искуства што лежат на дното. И обратно: чистите искуства што лежат на дното се протегаат кон чистите искуства кои се инјектираат за да ја засилат интуитивната операција што се врши над нив. Притоа да не се заборави дека инјектираното е веќе присутно во видливиот интуитивен хоризонт. Гешталт-единството ги соединува во едно апсолутно цело, дури и најоддалечените корелати. Според тоа, дното има иста вредност но не е главен предмет на сестран пораст.

Она што го нарековме вродена егзалтација, е привилегирана состојба при која субјектот однапред ја поседува бесконечната утроба на интуицијата. Нејзината длабочина го повикува субјектот кај себе и го повлекува кон себе. Да не беше таа примордијално присутна и жива во неговото битие, тој немаше да има вистинска претстава за интуицијата, интуицијата ќе ја мешаше со матните чувства и тапата антиципација. Дејви Џонс е таков психотип. Тој се трансформира во дух заедно со својот брод, токму затоа што суштината на практичниот објект однапред сраснува со неговото целно насочено битие. Субјектот мора да ја поседува однапред бесконечно длабоката утроба на интуицијата, за интуицијата да може да работи, не само прописно, туку и да биде функционална воопшто. На крајот на бесконечните длабочини она што е на површината се соединува со она што е на дното. Поточно површината е дното. Кој е тополошкиот симбол на ваквата парадоксална состојба: водната површина. Не случајно, за да излезат од таканаречениот „заклучувач“ на Дејви Џонс, Џек Спероу и неговите сопатници, ќе мораат да го занишаат бродот така што ќе се преврти и од подземјето за миг ќе се најде на другата страна, во реалниот свет. Морската длабочина која тие ја гледаат распослана насекаде околу нив, не е површина на која се одразува еден ист свет. На прв поглед, во водното огледало се одразува светот во кој се наоѓаат во дадениот момент. Но одразот е во суштина, светот на реалноста, каде треба да се вратат преку превртување на бродот. Светот во кој се наоѓаат е одраз на реалниот свет. Но бидејќи веќе се во тој свет, во одразот повеќе не се одразува привидниот туку реалниот свет. Оттука, се гледа дека сопатниците на Џек се наоѓаат во меѓузона која ги дели двата светови и во исто време ги поврзува. Bродот мора да се преврти за да се случи тоа. Ова е јасен знак дека надолното движење кое избувнува повторно на површина затоа што дното е површината и обратно, е градено во во центарот на чистата интуитивна активност. Освен тоа, оваа пиратска и симболична митолошка претстава ги интегрира модерните принципи на сфаќање во платоновата пештера. Ги преобликува нејзините темели. Повеќе централно внимание не им се посветува на тополошките карактеристики какви што се гломазната пештера, идеите како поредоци од објекти кои се пресликуваат во надворешниот жив свет. Овде се централизираат цикличното движење на времето, неговата флексибилност, приспособливост и подготвеност на клучни промени, ритмичките повторувања кои час потсетуваат на реалноста, час го подоткриваат новитетите кои допрва доаѓаат. Дека станува збор за последново, индикативно е тоа што Џек ги присилува останатите сопатници да го следат и несвесно да го нишаат бродот. Додека на прв поглед си поигрува со нив како мајмуни, тој го прави она што е неопходно за да го напуштат мистериозното пиратско подземје. Но откако ќе отиде на едната страна, тој се прави дека тоа што го видел и му го привлекува вниманието не е тука. Откако ќе се префрли на другата страна ја повторува оваа умствена игра. Така, не само што ги поттикнува другите да го нишаат бродот за да се преврти, туку покажува дека во тој свет постои нешто скриено и непознато, кое колку што ги присилува да го бараат толку ги враќа во реалноста во која треба да се втемели.

Друг начин на кој ја менува претставата за улогата на пештерата, е односот кон она што се одразува во другото. Сенките на ѕидот наспроти огнот беа фантазмични копии на објектите од реалноста, искривени поединечности кои само според „врамените облици“, според фигурите, се сродни со објектите надвор од пештерата. Во меѓузоната на заклучувачот, постоеше апсолутен одраз што поврзуваше два светови на хоризонтот од морето. Но, иако одразените нешта беа визуелно идентични, и не правеа различни автоскопски движења. Тие беа два различни света, со два различни принципи на функционирање. Подводниот свет беше полн со огромни чудовишта, рѓосани ковчези и потопени пробушени бродови. Но тој е таков, само ако заробените во него, не успеат правилно да го искористат за да се спасат од безизлезната атмосфера. Таквата реалност е својствена за светот на подземните фантазмагориии сé она што демне во мрачните дна на несвесното. За секој што ќе го открие вистинскиот начин на излегување од тој свет, митологизираниот воден свет ќе стане илузорен и лесно надминлив. Многу понаивна е тешкотијата со која се соочува заробениот во пештерата. Зарем му е толку тешко да се заврти, кога силните сончеви зраци продираат кон внатре и му даваат трепкави знаци? Тој само треба да се сети да се заврти со грбот и да го види излезот. Откако ќе излезе ќе види дека пештерата и надворешниот свет се две посебни реалности, иако пештерата постои во склоп на надворешниот свет. Тој не се наоѓа толку длабоко внатре за да не забележи, барем дека постои некаква патека што води во спротивен правец. Просторот е ограничен, а патеките се бројат на прсти. Веројатно не е толку заслепен или има слабо сетило за непосредна ориентација. Но, на Џек и сопатниците им е потешко да се снајдат во непрегледното водно пространство. Двата света се отсликуваат во заеднички одраз. Тие се исти според сите нешта, не постои најмал заеднички содржател што ќе ги раздвои. Ако заедничкиот одраз не укажува никако на реалниот свет, тогаш, присутните во него, навистина се изгубени, не само ориентативно, туку и космолошки. Тие не знаат дали светот во кој се наоѓаат е реален, дали е привиден, и дали вистински постојат гледано од дадената пеПиратското подземје е фантазмичен копненоводен свет парадоксално сместен во подводните длабочини од реалноста. Но вистински нема разлики: небото се отсликува во морето и во едниот и во другиот свет. Недостасуваат опкружувања кои ќе ја потенцираат разликата. Според тоа, и фактички, барем во дадената околност, двата светови се поистоветуваат во одразот. Затоа, двата светови вешто се кријат еден зад друг кога станува збор за таквата космолошка конфигурација. Во случајот на Хари, односно при првиот негов предизвик, постоеше можност тој да изгуби секаква трага од целта што допрва треба да ја открие. Тој лесно можеше да се откаже од потрага и да поверува дека има премногу идентични клучеви и да утврди дека не може да успее отклучувањето ќе му одземе цела вечност.. Но, интуицијата е апсолутна разлика која ја присилува душата да се устреми кон неа. Без разлика на тоа што ја задушуваат бесконечниот број чисти искуства и непробојни антиципации, душата ја зема за ориентир бесконечната утроба на интуицијата. Таа е афект што се инфилтрира во чистите искуства и чистите антиципации, за да го зголеми сугестивното влијание врз душата.

Но што ќе се случи со субјектот? Дали тој извлече поука од магистралниот симболичен опис? Можеби скратената симболична патека што ја зедовме за да образложиме еден пикантен и екстремно полезен симболичен мотив, ќе му ја разреши дилемата која го спречува да оди напред?

Основна и сеопфатна вистина со која се соочи субјектот е следнава. Не постои посебен принцип на организациска селекција, освен чистите ориентации што на секоја креативна душа ѝ ги дава изворниот механизам на интуицијата. Изворниот механизам на интуицијата ги превозмогнува етимологематските механизми со самото тоа што ја покренува и организира нивната работа. Тоа се динамични структури кои се напојуваат со нејзините енергии за да работата ефикасно и за да селектираат и распоредуваат во склад со напредните цели и насоки. Но видовме дека интуицијата не е само психоенергетски поток, туку локален механизам со свои парадоксални закони на работа. Нејзините закони ги извртуваат и ги „редизајнираат“ односите на надолно движење. Во нејзината работна рамка, надолното движење не помага само да се соберат чисти искуства на дното, туку им овозможува на актуелните чисти искуства да се враќаат на површина додека ја полнат интуицијата. Додека се враќаат нагоре актуелните чисти искуства, со нив хаотично се издигнуваат на површина и чистите искуства од дното, како што размешаната вода го развејува талогот. Сама по себе оваа активност од коренот на интуицијата се распространува во етимологематските механизми и им помага да го прават тоа што го прават најдобро. Затоа субјектот се откажува од понатамошните обиди да бара засебни структури кај принципите кои зависат од работата на примордијалните принципи. Начинот на кој етимологемите ги селектираат и уредуваат чистите искуства зависи непосредно од начинот на кој интуицијата ги собира и ги прима чистите искуства. Субјектот знае како се организираат чистите искуства во рамките на етимологематските механизми. Сега знае и зошто. Зошто го обелоденува коренот на како. Но тоа зошто не потекнува од самите механизми. Според тоа, зошто е друго како, кое непосредно се надоврзува на првото како и го доосмислува.

Првата врска на интуицијата со instruere е чинот на насобирање и насобраност. Instruere почнува со она што интуицијата веќе го насобрала. Двете се соединуваат во оваа точка и си ги поврзуваат иманентните функции метонимично. Интуицијата ги насобира нештата по принципот на акреција, ги таложи во слоеви нештата и така иманентно ги класифицира. Но чинот на класификација се проширува и надградува преку оперативната прераспределба која ја вршат етимологемите меѓу себе и во рамките на своите самодинамични комплекси. Првата симболична илустрација ја продлабочи претставата за instruere. Оттука се гледа дека на нејзината самодинамична структура и е интринзичен еден тип на иманентни обидувања, кои можат да се проследат не само траекторијално, шематски и сериски, туку и временски. Целата постапка на потрага по необичниот летечки клуч, колку и да изгледа хаотична, има свој флексибилен поредок и се одвива сериски во диференцирана временска рамка. Метричките особини на постапката во случајов не се важни, бидејќи во интуитивното поле се е релативно, дури и настаните кои имаат комплементарна динамика. Освен тоа, неопходноста да се осмислат принципите на селекција и распределување откри еден иманентен обид својствен за интуицијата како таква. Всушност, самодинамичната структура на интуитивните механизми, вклучувајќи ја интуицијата, се темели врз класи од иманентни обиди. Самата самодинамична структура е коренит иманентен обид.

Логиката на околностите му овозможи на субјектот да се запознае со универзалната форма на иманентни обиди. Без оглед на тоа што субјектот не го доработи instructio, веќе е јасно дека ваквото искуство е сеопфатно, и според тоа главно. Тоа ги привлекува кон својот центар сите фикс-идеи и ги заштитува од отпадништво, како што клучевите ќе му се нафрлат на Хари за да го одбранат објектот-матица. Откако субјектот ќе го импрегнира и ќе го интроектира во себе главното искуство, искуствата ќе почнат сами да му се приближуваат и прилепуваат. Тој нема да го имитира Хари, нема да ги лови премногу грубо и со натпреварувачки занес божем се објекти-алати кои целосно му ја обземаат свеста, Ниту ќе ги ограбува и ќе ги складира манијакално на својот брод, или во подводното подземје наречено заклучувач во стилот на Дејви Џонс. Дури и да потцени и оттурне одредени искуства, тие по силата на неодолива асоцијативна привлечност, ќе паднат во „талогот“ и ќе пополнат место. Гардероберот на Дејви Џонс ќе добие ако не скапоцен, тогаш технички или метафорички вреден, објект-алатка, односно искуство, кое ќе се травестира во зависност од неговата потенцијална вредност. Во оваа точка интуицијата е целосно независна, дури автоматизирана, работи промислено и во исто време се приспособува на субјективните генетски предиспозиции и примордијалните животни компоненти. Таа управува со процесите додека субјектот чмае опкружен од несвесни содржини и го присилува субјектот да му се потчини и да го дозволи нејзиниот периферен избор. Во блиска или далечна иднина, овие флуидни искуства ќе се претворат во кохерентни подискуства што чекаат да бидат приспособени на содржините-што-се-осмислуваат.

Субјектот постојано паѓа во еден монотон грев: честопати не сака да го види вистинскиот лик на интуицијата која е повеќе позитивно противречна отколку иманентен систем полн со хронотопски недостатоци. Тогаш, субјектот ја третира очигледната полза како знак за практичен недостаток. Тој, за разлика од Хари упропастениот изглед на интуицијата го поистоветува со универзалната, или најдолна грдотија. Како и да е, Хари и субјектот го пронајдоа излезот од лавиринтите предназначени за нив. Тие, пригодно го затвораат умот за вишокот од перспективи, но според погоре наведеното својство на интуицијата да наметнува искуства, тие не можат истите перспективи да ги запостават и да ги отфрлаат бесконечно. Тие кога тогаш ќе паднат врз насобраното, купот, или талогот, како снегулки врз снежната покривка. Хари ја тресна вратата зад себеси и го спречи напливот на смртоносни острици кои го тој момент се чинеше дека се тапи. Но тие се раздвижија толку брзо што и тапиот врв се претвори во опасно бодило, па со тапо и силно тропање се забодија во вратата. Слична особина имаат и периферните искуства: колку повеќе потреба има субјектот од нив, толку поцврсто се вклопуваат во смисловната содржина. Само интуицијата е постојана: таа собира искуства неуморно, па насобраното им го предава на етимологемите, како Дејви Џонс кој се претвори во бесмртен дух, за комотно и непречено да ги полни морничавите длабочини со украдените богатства.

Субјектот има неизмерна полза од сите досегашни компоненти на механичкото интуитивно поле: накрсното разгледување на симболичните илустрации, своеглавите иницијативи на интуицијата, продлабочените визии за instruere, дисперзијата на иманентниот обид. Но нешто што најмногу придонесува за субјектот да отскокне и од оваа фаза е тоа што самодинамичните структури претставуваат еден интегрален обид, кој може да се подели на повеќе консеквентни потфати. Ова, субјектот досега не можеше да го открие на ваков начин, бидејќи за него постоеше само еден иманентен обид, а етимологематските механизми и нивниот однос со интуицијата го познаваше во генерални црти. Тој дури се изненади кога откри дека интуицијата има сопствен механизам што ги претставува принципите на динамичен развој својствен за instructio и instruere. Таа беше изворен запчаник што ги покренуваше другите запчаници им им помагаше да се движат сами по себе. Интуицијата е своевидна волја која ги избира и насобира искуствата грубо, не ги става во длабока иманентна врска едни со други, туку се грижи акумулативната дистрибуција да се одвива непречено и изборот на примордијални искуства да биде суров и строг. Ова колку и да звучи профано, нејзиниот самодинамичен механизам е најдлабок во смисла на неговото противречно работење. Таа дистрибуира нерафинирано, но длабочината на процесот не може да се измери за сметка на тоа. Длабочината на еквитенденциозното надолно движење, имено кога инјектирањето создава ерупции, а акумулираното се издигнува за да се сретне со избувнатото, е чудесно потресна. Етимологемите релативно го дисперзираат процесот, му даваат посистематски лик, ги систематизираат неговите карактеристики толку колку што доволуваат гешталт-доживувањата. Но тоа не ја продлабочува нивната работа. Колку повеќе се засновува нивниот начин на работа описно и аналитички, толку повеќе се шират на површина и ја губат врската со таинствените длабочини на интуицијата. Свештеното влијание на интуицијата тлее во нив, како оган постепено што гасне. Заради нив интуицијата се губи сама за себе, да слабее и се солидаризира со „пониски сили“. Тоа е основен знак на обновлив пад што се провлекува во секоја остварена и неостварена фаза.


  1. Постојат и номинални конкретности, на пример граматичката содржина на текстот што го читаме. ↩︎
  2. Luria A.R., Osnovi neuropsihologije, 344-346. ↩︎
  3. Ibid. ↩︎
  4. Ibid, 347. ↩︎
  5. Cooke, M. A., Peters, E. R., Fannon, D., Aasen, I., Kuipers, E., & Kumari, V. (2010). Cognitive insight in psychosis: the relationship between self-certainty and self-reflection dimensions and neuropsychological measuresPsychiatry research178(2), 287. ↩︎
  6. Durand, Les Structures anthropologiques de l’imaginaire, 151. ↩︎
  7. Elman, J. L. (1990). Finding structure in time. Cognitive science, 14(2), 180-181. 179-211. ↩︎
  8. Ibid. ↩︎
  9. Ibid, 182-185. ↩︎
  10. Hommel, B., & Colzato, L. S. (2009). When an object is more than a binding of its features: Evidence for two mechanisms of visual feature integration. Visual Cognition, 17(1-2), 120-140. ↩︎
  11. Ibid, 120-122. ↩︎
  12. Liu, Y. Y., & Barabási, A. L. (2016). Control principles of complex systems. Reviews of Modern Physics, 88(3), 035006. ↩︎
  13. Луман Н., Общество общества I, Логос, Москва, 2011, 98-100. ↩︎
  14. Sartr Ž.P. Biće i ništavilo I, Nolit, Beograd, 1983, 21-22 s. ↩︎
  15. Советуваме, да не се доживуваат предраматично поимите какви што се механизмот и системот. Тоа се синтетични поими што означуваат структури кои остваруваат сложени задачи. Зборот структура ги претставува објективните синтези независно од нивната сложеност. Како и да е, кога велиме систем и механизам не мислиме ни на нешта од роботска природа, ни на нешта од органска природа. Едноставно, тие опфаќаат се што постои на сложен и докрај неспознатлив начин. ↩︎


Leave a comment