(ИЗВАДОК ОД КНИГАТА ОНТОЛОШКА АРХИТЕКТУРА НА ИНТУИЦИЈАТА)
1.
Најчесто, при осмислување одредени значења и за изведување соодветни постапки го употребуваме современиот, англосаксонски зборот instruction. Тој значи, следење практични чекори кои се темелат врз одредени конвенционални и неконвенционални правила. Овој поим, е наследник на две други етимологеми наречени instruere, и instructio. Нивната каузална врска ќе ја образложиме наскоро. Засега ќе го кажеме само ова: нивната статично-функционална каузалност е определувачка за секој организиран процес. Без нивните каузални и статично-функционални значења вообразбата и дејствувањето немаше да можат да ги изградат и следат сопствените рационални структури. Како последица на тоа, на субјектот ќе му недостигаат иманентните нагони за надмоќ кои се дејствени, афективни и вообразбени. Во таквото сценарио, вообразбата никогаш нема да може да ги изгради сопствените образи во душата, и воопшто немаше да знаеше што е тоа инконструкција (inconstruction). Инконструкцијата е универзален метод на душата со чија помош душата ги создава сликите во себе преку вообразбата. Таа му ја отвора можноста на субјектот да смислува разнолики инструкции произволно и креативно. Во исто време, инконструкцијата, односно градењето сопствени образи во себе, ги претставува разноликите акти на душата-што-вообразува. Таа е експериментална траекторија која ги создава во себе сите инструкции, без оглед каков природен јазик користи и какви содржини и цели претставуваат тие. Елементарен тип на инконструкција е психосинтетичната техника на вообразено сосредоточување врз менталното поле која помага постепено да се создадат кохерентни слики. Вообразбата ги соединува објектите во претставата едни со други и еден по еден, на едни објекти им додава бои, други сеуште ги држи „посивени“. Притоа, субјектот не смее да дозволи ниту еден воспоставен аспект или врска, односно објект, да исчезне. Се што ќе додаде мора да влезе во склоп на веќе постоечката и претстава која трае непрестајно. Инструкцијата почнува да работи тогаш кога субјектот ќе се сосредоточи со вообразбата врз менталното поле, тогаш кога ќе ја разбуди свеста за да создаде кохерентни визуелни сегменти. Тој почнува од нула.1 Во оваа смисла, инконструкцијата им е иманентна на актите на вообразбата. Од овој поглед, инструкцијата е иманентна структура што им овозможува на содржините да се организираат нормативно и смисловно по редослед. Колку се понеконвенционални правилата, толку помалку потенцијалот на инструкцијата е застапен во нив. Неа ја заменува инконструкцијата и ја гради од темел. И обратно: колку се правилата поконвенционални, толку присутен е потенцијалот на инструкцијата и толку помала помош бара инструкцијата од инконструкцијата.
На пример, субјектот замислува еден господарски акт. За да го замисли тој мора да го инконструира, т.е. да го вообрази во душата како конкретна оперативна единица и репрезентативна целина. После тоа, овој акт, a) или ќе се претвори во објективна претстава што може да се повтори врз основа на дадените пројави, b) или ќе стане пример што треба да се следи, развива и модифицира, c) или ќе се претвори во апстрактна шема која ќе ги унифицира нормативните барања содржани во конкретниот акт. На кој начин, инструктивен начин субјектот ќе го искористи инконструираното е негова одлука. Сепак, за да инконструира, субјектот мора да ја познава многузначната природа на инструкцијата. Тој мора истата да ја вгради во сопствената постапка како иманентен рефлекс додека обликува внатрешни содржини. Вака, инструкцијата и инконструкцијата соработуваат иманентно. Според кажаното, тие се метафизички принципи чиј хабитус се открива додека субјектот ги создава временски и продолжително структурите на душата и вообразбата.
Некој ќе се посомнева, ќе се потпре премногу на сопствените сили и ќе каже: “за да создадам образ во душата не морам постапките да ги организирам инструктивно. Исто така не морам да ја создадам инструкција за тоа како да се користи или како да се гради одредена структура. Едноставно, ќе замислам конкретна структура на априорен начин, па ќе ја заобиколам шемата која постепено ќе ми ја открива целта. Така ќе заштедам време, сублимно ќе ги разберам работите и сеопфатно ќе ги завршувам обврските. Ќе успеам да ги организирам совршено актите имплицирани во интенционалниот операционализам. Свеста изворно ја синтетизира структурата и ја прикажува наеднаш. Исто така, свеста ја објективира и скаменува инструкцијата во нејзината сопствена содржина. Со тоа, ја обезвреднува инструкцијата, иако истовремено ја содржи. Постојат два вида упатства. Едното ни покажува како да создадеме нешто, другото како да се однесуваме, а третото како да ги искористиме објективните апликации. Јас ќе ги занемарам сите три, веднаш ќе и се предадам на синтетичната претстава и ќе ги исполнам нејзините барања.“
Но згуснатото време не може да ги спречи инконструкцијата и инструкцијата да се пројават како метафизички принципи на синтетичната претстава. Синтетичната претстава настанува затоа што тие се однапред содржани во неа, независно дали имаат време да се продемонстрираат себеси или не. Когатогаш субјектот мора да го напушти полето на интуицијата и да ги временува рационалните структури. Инструктивниот и инконструктивниот потенцијал чекаат погоден момент. Прашање на време кога ќе се самообнови нивната улога и ќе стане очигледна.
За да докажеме дека не е важен нашиот однос кон неа, туку нејзиното иманентно присуство во претставата и дејствувањето ќе дадеме аргументи против инструкцијата. Упатството никогаш не се појавува пред предметот на интерес кого свеста сака да го произведе или осмисли. Најчесто, единството на дејствувањето и она што субјектот го прави, не се третира како следење-упатство. Тоа се непосредни активности без инструктивна вредност. Исто така, инструкцијата не е првото нешто што се појавува во свеста, дури ни тогаш кога умот очигледно има намера да создаде рационална структура и да следи одредени правила, чекори и шеми. Тој прво го зема предвид потенцијалниот сооднос на деловите и целината. Само кога издвојува од содржината како шема на постапување инструкцијата се појавува на хоризонтот на свеста. Таа може да биде нормативна структура што постои самостојно однапред и се однесува на секој сопствен тип поединечно. Објективните случувања можат да се третираат како инструктивни и покрај тоа што нивната нормативна природа е изразена, но не се потенцира. Честопати, крајно објективните постапки кои се синтетизираат во остварената цел, можат да се претворат во инструктивна шема, ако субјектот препознае во нив потенцијал достоен за искористување. Додека сме кај тоа, инконструцијата се истражува, а инструкцијата се искористува.
На почеток, ниедна од овие разлики во воспримањето на инструкцијата не се важни. Исто така не е важно дали инструкцијата како метафизички принцип на претставување е повеќе вредна од активностите кои вака или така претполагаат организирано следење правила, или прикажуваат имплицитна инструктивна структура. Најважно е, субјектот да согледа колку се важни инструкцијата, и уште повеќе инконструкцијата, за осамостојувањето на образите.
2.
Ќе го прескокнеме делот што го содржи односот на различните типови инструирање и генералното инконструирање. Тоа ќе го направиме ако ни се даде таква прилика во иднина. Веднаш ќе преминеме кон етимологемите instruere и instructio. После тоа, ќе го објасниме начинот на кој ја индуцираат инструкцијата.
Instruere и „дише на инконструкцијата во врат“. Додека почнува да инконструира, да обликува образи во душата со вообразбата, субјектот го користи instruere. Instruere ја претставува ситуацијата кога се движиме кон она што сме го насобрале додека сеуште го собираме. Субјектот стекнува, односно собира искуства додека стапува во допир со околниот свет. Додека ги собира искуствата тој се обидува да им даде значење. Им излегува во пресрет на искуствата што ги стекнува сега и овде. Психосинтетичната техника го учи субјектот да ги консолидира објектите во претставата додека ги составува. Instruere овозможува сличен пристап. Го поттикнува субјектот да им дава двослојни значења на искуствата. Тој ги созерцува поединечните значења на веќе собраните искуства и се обидува да ги продлабочи така што ги става во врска со значењата на другите искуства кои го собира во исто време. Сите овие операции се иманентни. Искуствата се насобрани, но тој им додава други искуства за да види како можат да се синтетизираат поединечните значења на сите искуства. Во оваа смисла, тој се навраќа кон насобраното додека го собира. Затоа, не е чудно што насобрал нешто и во исто време му се враќа на насобраното со помош на она што го собира. Собирањето и враќањето-кон-насобраното не си противречат, туку се надополнуваат. Нивната истовременост е неопходна за инконструкцијата да ги роди првите плодови.
Едни искуства се во него, други сеуште продираат, трети веќе го зазеле своето место. Но сите се туѓинци чија „намера“ субјектот мора допрва да ја запознае, класифицира, групира, подели, распредели и синтетизира. Во еден момент, субјектот прекинува да собира. Субјектот останува насамо со насобраното кое се претворило во многуперспективна смеса, како последица на односот помеѓу веќе насобраното и неговата врска со она што сеуште се собирало. Субјектот прекинува да се огледува во широкото, трансгресивно опкружување кое ги опфаќа внатрешните и надворешните светови. Свеста се затвора за она што го присвоила и се одразило во неа во првиот момент на интенционално проникнување. Сето насобрано искуство е живописно по природа, дури и кога се трансцендира радикално. После тоа, свеста и го предава одразеното на вообразбата. Вообразбата го обработува одразеното, поточно насобраното со помош на интуицијата. Се обидува да ги структурира квази-сликите во согласност со нивните потенцијални врски. Така се активира инконструктивната функција.
Субјектот чувствува дека може да господари само ако ги артикулира стратегиите со чија помош ќе ја шири превласта. Процесите што ги опишуваме сега, се првобитни стратегии без кои субјектот не може да напредува во областа на образите. Тие не се само рефлексни механизми, туку продуктивни иманентни состојби кои субјектот мора да ги воспита така што се обидува да ги разбира контекстите на нарцистично господарење. Тие се трансценираат во полето на иманентноста, а полето како такво се распространува врз сите субјективни постапки и ги контролира. Зачетоците на превласт-во-светот се содржат во преовладувањето над овие механизми. Следниов склоп на афективни околности го мотивира субјектот да се развива, иако самиот не е свесен за конституцијата на неговиот предоминантен порив. Тој мора да создаде веродостоен образ. Ако не го создаде нема да може да се соживее со суштината на нарцистично господарење. Следствено, колку алтернативни автопоетички планови и да смислува, чија циклична активност ќе го доближува се поблиску и поблиску до целта, тие ќе пропаѓаат во бездната на душата. Душата нема да умее да ги обликува сопствените образи во вообразбата, ако не ги проучи, втемели и усоврши нивните механизми. Субјектот отворено почувствува превласт кога покажа надмоќ врз антагонистите во сеќавањето. Таквата отвореност го поттикнува сега, да се зафати со произволните образи на моќта и да ја проучи нивната сложена архитектоника. Додека душата работи инконструктивно, субјектот чувствува како се формираат одредени квази-слики и како истите, се стремат да состават единство кое ќе го смести произволно-создадениот образ на превласт и моќ. Субјектот не знае дали сликите се остатоци од минатото, или случајни фикции што ги откриваат хировите и психотични страни на душата. Така, инконструкцијата работи во хармонија со instruere. И покрај тоа, нивната активност го поттикнува субјектот да почувствува без воопшто да си претстави, како е да се успее да се одржи моќта откако ќе се стекне. Тоа не е доволно. Ако образот стане произволен ќе се усоврши. Не постои вообразена форма на господарење без проникнување во инструменталната улога на конструктивните етимологеми. Ова веќе го нагласивме. Тоа се едни од иманентните потфати на душата. Тие го засилуваат чувството на моќ преку слободниот израз на образите. Се кријат во длабочините на душата и оттаму им помагаат на образите да се облечат во својата слава.
Инконструкцијата не може да се замисли без етимологемите. Следствено, таа не може ни без инструкцијата која ги инкапсулира своите подкатегории. Систематизираните структури на моќ мораат да го поминат решетото на произволните образи и механизмите на душата што ги создаваат образите. Но, субјектот нема високодетализиран план, и покрај тоа што, се чини дека секоја од досега опишаните етимологеми има бескрајно сложена внатрешна механичка структура која може да му помогне. Всушност, во неговата душа (тука спаѓа и умот) фигурираат неколку мотиви, едноставни на планот на интуицијата. Образите на моќ, механизмите на обликување слики и неопходноста да се воспита такво самопројавување што ќе овозможи да се дејствува храбро, го „наговараат“ субјектот да продолжи да ги структурира сите области без оглед каде ќе го однесат. Субјектот си ја олеснува работата. Му се посветува на комплексот инконструктивни и инструктивни механизми, а привремено ги запоставува сите останати аспекти на нарцистично-господарење. Колку и да чувствува дека аспектите се всадени во логиката на покажување моќ, неговата свест не може да се пробие до моќта како таква. Според тоа, и сите корелати на моќта, надвладувањето, превласта, надмоќта и сл., се потсвесни афекти.
3.
Во духот на горе кажаното, субјектот интересот го преместува од instruere кон instructio. Instruere ги исцрпува можностите. Тоа е строго ориентирано и строго организирано. Искуствата се влеваат и се соединуваат со искуствата собрани внатре. Така се организираат. Додека субјектот им излегува во пресрет на надворешните се упатува кон внатрешните за да им ги соедини значењата. Дејствувањето на субјектот ја разоткрива генералната ориентација, се ориентира самиот и им помага на искуствата да се организираат некако. Вака функционира иманентната структура на instruere. Но бидејќи искуствата се наизглед безоблични и врските се навидум бесмислени. Динамичните односи што ги воспоставува субјектот со искуствата и заемните врски на искуствата се разводнуваат заради блуткавата физиономија на искуствата. Организацијата и ориентациите го губат квалитетот. Секоја динамична промена ги инфликтира чистите формации што искуствата ги составуваат едни со други под покровителство на субјектот. Но и конечната и процесуалните конфигурации на искуствата ја релативизираат целината со својата генерална безобличност. Трансцендентните квази-слики се содржини на свеста кои немаат конкретен изглед. Настаните што се статично, или динамично содржани во квази-сликите се претвораат во трансцендентни движења кои исто така немаат изглед заради појавата на квази-сликите. Instruere како механизам што ги организира квази-сликите на чист начин, го дозбунува умот. Човечкиот ум мисли дека може да ги експозиционира сите аспекти во нивната соодветна форма, но тоа е невозможно. Не само поради иманентната природа на етимологемата, туку и поради појавата на сликите кои се претвораат во искуства.
Синоптичките заклучоци не наведуваат да го утврдиме следново. Она што се насобира, односно трансцендентните квази-слики што насобираат за да се соединат едноставно во конзистентен живописен комплекс, остава дволичен впечаток. Нивните констелации што се наслојуваат една над друга и формираат поток се неорганизирани и дезориентирани во исто време. Структуриран е само начинот на кој субјектот ги доживува и нивната тројна соработка. Сé останато се апсорбира во хаотичниот поток на безобличните квази-слики. Instruere многу малку личи на целосно осмислен систематски метод бидејќи е прво на листата од инструктивни форми. Динамичната структура на неговиот проток е многу сродна со Помамата, која исто така се пројавува структурно на хаотичен начин. Instruere го наговестува она што е значајно, но не може да ѝ го достави на свеста. Потсвесните господарски навики што субјектот веќе ги стекнува преку соживување, запознавање и проучување на полуобразите, тешко ќе станат категории на свеста, ако се поистоветуваат со овие флуидни рамништа на она што треба да стане конкретно. Субјектот знае дека си има работа со значајни искуства преку самото тоа што протокот на трансцендентни содржини го исполнува со господарски ентузијазам. Сепак, тоа не може да понуди план што ќе му помогне на субјектот да гради произволни нарцистично-господарски образи со висока и застрашувачки брза точност. Субјектот е научен номадски да следи се повеќе и повеќе фази на развој и да ги интегрира во предвидениот систем на самопројавување. Тој собира и натрупува искуства поттикнат од динамиката на неговиот животен повик.
Субјектот ги пренесува своите креативни мечти во „домот“ на втората инструктивна етимологема instructio. Душата и вообразбата го апсолвираат основниот принцип на методолошко и конструктивно присвојување класифицирани чисти искуства. Секоја постапка, барем ако нарцистично-господарското пројавување се восприма како идеален систем, е метонимична по природа. Секоја се вклопува во секоја друга нецелосно, но совршено складно со синтетичната функција. Тоа не важи за насобраните искуства, но и тие се стремат кон совршена синтеза исто како перспективите на самопројавување. Рековме, дека душата насобира одредено количество квази-слики, па ги затвора во себе, за да ги одгатне чистите синтетични значења што ги вкрстуваше додека го пропушташе низ себе трансцендентниот поток. За да го категоризира овој процес, душата мораше да се потпира на длабоката вообразба која ги позајмува функциите на умот. Кога вообразбата се фиксира за квази-сликите таа е повеќе махинална и имагинарна. Додека ги опфаќа првичните методолошки принципи инструкцијата и се обидува да ги реорганизира насобраните материјали во согласност со нивните сраснати значења, таа е длабока, т.е. имагинална. Сега, душата ќе се обиде поверодостојно да го структурира непосредниот капитал со помош на умствено-насочената вообразба. Instructio е пристап што ќе се роди од овие заложби.
Со други зборови, вообразбата се обидува да го конкретизира и организира живописниот материјал што го насобрала душата. Материјалот не е едноставен предмет на интерес. Тоа е мрежа од чисти искуства и чисти значења кои се разгрануваат, преклопуваат и си недостигаат некаде. Свеста е јадро на сите психоментални процеси, дури и тогаш кога субјектот ги претставува нештата махинално, бледо и неконкретно. Нејзиното функционално присуство се чувствува секогаш кога субјектот насетува во себе нешто необично и потенцијално значајно. Таа тоне во нејзиниот рефлексивен комплекс, сраснува со своите дополнителни функции, ако за ништо друго, тогаш барем за да ја осветли одвнатре таинствената непосредност на впечатокот. Субјектот немаше да го доживее динамичното соединување на искуствата и значењата ако свеста не втонеше во душата (или во вообразбата); ќе пропуштеше да ја забележи и нивната изразена живописна основа. Дури и предрефлексијата е свесна во одредена депривирана смисла. Секој афект очигледно не злоставува. Таквата несвесна очигледност не вознемирува како увидот во чистите патолошки состојби. Увидот не тресе одвнатре како земјотрес и не присилува да ги набљудуваме чистите промени кои се виновни за тоа што објективно ги забележуваме актуелните сеизмички процеси.2 Латентната свест секогаш ѕидка од несвесната очигледност на патолошкиот процес. Но свеста која втонува во своите функции, мора да добие поддршка од вниманието, ако сака да го издигне над неговата непосредност она што махинално го набљудува сама по себе. Вообразбата им пристапува на насобраните квази-слики на друг начин и ги разгледува нивните чисти динамични содржини. Таа ги пронаоѓа чисти значења во нив, исто колку што ги пронаоѓа во врските што ги воспоставуваат содржините. Така, вообразбата ги доживува трансценденциите како значења, а нивните односи како потенцијална структура од значења. Таа се стреми да ѝ создаде прогресивен корелат на првично доживеаната синопса. Купот динамични ентитети е невидлив и потенцијално видлив во исто време. Живописната основа ја претставува потенцијалната видливост. Но сите појави-со-изглед се трансцендираат и се изедначуваат со појавите-без-изглед. Естетските објекти се поистоветуваат со чистите движења, со формите на сила што дејствува. Движењата пак, дури и да им припаѓаат на естетските објекти, се ослободуваат од нивната обвивка, и се поистоветуваат со своето јадро, односно со чистата динамична сила што се распространува, пројавува и протега активно во времето. Чистата трансценденција порамнува сé. Низ неа се провлекуваат и проѕираат шемите на содејство помеѓу субјектот, искуствата и значењата како флуоресцентни фантомски мрежи. Квази-сликите и нивните содржини не сé толку повластени и се преобразуваат во хаотичната безобличност со живописна основа, како што телото натопено во нафта целосно се идентификува со нафтената текстура.
4.
Субјектот ги сосредоточува силите на вообразбата врз амалгамот за да воспостави рамнотежа помеѓу видливото и невидливото, иако е свесен дека таквата организација нема да ја укине чистата трансценденција која прекрива сé и сé го преобразува во себеси. Тешко е да се каже колку рефлексивен напор ќе треба да вложи субјектот за да почне да организира конкретно дадени содржини. Останува отворено прашањето и за тоа како ќе настанат таквите содржини и како ќе се организираат меѓусебно. За да дознаеме ќе продолжиме да се движиме по зацртаната патека.
Субјектот го доживува шематскиот израз на односи, соодноси и содејства интуитивно. Тој дава добра појдовна позиција, која ако субјектот сфати како да ја искористи, ќе му помогне да се снајде во насобраниот куп од впечатливи искуства. Засега и досега, купот му се спротивставува на планот. Планот ги вклучува во себе сите инструктивни форми. Тој е генерален ориентир, синтетичен центар од каде почнува да се расплеткува мрежата од инструктивни постапки. Тој не е структурирана целина, туку предиспозиција и претпоставка, од која зависи идниот напред. Најпосле, планот е чист стимул што треба да се самотелеологизира во системот од инструктивни форми, односно функционални етимологеми. Субјектот нема на располагање ништо што одблиску наликува на упатство-кое-треба-да-се-следи, тој нема ни едно методолошко правило, ни чекор што може да се повтори. Шемата на интуитивни и eo ipso трансцендентни содејства е инструктивна структура. Но субјектот не може да ја апстрахира и да ја претвори во нормативен план што ќе го искористи за да создаде макар единечен инструктивен пристап. Премногу е далеку од можноста да мисли на типовите инструктивни појави. Како ќе се извлече субјектот од оваа заморна ситуација?
Може да се каже дека секој склоп на чисти искуства кои се поврзуваат течно едни со други и си ги споредуваат чистите значењата, ја составува универзалната структура на интуицијата. Поделеноста на оваа целина на примордијални трансцендентни делови е нешто што е толку упадливо, но никогаш не ни паѓа во очи. Колку да трае протокот, колку да се шири трансцендентното поле на интуицијата, поделеноста на делови е априорен модус што ги овозможува структурните реалности и промени. Поделеноста на делови, не е конкретна, ниту просторно-изразена структура, тоа е априорна шема инхерентна на секое чисто искуство и на секое чисто значење, која се проширува откако чистите искуства и чистите значења ќе почнат да се соединуваат аморфно. Едно чисто искуство не се ограничува на еден фиксен комплекс од делови. Тоа собира многу антиципации во различно време. Според тоа, како се поврзуваат антиципациите, до какви нови спознанија можат да доведат, колку се сложени сами во себе, а колку се усложнуваат во однос со други сегменти, зависи големината на сегментарниот комплекс. Истото важи за значењата, за врската помеѓу искуствата и значењата, за врската помеѓу искуствата и искуствата и за врската помеѓу значењата и значењата. Поделеноста на делови се размножува многустрано и не секогаш следи иста траекторија. Се на се, димензиите на априорниот модус „поделеност на делови“ се флексибилни, непредвидливи и димензионално релативни. Притоа, субјектот може да ги замисли искуствата одделно од значењата. Ако со искуствата ги поврзавме квази-сликите, а со значењата нивните статично-динамични содржини, тогаш на субјектот не го спречува ништо квази-сликите да ги претставува без динамичните содржини и искуствата без значењата. Ова раздвојување не го врамува априорниот модус, и покрај тоа што се чини, дека на модусот му се одзема значителен дел од неговите екстензивни потенцијали. Едно значење во склоп на едно искуство може да има капацитет за составување поголема структура од повеќе искуства-со-значење кои се апроксимираат тешко.
Планот потсетува на оперативна целина која се дели на делови. Тој е оперативен во смисла на тоа што му овозможува на субјектот да дејствува во согласност со него независно од природата на дејствувањето. Оттука, на субјектот му доаѓа идејата трансцендентната целина на интуицијата да ја третира како поле каде се вкрстуваат повеќе комплекси од делови на различни начини и во разни димензии во зависност од конфигурацијата на влеани искуства и значења. Откако субјектот го усвои априорниот, релативен и експанзивен модус на поделени делови, тој на некој начин неформално ја структурира живописната основа. Чистите слики кои беа наизглед лажни затоа што немаа форма, нивните односи и односите помеѓу нивните статично-динамични содржини, сега се издвоија во себе благодарение на провидната шема што ја создаваат со своите присуства, правилно и неправилно, разграничени едни од други. Слично, задните кортекси на мозокот ги делат на непосредни составни делови надворешната реалност и нејзините поредоци од објекти на непосредни составни делови што ги примаат од органот за вид. За жал, и после ова, субјектот не може постапно да ги уредува насобраните материјали. Неформалната структура ја преобрази содржината од хаотична во содржина полна со нешта, хаосот го замени со изобилство, но не успеа да го наштима најголемиот дел од безоблични впечатоци.
На субјектот му го завлекува вниманието кон себе една светкава нитка. Искуствата и значењата кои градеа обични врски затоа што беа хомогени импулси и јадра се надградија во квази-слики и статично-динамични содржини кои можат да воспостават односи бидејќи преформатираат контекстуални целини. Оваа праволиниска екстензивна разлика е првото нешто што на субјектот го асоцира на кристално јасна инструктивна траекторија. Чистите јадрени моменти мора постојано да се зголемуваат до контекстуални антиципации за квази-сликите што поверодостојно да се преобразуваат во вистински слики. Конкретната статично-динамичната содржина на вистинските слики ќе произлезе од исконските мотиви на душата, така како што се пројавува желбата која духот му ја исполнува на оној што го пуштил од ламбата. Психичкиот мотив ќе ја изостри содржината. Затоа што субјектот ќе сака искуството да го види контекстуално, ќе се помачи да создаде живописен образец. Исто така, затоа што ќе сака значењето да стекне проширено јадро, статично-динамичните содржини ќе ги претвори во контексти на сликата.
5.
Овој порив е безусловен. Субјектот се сосредоточува врз разликата. Целата суштина на насобраното ја сведува на неа. Во дадениот момент на субјектот не му треба упатство. Самата помисла на откровението што го нуди оваа разлика, се претвора во врело на инструктивни инспирации. Додека се соживува со разликата субјектот чувствува колку е важно да се дејствува постапно. Ова чувство е повеќе афективно во ментална отколку во емоционална смисла на зборот. Праволиниската експанзија е инструктивна. Покажува зошто помалечкото нешто да се надгради и преобрази во нешто поголемо. Нејзините инструментални капацитети се премалечки. Дури ни субјектот не знае како успева да ја извлече и изостри сликата додека се задлабочува во разликата. Тој се вложува целиот во разликата, но се што добива од интуицијата а е поврзано со инструкцијата е чувството на произволна постапност. Силите што ги вложува во разликата за да ја диференцира структурата на градирани ентитети, се чисто интензивни. Но бидејќи интензитетот исто така се градира, субјектот има чувство дека додека ја остварува градацијата, постапува систематски. Тоа не е случај. Искуството хипотетички се преобразува во вистинска слика, но јадрото на преобразба не е систематско, туку чисто интензивно. Не постои инструментална траекторија која ги координира процесите додека ја создава издиференцираната структура. Тоа е еден интензитет кој го усложнува интуитивниот и оптички процес. Искуствата и значењата кои се интуитивни категории ги претвора, или ги надградува во вистински слики и конкретни статично-динамични содржини кои, од своја страна, се оптички поими. Субјектот го преобразува искуството во слика така што не знае дали однапред дадената слика матно што избувнува од неговото битие ја мести оптички, или манипулира со оптичките предиспозиции за да ги организира приближните претстави.
Мора да се признае дека овој премин од чисто искуство кон вистинска слика и од чисто значење кон конкретна статично-динамична содржина, го содржи во себе семето на инструктивноста. Прво субјектот сметаше дека праволиниската екстензија е инструктивна par exellance. Последните наоди му открија непријатна вистина. Праволиниската екстензија е повеќе постапна, отколку инструктивна. Инструкцијата содржи заокружени чекори, таа налага постапки кои се строго демаркирани без оглед на тоа колку е голема и сложена задачата. Кај инструкцијата правилото на движење од А до Б, мора да има сопствена структура, независно од нејзината врска со други траектории и цели. Кај постапноста принципот на демаркација ослабува, заокруженото може да биде евклидова точка. Движењето од а кон б во тој случај, ја вклучува и серијата брзопотезни пукотници, или незначителната смена на интензивни разлики. Последниве не можат да се наречат инструктивни сами по себе. Тие не му налагаат на субјектот ништо, исто како и инструкцијата вградена во објективното систематично случување. Па сепак, субјектот знае дека мора постапноста да ја издигне до момент на инструктивноста за да оствари инконструктивни резултати. Тој дури и не мора да се труди да им најде многу заеднички нешта бидејќи постапноста е релативна форма на инструктивноста. Таа е примордијална инструкција. Постапноста прикажува како се остваруваат релативни чекори, или во најмала рака, чекори кои не можат да се следат затоа што не се пригодни. Инструктивноста покажува како да се преземат чекори кои имаат смисла за субјектот, независно од вредносната скала на која се наоѓаат.
Во границите на интуицијата, постапноста и инструктивноста се изедначуваат, тие, му припаѓаат на иманентното поле. Тоа ги инкапсулира и стеснува механизмите на психоментално дејствување во апсолутното јадро, без оглед на обемот на нивната екстензивна структура. Субјектот ја чувствува силно нивната работа, но не може да го расчлени и структурира доживувањето додека тоа се одвива во него. Тој ги замислува и збирно ги антиципира постапките што се случуваат во јадрото, но не може да каже кое кога настанува и со што се поврзува во дадениот момент. Дури и да има некој психовременски континуитет, неговата диференцирана траекторија се меша сама во себе и сама со себе. Го спречува субјектот да ги структурира конкретните елементи на доживувањето како што брановите го прекриваат и потопуваат остатокот од распарчениот брод. Потсвесното присвојување на нарцистично-господарските афекти и состојби се темели врз ваквото доживување на интуитивните механизми. И потсвесното присвојување и интуитивните механизми настануваат откако субјектот латентно ќе посака да се проектира себеси во својата претпоставена личносна формација. Се за што зборуваме во контекст на инконструкцијата која не почнала да ги произведува вообразбените производи и да се провлекува во нивните започнати структури, колку и да се чини софистицирано и детално распоредено, втонува во океанот на безобличното искуство. Може да се каже дека искуството не е чисто, бидејќи во него се одразуваат непосредно диференцираните форми на доживувањето. Па сепак, ние мораме да ги структурираме механизмите на инструкцијата надвор од актуелното психичко време. Го инструментализираме психичкото време за да се потсетиме какви се непосредни формации, односно малгами, содржеше интуитивното доживување.
Значи, во иманентното поле на интуицијата, чувството на постапност се изедначува со однапред организираната постапност. Субјектот може да се задлабочи во иманентната структура на организираната постапност. Тоа не значи дека структурата ќе ја доживее траекторијално. Тој го одолговлекува психичкото време. Ја прикачува доживеаната содржина за импровизираната долготрајност, за да ја експлицира содржината, за да ја прикаже веродостојно и локомоторно. Субјектот го преживува искуството продолжително, но постојано се повторуваат истите амалгамски циклуси. Кој сегмент и да сака да го доживее како посебно изразена целина, тој во исто време, ги впрегнува во процесот сите останати елементи. Гешталт-единството на содржината се наметнува дрско, неговата грубост не знае за доста. Оваа репрезентативна констелација мора да се има постојано во предвид додека го претставуваме системот на инструктивни постапки.
Патоказите во однапред организираната процедура се тука, едноставно содржани и измешани во разбрануваното интуитивно поле. Секоја конструктивна постапка, независно дали е нормативна или објективно-полезна, е дел од патоказот. Но овие патокази се збиени во чувството на амалгамски формации. Ваквата ситуација го наведува субјектот да ги обезличи претходните образни искуства. Тој го редуцира реминисцентното искуство се додека не добие чист апстрактен производ. Сите стари полуобрази ги стопува во архетипот на надмоќно однесување (ако кажеме господарско однесување ќе звучи многу силно во оваа потсвесна фаза на искуства). Чистата суштина на господарење која го проникнува архетипот, му помага на субјектот да ја антиципира генералната логика на инструктивно дејствување. Така, субјектот стекнува некаква свест за инструктивната сфера која не се темели врз телото, туку врз интегралната претстава на надмоќ. Освен тоа, надмоќта е флуидно чувство на господарење кое не се соединува со свеста за поседување моќ и со отворената потреба да се биде велик. Субјектот знае дека треба да инконструира образ каде неговите самопроективни активности и самоформации ќе се претворат во нормативен идеал. Тој не може да исчекори од оваа етапа. Тој ја врзува можноста да создаде произволен образ на надмоќ со инконструктивните потенцијали. Оваа синтеза е непосредно силна, но ги ограничува неговите спознанија и психичките оперативни можности.
Иманентната структура на однапред организирана постапност го сопнува и збунува субјектот. Тој, се колеба меѓу постапноста однапред организирана во реминисцентните обрасци и произволниот образ што треба да го создаде и да го претвори во инструкција чие следење ќе му даде предност во развојот. Тој сеуште не поседува таква структура. Диспозиционалните содржини на сеќавањето рефлектираа однапред организирано однесување. Тој знае како изгледа едно однапред организирано однесување, но не може да смисли исто такво произволно. Тој е како дете кое не може да се снајде со упатството што му е дадено на располагање затоа што скицата или планот, е пресложен за неговото неразвиено умче. Се разбира, во неговиот случај предизвикот трансгресира. Тој мора да се угледа на образецот, а не да го состави. Субјектот се соочи со неколку нормативни и конструктивни патокази кои самиот ги искуси и спроведе, има збирка од заоблени упатства. Во исто време, тој не може да ги искористи објективните примери на инструктивно однесување. Тука, прв пат гледа колку е сериозна и штетна колизијата помеѓу однесувањето кое личи на патоказ, или е патоказ што ги исцрпил можностите и неопходноста да се смисли нормативна или инспиративна инструкција. Повторувањето на претходните обиди не го води кон никаде. Неговата душа дестилира толку многу образи чии формации ги следеше, применуваше и повторуваше, што субјектот се огледува во идеалната слика за инструктивните можности за покажување надмоќ. Затоа, структурата на произволниот образ е однапред организирана интуитивно. Субјектот ја познава суштината на надмоќно дејствување толку што може да си ги замисли релативно сите патокази што се соединуваат во една лична самопроекција, тој ги препознава и секогаш одново ги разоткрива иманентно нивните поединечни структури. Па сепак, неспособен е да инконструира конкретен произволен образ. Субјектот не може да го изведе прекупотребниот скок од збирот поучителни образи во самодоволната претстава на надмоќ. Тој живее во сферата на произволни образи, само не знае да се ориентира во неа.
Во дадената околност, субјектот дозна дека чистите искуства, нивните значења и сенасочните, или кон секаде насочени врски, се надградуваат феноменолошки во квази-слики, во статично-динамични содржини и во потенцијални образи. Instruere и instructio го овозможуваат овој премин. Првото, го научи субјектот да го организира искуството што го собира и го насобрал. Второто, го обучи се она што настанува како чисто искуство во интуитивното поле да го категоризира, да го дели на состави делови. После тоа, субјектот па користи составните делови за да ги мапира неисцрпните односи на опфатените чисти асоцијации. Сите овие инструктивни операции го обезбедуваат преминот од чисто искуство во квази-слика и т.н. Тие се вклопуваат во динамиката на стекнување и занимавање со чистите искуства, нивните значења и врски, за одвнатре да ја поттикнат безобличната содржина да се претвори во потенцијално-конкретен збир од нешта. Instruere и instructio им ги предаваат овластувањата на квази-сликите и нивните перспективи од внатрешноста на чистото искуство. Тоа не се инструктивни алати кои покажуваат како се создава целесообразна структура, како се користат дадените структури и како да дејствува во дадена структура, или ситуација. Овие оперативни модуси влегуваат во склоп на интуитивната активност. Тие го подготвуваат субјектот за работа со визуелните материјали откако ќе се појават материјалите. Тие, исто така, го поттикнуваат да ги замисли и да ги пројави во сопствениот живот. Тие, се сраснати со квази-сликите и нивните променливи конфигурации толку колку што квази-сликите ја одржуваат врската со чистото искуство. Колку повеќе се губи визуогената неопределеност и сликите се конкретизираат толку помала улога играат етимологемите. Тогаш, на сцена настапуваат гореспоменатите емпириски форми на инструирање. Последните и припаѓаат на вообразбата и на конкретната инконструкција која се занимава со изострените визуелни облици и репрезентативни целини. Спротивно од тоа, instruere и instructio субзистираат. Тие го истиснуваат конкретното неартикулирано: визуогените потенцијали ги преобразуваат од чисто доживување во груби хипнагогички облици и мрежи. Instruere го открива типот на динамичен сооднос помеѓу чистите искуства и нивните сегменти. Instructio ги одредува динамичните пропорции на соодносите и нивните промени.
Оваа каузална интуитивна активност го стимулира преминот од една форма на состојбата во друга, а се преклопува само со фазата со поранешната фаза. Тие го разграничуваат механизмот на чистата интуиција која сака да воспостави однос со вообразбата и нејзиниот проективен и репрезентативен домен, од механизмот на интуицијата која се вклопува во вообразбата за да и помогне да ги уреди кристализираните слики. Етимологемите и нивниот метафизички принцип на конструирање содржини, не се отстрануваат од работата на вообразбата, туку ја поддржуваат во позадина. Тие потсетуваат на мртвите индијански предци кои биле херои. Пред да се вознесат и да станат објекти и појави од вселената, хероите-предци воспоставувале племенски културно-економски поредок. Тие се преобразувале во божества привремено за да видат дали нивните потомци го почитуваат и не ги менуваат постојаниот поредок. Нив им било поважно да го спасат дадениот поредок, отколку да бидат сметани за божества.3 Таква улога си назначуваат и инструктивните етимологеми. Ако ги разгледуваме од перспектива на живописните облици и нивните структури, инструктивните етимологеми се средства на морфоцентричната интуиција. Таа, им подготвува терен на вистинските слики, се стреми да ги улови, фиксира и измазни облиците кои се складни со чисто замислената самопроекцијата. Таа е уште и состојба која им овозможува на двата интуитивни механизми да соработуваат, да се дополнуваат и да се соединуваат еден со друг.
Така морфоцентричната интуиција создава соодветни услови за инконструирање. Стремежот неопределениот визуоген предмет да се претвори во појава со цврсти моторни самопројавувања, постои кај шизофреничарите кај кои е нарушена способноста за воспримање движења. Бидејќи пропуштаат да ги видат движењата на објектите во реално време, тие се сеќаваат на некои поранешни движења. Тие ги препроизведуваат моторните шеми во стварноста, така што им ги припишуваат на мртвите објекти. Претпоставуваат дека обликот на објектот е сроден со видот на шематско движење, па халуцинираат дека објектот е живо суштество кое се придвижило сега и овде. Тие рефлексно ги соединуваат во хомогена динамична целина обликот на објектот и запаметената шема на движење, па објектот го воспримаат како активен ентитет, иако објектот in principio не може да се движи така, или е неподвижен воопшто. Целиот овој процес е махинален. Тие му го припишуваат движењето на објектот уште пред да го запознаат неговиот конкретен облик.
„Сигналите на движење се појавуваат во меѓувремената фаза на визуелно процесирање; можеби, врз нив влијаеле раните визуелни процесирања (преку добивање просторни и временски податоци) и доцните визуелни процесирања (когнитивното толкување на подвижните цели). Можно е недостатокот од движења кај шизофренијата, да ги одразува вторичните ефекти од областите на мозокот кои го обезбедуваат раното и доцното процесирање“.4
Се чини, дека шизофрените лица со вакви нарушувања незапирливо се стремат да го осмислат присуството на објектите што ги опкружуваат, исто како што субјектот се стреми комплексите на чисто искуство да ги претвори во занесни визуелни претстави. Ова нарушување не само што ни го открива работењето на морфоцентричната интуиција, туку противречно ни покажува како се расчистува визуогената неопределеност.
5.
Работата на instruere и instructio е инконструктивна во најизворна смисла на зборот. Секоја функција што ги покренува потенцијалите на визуогено осмислување, е инконструктивна par excellence. Со вежбање во психоменталната сфера, овие функции се претвораат во иманентно (и истовремено трансцендентно) упатство. Со тоа, тие не го олеснуваат пристапот до целта, но му помагаат на субјектот да го забрза влијанието на сопствениот интерес за визогената сфера и морфоцентричната интуиција која се обидува да ги извлече образите.
Со ова не завршува сагата во царството на интуицијата. Упатството на двете првични етимологеми не го олеснува пристапот до целта. Тоа го посведочува и во исто време го усложнува. Постои една гешталт-целина со своја динамика, но таа е чиста и непосредна. И покрај тоа што има сооднос на делови и функционални ентитети, субјектот мора да се мачи да ги пронајде конкретностите што се кријат зад полето на трансцендентната иманенција. Шемата од искуства, значења и врски е воспоставена, а сепак се има впечаток дека се е поставено врз кревки експериментални столбови. Субјектот не знае провизорно туку со голема сигурност кој сегмент како се пројавува во дадениот момент. Тој ги чувствува севкупните промени одеднаш, без оглед на тоа што го насочува интроспективното внимание. Таквото доживување го растревожува субјектот толку колку што му влева увереност во сопствените спознанија. Ако вежба, интуицијата ги измислува за него сите патокази и формира од нив упатства. Градбата е произволна и цврста истовремено, однапред исцртана и неорганизирана. Побрзо субјектот ќе состави произволна градба од несовпадливите блокови што му се наоѓаат во непосредна близина, отколку што ќе успее да ги помири сугестивниот хаос и привидната организација. Во првиот случај, примордијалната констелација е скриена зад седум неба. Во вториот случај, недостасува примордијална констелација, а нејзините предиспозиции се отежнуваат поради несовпадливите делови. Патоказите се преплетуваат во неразврзлив јазол, го заплеткуваат, изместуваат и растураат упатството. Упатството, односно течната конфигурација од чисти ентитети, го собира во себе купот искуства што се влеваат, без да ја регулира постоечката структура од односи, позиции и промени. Системот од интуитивни постапки не е регулиран, и покрај тоа што неговите потенцијали се пројавуваат регуларизирано.
Интуитивното искуство покажува дека субјектот не смее да се задржува на антиципираната мрежа од постапки, иако мора да ја развива. Како што се собира интуитивната содржина во гешталт-единството, така етимолошките механизми на инструктивно функционирање се обезобличуваат во чувството на постапност. Етимологемите се инструктивни бидејќи покажуваат одредена интуитивна динамика. Истите се конструктивни бидејќи го поттикнуваат субјектот да вежба и да ги зголемува способностите на душата да обликува образи. Инструктивниот момент се претвора во конструктивен ако субјектот не ги вежба механизмите, туку се обидува да ги искористи за да создаде нешто оригинално. Конструктивниот момент пак, се претвора во инструктивен, доколку субјектот се сосредоточи на вежбањето и практичната корист а го запостави нивниот креативен потенцијал. Друго, субјектот вежба да ги практикува овие механизми, па чувството на експериментално присуство го заменува со вера во инструменталната и механичка точност на идеалното упатство. Субјектот ги доживува односите помеѓу интуитивните ентитети квантно. Тие се соединуваат флексибилно и произволно, создаваат случајни формации кои се одразуваат во огледалото на општи состојби. Во исто време, целата оваа слика, колку и да е амбитенденциозна, остава цврст механички впечаток. И случајните и предодредените случувања се дел од еден крупен и неопходен механизам.
Идеалното упатство е најголем проблем на субјектот. Сите секогаш се изразуваат позитивно за интуицијата. За жал, фигуративно кажано, таа е поголемо чудовиште отколку што можат да замислат. Досега, објаснувавме зошто субјектот не може да се снајде во пространството на интуитивни динамики, и покрај тоа што со вежбање ја изострува свеста за нивното квантно и чисто механичко пројавување. Сега ќе опишеме симболично, како субјектот се дезориентира во интуитивното пространство. Во ситуацијава, тој е како детето кое го задеваат, а насилниците се жалат дека тоа прави проблеми, додека, тоа е повлечено, се срами и не умее да каже како вистински стојат работите. Затоа, насилниците си поминуваат неказнети. Таков подмолен впечаток остава интуицијата.
Интуитивното пространство нема јасно изразени црти, не е стварност полна со произволни и организирани поредоци од објекти. Интуицијата има задача да го оповестува субјектот. Оповестувањето е составено од два фокуси, односно видици. Тоа го известува субјектот за објективните состојби и го предупредува за можните опасности. Но, наведовме доволно аргументи зошто интуицијата од пријател се претвора во најголема закана за субјектот. Според тоа, дури и да го известува за нејзините сопствени состојби, интуицијата секако не го предупредува за опасностите на нивното пројавување. Најблиско нешто со што можеме да ја споредиме и поистоветиме интуицијата е таблата со информации закована за земјата покрај патот. Субјектот се спријателува со интуицијата откако ќе научи да ја редуцира визуогената неопределеност и да ја користи морфоцентричната функција. Дотогаш, оповестението не важи за неа, или важи минимално, толку колку што го известува субјектот за објективните состојби.
Стварноста полна со разновидни поредоци од објекти му посредува на субјектот правилно да се ориентира. Во неа, тој детектира објекти со кои намерно воспоставува односи и објекти со кои ненамерно стапнува во допир. Тој саморефлексивно се осврнува на стварноста, за таа да го извести дека постојат тука и такви објекти со кои може да соработува. Напоредно, го предупредува за објектите кои сака да ги одбегне. Саморефлексијата ги координира и класифицира податоците што и доаѓаа од стварноста со помош на интимното оповестение, за да му помогне на субјектот да се справи со комплементарните структури на околноста. Стварноста соработува со оповестението исто саморефлексијата. Субјектот ги регистрира полезните и штетните објекти со помош на сеопфатната стварност во која се организирани, или сопостојат во привидна мрежа. Така, стварноста покажува колку е силна нејзината објективна ориентациона диспозиција. Субјектот регистрира објекти тука и таму, ја мери нивната „интенционална конституција“. Во меѓувреме, стварноста се претвора во живо сеприсуство кое ги користи своите позиционални состојби за да му објави на субјектот корисните факти. Стварноста не им дава можност на објектите да се скријат, ако субјектот е претпазлив. Затоа, известува. Саморефлексијата е центар на претпазливоста. Таа и се придружува на стварноста во потфатот и ги разобличува објектите со неа. Исто така, стварноста го обележува објектот во мрежата од поредоци и меѓу количеството од други објекти. Таа е координационен систем што го разоткрива статусот на сопствените елементи, или на повеќе такви елементи истовремено. Така им пристапува стварноста на објектите за да ги присили да си го покажат “вистинското лице“, така предупредува. Саморефлексијата ја прифаќа пораката на стварноста, па се вмешува и го зумира осомничениот објект. Сопостоечките елементи го обележуваат означениот објект, тој е беспомошен и не може да се скрие, трпи троен притисок. Стварноста го потиснува, саморефлексијата го демне поредоците на кои им припаѓа го прогонуваат и притискаат. Саморефлексијата и стварноста известуваат и предупредуваат координирано и истовремено. Колку што предупредува стварноста, толку известува саморефлексијата. И обратно: колку што предупредува саморефлексијата, толку известува стварноста. Саморефлексијата набљудува внимателно, а стварноста нуди значајни податоци. Двете се предиспозиционирани да оповестуваат. Еднаш побрза е стварноста, друг пат саморефлексијата. Додека ги препознава објектите, субјектот ја поистоветува својата самосвест со нив. Истовремено останува свесен за способностите на стварноста да ги мапира позициите на значајните објекти и за способностите на саморефлексијата да ги извлекува стварните содржини. Рефлексот за препознавање се активира импулсивно и го обелоденува квалитетот на оперативна соработка помеѓу стварноста и саморефлексијата.
Интуицијата му дава на субјектот чиста и сурова содржина. Таа е како позитивниот напис на таблата. Написот дисеминира еднозначна порака. Таа известува за објективните состојби. Ако субјектот го избере правецот кон каде што покажува таа, ќе се спаси од опасности. Но таблата може да биде тенденциозно пренасочена и да го упати субјектот кон морбидното, чудното и непознатото кое очигледно се простира во насочената далечина. Тогаш, тој ќе мора да донесе заклучоци така што ќе ја спореди реалноста на укажаниот хоризонт со позитивниот напис на таблата и субјективното претчувство. Ако остане некритичен и ги занемари асиметричните впечатоци, субјектот ќе ја измеша реалноста што предупредува со написот што известува. Таблата со порака е знак што ги опишува нештата својствени за пријатната насока. Сама по себе таа известува, не предупредува. Но морбидниот приклучок и нејзината какофонична насоченост предупредуваат дека нешто не е во ред со известувањето и неговите мотиви. Постојат два вида објективни состојби, а таблата го насочува субјектот кон патеката што води кон несоодветното опкружување. Написот не го камуфлира предупредувањето во известувањето. Тој го маскира она што е опасно и предупредува само по себе, со известувањето кое лежерно го наведува субјектот да се движи по злогласната патека. Интуицијата знае да биде поперфидна. Таа е како пораката и написот кои ја крие опасноста во позитивните искази за да го фрли во нејзините опасни прегратки. Интуицијата го заробува субјектот во афективните содржини и му го открива нивното непосредно волшепство. Не му кажува колку е тешко да се извлечат впечатоци чија позитивна нота се развива во конкретна структура. Спротивставените духови се преплетуваат бесконечно во она што го дисеминира и ја истиснуваат зловесноста од заводливиот напис.
Постојат случаи на дисеминација, во кои известувањето има за цел да го потенцира предупредувањето. Гласникот доаѓа со порака. Во неа, неговиот господар, му дава насоки на противникот како да се однесува ако сака да не се сруши врз него неговиот гнев. Заедно со пораката испраќа дел отстранет од одреден објект, што му значи извонредно на противникот. Така, господарот постигнува двоен појдовен ефект: го засилува влијанието на уцената и однапред стекнува преговарачка предност. Овој објект го симболизира идниот акт на насилство. Пораката сама по себе напишана мирољубиво и остава пријателски впечаток. Делот од оштетениот објект што му е познат само на противникот, го менува духот на пораката, ги навестува идните последици, ако пораката што известува не ја разбере во контекст на објектот што предупредува. Дисеминацијата потсетува на просекутивен сигнал што ги означува консекутивните облици на казнување. Техничката испорака го опскурантизира семантичкиот контекст и тон на пораката. Ако на прочитаната порака и се додаде објектот што симболизира насилство, можноста да се оствари помирување станува неостварлива. Секогаш кога злонамерното предупредување на каков-годе начин го проникнува или му се додава на надежното известување, а подмолниот симболизам ја испревртува испораката и ја обелоденува лажната конотација на пораката, го оневозможува помирувањето. Секој што бара да се помири со другиот а притоа се заканува, дека ќе почне војна ако помирувањето не се одвива како што сака тој, треба да очекува дека другиот категорично ќе го одбегне за да спречи пандемоничен исход. И тоталната војна е подобра од мирот со хировит човек кому ако му се попушти еднаш, ќе го преврти светот за да владее, да ги измачува, да се изживува и да ги убива сите во него. Заканата која ги следи во чекор мирните решенија уште на почеток ја упропастува секоја позитивна иницијатива. Испораката е двосмислена, а пораката не е тоа што изгледала на прв поглед, затоа што симболичниот објект навестува каков ќе биде исходот на секој мир склучен под такви услови. После склучувањето таков мир, симболиката на објектот ќе се размножи и ќе порасне во Тифон составен од реални акти на насилство. Симболичниот објект и насилството што го претпоставува, ја мистифицираат пораката исто толку колку што и го уништува благопријатниот контекст. Испораката се претвора во саркастична игра на расипан ум што ги познава сите тајни на постоењето. Господарот го предупредува противникот посреднички дека ако ги наруши неговите услови, симболичните акти ќе ги замени со инструментално дејствување. Тој ги инструментализира и пораката и испораката однапред, со тоа што потсетува дека ќе има насилство. Но инструменталноста е симболична затоа што објектот не го спроведува туку го одразува активното насилство. Пораката и објектот се инструменти на симболичното насилство. Испораката е дух што ги поддржува нивните иницијативи. Објектот ја разоткрива негативноста која се крие во пораката но не може да се види и препознае. Симболичното насилство е примерок што треба да ја истакне идната казна. Испораката е осамена. Таа чека општ исход, ги поддржува придружните ефекти и се вмешува во ситуацијата технички. Пораката и симболичниот објект се соединуваат и го зрачат духот на противречниот мир и перфидната закана. Тие се непосредно вмешани во ситуацијата, со самото тоа што го носат на себе печатот на симболичното насилство. Ако противникот се откаже од наметнатото помирување, можеби ќе се спаси од пандемоничниот исход. Ако се согласи, пандемоничниот исход е неизбежен. Казните во првиот случај, ако противникот не успее да го победи господарот, ќе бидат ужасни и недвосмислено погубни. Консекутивноста, односно сериското спроведување казни, ќе се врши со најголема точност и крајно сурово. Во вториот случај, консекутивноста ќе биде поблага. Таа ќе се одвива со прекини и прикриено, ама на крај, ќе го истошти противникот, ќе го погуби со поспоро темпо, на безболен физички и понижувачки психички начин. Колку поагресивно господарот му ја испорачува пораката за помирување на противникот, толку понасилен ќе биде тој, независно од тоа како ќе одговори противникот. Симболичниот тон на објектот се распространува врз пораката и испораката подеднакво. Какви и да се пораката и испораката на пораката и објектот, ad extra вербални или писмени, симболичниот израз на насилство, ја открива вистинската намера и вистинското расположение на господарот. Мотивот на господарот не е важен. Без разлика дали тој се чувствува изиграно од противникот или има непоправлив садистички карактер, ја формализира заканата и ја користи како мамка на стравот која противникот ќе ја загризе беспоговорно. На противникот му нема спас, ако садистичкиот карактер тргне да му се свети за предавство. Противникот ги претвкусува заканите во симболичната испорака на објектот која се надоврзува на дезавуирачката лингвистика порака. Нивните облици не се наброени и подредени во предадениот предлог, не постои казна што се соопштува за да ја поткрепи казната која веќе била применета. Формализираното го претставува сериски подреденото, но не го содржи во себе.
Постојат објекти, на пример, кои му го објавуваат на субјектот нивниот бескрајно позитивен потенцијал отворено и без посредници. Забележаниот локален објект ги зрачи величествените содржини без да ги посведочи, како што двосмислената порака ги истакнува зловесните вистини, без да ги прикаже конкретно. Комплексот непосредно сраснува со објектот, божем објектот го промовира комплексот непосредно во него самиот. Субјектот го лоцира објектот. Додека го локализира радикално предупредува дека објектот ќе ја изгуби персоналноста и ќе срасне со архетипската претстава за комплексот. Радикалната локализација го ослободува објектот во симболичниот простор на комплексот и му овозможува да се истакне многузначно-релационистички. Објектот вечно си се враќа себеси и се самоистакнува. Прво го разоткрива комплексот и неговата сурова величина преку себеси. Потем сраснува со пројавите на неговата непосредна целина, слободно се поистоветува со неа и симболично се поврзува со другите корелати во него. Радикалната локализација го вклопува објектот во комплексот. Таа го известува субјектот за процесот на приспособување. Самоистакнувањето му помага на објектот да избувне на површина како најзначаен корелат комплексните врски. Тоа го предупредува објектот внимателно да ги избира корелатите ако сака да остане на врвот. Додека објектот се враќа вечно и асоцијативно во себе, ги педалира известувањето и предупредувањето. Тоа не значи дека вечното враќање не може да застари и да се укине. Ако објектот не ги воспоставува правилно врските, ако не се локализира апсолутно или ако се самоистакне лошо, опасноста ќе преовлада над позитивната можност и ќе го уништи.
6.
Наведовме неколку примери кои го прикажуваат од различни агли, она што Хусерл го нарекува anzeige (оповестение или објава).5 Интуицијата игра првостепена антагонистичка улога во приказната на anzeige. Додека соработуваат, стварноста и саморефлексијата, предупредувањето и известувањето се закани што кружат околу забележаните и осомничените објекти. Таблата се сврти во насока на патот и опкружувањето што не ги застапува, за да го скрие предупредувањето со помош на известувањето. Условите за мир што ги испорачува господарот го прават спротивното: известувањето намерно остава благонадежен впечаток на почеток за предупредувањето да ги преврти картите подоцна и да ги удвои разочарувањето и стравот. Објектот се локализира во себе и се самоистакнува во комплексот откако ќе срасне со него. Напоредно, ги користи известувањето и предупредувањето за да се организира во симболичниот простор и да го спаси репрезентативното првенство.
Субјектот се учи да ги користи механизмите на чистата интуиција. Нејзините чисти механизми се сочинети од чисти искуства, чисти значења, чисти врски и односи и од чисти модели на етимолошка регулација. Содржините на чистиот (и првичен) интуитивен механизам се безоблични, без оглед на тоа, што отсликува врска на чисти принципи со чисти ентитети. И покрај тоа, тој чувствува како лукавите прсти на интуицијата го галат неговото срце за да го закопаат во бездната на иманенцијата. Да препоставиме дека субјектот е подготвен да напредува уште повисоко на скалилото на интуицијата. Да речеме дека ги совладал односите и констелациите што чистите ентитети и структури ги соконституираат меѓусебно. Тој ги препознава структурите и нивните заемни промени како тековни целини надвор од рамките на акутното психичко време. Тој може да ја земе нивната формална конституција во раце, па да ги разгледува без страв дека иманентното поле ќе ја проголта и обезличи нивната соработка. Уште повеќе, ја држи во заложништво интуицијата. Објективната хронологија на случувања фиксирана надвор од акутното психичко време, не дозволува чувството на постапност да ги изедначи деловите со целото и целото да го сведе на секој дел посебно. Затоа, субјектот смета дека дошло време да се пресосредоточи врз морфоцентричната функција.
Тоа не е така лесно како што изгледа. Не е доволно само да ги замисли чистите искуства како квази-слики, а чистите значења како статично-динамични содржини (на квази-сликите) за да почне да формира некакви слики од кои, најпосле ќе се породи каков-годе произволен образ. Квази-сликата може да биде чиста. Тоа значи квази-сликата тежи кон чистиот механизам на интуицијата. Или квази-сликата може да биде хипнагогичка, да претставува хаотичен приказ. Хомогениот хаотичен приказ, од своја страна, ќе се дели на повеќе живописни фигури. Некои сегменти од приказот ќе репрезентираат повеќе живописни фигури, во зависност од аголот на гледање и од чувството за антиципирање формации. Се додека хипнагогичката слика не се структурира смисловно и не отслика една заокружена семантичка целина, таа го задржува статусот на квази-слика. Без морфоцентричната интуиција квази-сликите не можат да се поделат вака, ниту ќе можат да се унапредат и менуваат. За да дојде до позиција да го материјализира преминот на квази-сликата од чиста во хипнагогичка субјектот ќе треба да усвои уште чисто-интуитивни етапи. Според тоа, субјектот сеуште ги нема исцрпено тајните на чистиот интуитивен механизам. Ние ќе се обидеме да ги одгатнеме. Ќе провериме дали ќе му помогнат на субјектот да го унапреди процесот на учење да обликува оригинални произволни образи. Најмалку што може да направи, откако ќе почне да ги запознава тајните на визуогената сфера, е да вообличи слики што ќе потсетуваат на образи затоа што ќе содржат семе на нарцистично-господарскиот светоглед. Морфоцентричната функција има совршено изострен инстинкт; совршено добро се снаоѓа во визуогеното поле и ја регулира неопределеноста.
Instructio и instruere создадоа динамична интуитивна шема која се вклопува во односите, врските и соодносите на чистите ентитети, корелати и структури. Тие му понудија на субјектот идеално упатство кое на противречен начин беше поставено пред него, односно во рамките на акутното психичко време. Тие немаа моќ да го научат субјектот како да создаде свои, емпириски упатства со чија помош ќе го вообличи оригиналниот произволен образ. Овој, после тоа, и самиот ќе стане упатство за доизградба на нарцистично-господарскиот светоглед и разните слоеви на нарцистично-господарско самопројавување. Тие се интуитивен образец кој не може сам од себе да го произведе емпириското упатство. Организираните структури на емпириското упатство ги следат сите етапи на интуитивно инструирање. Нивните конкретни сегменти се градат врз основа на работата на instruere и instructio и ја модифицираат нивната логика на работење, но не ги повторуваат нивните чисти шематски прикази. Тие се пројавуваат произволно исто толку колку што се собрани во чувството на постапност. Овој методолошки спој, овозможува ограничени и во одредена смисла чисто продлабочени систематски резултати, му дозволува на субјектот само да ја проба суштината на независно обликување.
Затоа, субјектот не е задоволен од оваа фаза на развивање и брза чистите ентитети да ги преобрази во видливи емпириски категории, односно чистите искуства во хипнагогички квази-слики. Toj ја форсира вообразбата да работи упорно на пронаоѓање сегменти и цели синтези во кои ќе се откријат цели сцени на покажување надмоќ. Ако ништо друго, негова минимална замисла е, таа да му обезбеди сама по себе значајни предиспозиции, да се закотви во сферата на визоугени претстави, па да ја употреби својата магија. Сé во име на господарењето. Стремежот кон повисокото и посовршеното ги инкапсулира етимологемите што ги опишувавме досега. Но субјектот знае малку дека instruere и instructio имаат надградени верзии, кои ќе ги претстават софистицираните интуитивни механизми. Тие во исто време ќе му помогнат на субјектот да се доближи уште повеќе до долгоочекуваната преобразба на чистите искуства во хипнагогички квази-слики. Сублимно кажано етимологемите систематски го преобразуваат чистото искуство. Тие се функции на интуицијата кои го прошируваат нејзиното акутно влијание, ја серијализираат акутноста, создаваат услови за тоа, чистото мислење да ги стави неопределените тематски хоризонти под чадорот на интуицијата. Антиципирањето на нивната квази-систематска функција го исполнува субјектот со чувства на надмоќ. Нивната каузалност ги овозможува сите интуитивни и емпириски пројави на обликување. Надредените методолошки системи зависат од нив. Во секоја конкретна методолошка работа одблеснува по некој сегмент од нивното функционално поле.
После повеќе бесплодни обиди, субјектот се откажува од идејата чистите искуства да ги преобрази во хипнагогички квази-слики. Интроспективните обиди се толку неуспешни, колку што етимологемите на чистата интуиција се неспособни да формираат еден емпириски прототип. Впрочем, субјектот нема проблем да наниже многу разновидни и неповрзани слики. Тоа неговата имагинарната форма го прави постојано. Тој не може да замисли блок слики кои ќе се разликуваат од стереотипните и веќе видени пројави на надмоќ. Но обидот сам по себе е скапоцена играчка, која може да се преобрази во добитна функција, ако субјектот ги разбере правилно неговите предности и артикулирано се задлабочи во неговите циклоидни бездни.
Со помош на instruere субјектот ги собираше нештата, не само за да ги насобере, туку и за да ги споредува, комбинира и соединува сите чисти ентитети опфатени во динамичниот поток на интуицијата. Оваа постапка не доведува до никакви резултати, бидејќи една иманентна претстава се повторува во себеси одново и одново, се додека субјектот не стекне јасна претстава за каков интуитивен механизам станува збор. Во иманентната претстава се случуваат гореопишаните размени, но тие се замрзнати во чувството на постапност исто колку динамичната целина што ја составуваат. Поради тоа, субјектот има чувство дека повеќе ги става на куп, или погрубо кажано ги нафрла едни врз други, искуствата и нивните чисти интерактивни спецификации, отколку што ги подредува во комплементарна траекторија. Тие попрво формираат комплекс на чистата конзистентност, отколку што претставуваат структура екстензивирана во време-просторот. Откако ќе се навежба и ќе ги запознае границите и можностите на instruere, субјектот не се обидува да ги соедини во одржлива структура чистите ентитети (искуства, значења и нивните односи и соодноси), туку ги замислува најдобро што може во дадениот миг, или во серијата мигови, нивниот комплементарен тек и неговите јадрени атрибути. Секоја надеж во оригиналната целесообразност е осудена на пропаст. Целисходноста е апсурдна: таа е составена од распарчени делови кои не можат никако да се пресостават, иако субјектот ја созерцува нивната обновена целина. Истото искуство го има субјектот и со instructio. Секое искуство има свои чисти делови, затоа што е составено од значења кои неговото јадро го прошируваат до структура. Јадрото може да се дополни со нови асоцијации својствени за него, исто како структурата. Ако на ова му се додадат тековните искуства кои ги собира субјектот за да му ги соедини на веќе насобраното, сликата на работите ќе се збогати за толку повеќе. Зашто, другите искуства со себе влечат исти иманентни структури и исти номинативни потенцијали.
Па сепак, обидувајќи се да проникне во механичките тајни на instruere и instructio, субјектот постигна интензивен напредок. Субјектот ја спозна динамичната содржина на етимологемите. Тој ја повторува во себе многупати, посветено и неуморно. Тој ги рематеријализира во себе, психички, нивните динамични содржини. Така, ги претвора во самодоволно упатство. Колку посовршено ги преживува двава интуитивни механизми, толку поинтензивно се стреми да ги вообличи произволните образи. Самодоволното упатство е шема која содржи поврзани постапки, но не претполагаат конкретна градба. Нивната динамична поврзаност е доведена во прашање, исто колку производот на самодоволното упатство. Колку повеќе ја вежба содржината, толку повеќе субјектот се отвора за една специфична трансценденција. Оваа трансценденција е производ на самодоволното упатство. Во неа се слеваат визуогената сфера и морфоцентричната функција и поривот да бидат разграничени и структурирани.
Субјектот знае совршено добро како функционираат етимологемите на акутно интуитивно рамниште и што поттикнуваат како последица на самите себе. И покрај тоа, тој повторно се обидува и ги повторува како да бара нешто што ги надминува по вредност и функција. Ги вежба инструктивните механизми што ги познава одлично, а софистицираната вежба ја третира како едноставно обидување. Претчувствува дека со обидувањето, тој всушност, го опипува она што е позначајно во процесот. Пред ова, чувството на постапност беше сместено во интуитивните механизми, за да ги разобличи нивните структури што се запознаваат тешко. Неговата власт се распространуваше исклучиво врз нивните меѓусебни односи. Сега чувството на постапност го опфаќа преминот од интуитивните механизми кон специфичната трансценденција. Тоа се екстензивира, излегува од рамките на етимологемите, за да опфати и контролира поголемо поле. Во него влегуваат сите претходни иманентни структури и динамики. Затоа, во свеста на субјектот расте идејата за систематичност, а самите интуитивните процеси се усложнуваат и продлабочуваат
Instructio го надополнува instruere. За да почнат да се дисперзираат деловите што се иманентни на односот помеѓу искуствата и нивните значења, прво мора искуствата да воспостават некаков првичен структурен и динамичен однос со своите корелати. Откако овие механизми ќе се соединат и ќе почнат да дејствуваат со заеднички сили, субјектот почнува да ја антиципира визуогената сфера. Колку посродни му стануваат функционалните етимологеми, толку тој се чувствува поподготвен во визуогената сфера да внесе, или да ја исполни со визуелни содржини, без разлика дали се хипнагогички или врамени. Поточно, визуогениот потенцијал ќе го преобрази во визуелна содржина. Чистите механизми на интуицијата се вкоренети во визуогената сфера. Да се изразиме поетски, динамитот на визуогени намери експлодира и се претвора во огнена интуиција. Сферата се нарекува визуогена бидејќи се што настанува во неа пред да настанат сликовните содржини се однесува на сликовните содржини. Така, instructio и instruere се визуогено предодредени и предиспозиционирани, изложени се на визуогените влијанија.
Сепак субјектот не може да ја пробие чистата визуогена сфера и да се прикраде во облачното царство на визуелните претстави. Постои бариера која му ја поставуваат напредните интуитивни механизми на двете етимологеми затоа што не ги познава. Но, таа не е единствена. Друга бариера, или невидлив ѕид што го крие хоризонтот зад себе, е вообразбата. Таа не е обучена однапред да се снаоѓа во визуогеното поле, дури и кога не е исполнето со интуитивни антиципации, туку со конкретни визуелни содржини. Аксиалното лице на вообразбата не нé упати во начинот на кој вообразбата се осамостојува оперативно, туку ни покажа како се развива сфаќањето на поимот вообразба. Затоа, не може да ја визуелизира визуогената сфера, ниту пак може чистите искуства и нивните чисти семантички структури да ги обедини во осмислена сликовна претстава.
Не треба да се потценуваат примордијалните механизми и функции на instruere и instructio само затоа што дознавме дека има други понапредни. Колку е важна нивната првична синтеза покажуваат оперативните карактеристики кои се многу слични со салиентната мрежа. Таа е составена од два центри: од внатрешна инсула и од дорсален внатрешен цикгулатен кортекс. Тие имаат локални оперативни единици-продолжетоци во секој дел од мозокот,6 за да можат сеопфатно и надзорно да ги посредуваат активностите на мозочната кора. Мозочната кора и нејзините кортекси, секој на свој начин се занимава и ги третира емпириските податоци што во мозокот доаѓаат од стварноста заедно со претходно апсорбираните егзистенцијални содржини кои се претвориле во лични искуства. Активноста на салиентната мрежа се разликува од активноста на мозочната кора, по тоа што, содржи исклучиво апстрактни функции. Овие функции не помагаат само воспримената и преземена емпириска содржина да се третира и регулира на чисто трансцендентално рамниште, туку ги координираат дорсалното и вентралното внимание.7 Дорсалното внимание се сосредоточува на емпириските содржини што доаѓаат од стварноста и се задржуваат како активни предмети на интерес во свеста. Вентралното внимание му помага на субјектот да ги извлече на површина емпириските содржини што ги апсорбирал во своето битие и да ги актуелизира во свеста8.
Салиентната мрежа никнува врз една друга примордијална мозочна структура. Тоа се ретикуларните формации во стеблото на мозокот,9 кои ја вршат истата функција на генерален и неспорен примитивен начин. На пример, ретикуларните формации ги будат центрите на церебралниот кортекс и ги местат нивните функции. Будноста го поддржува местењето, а местењето ја искористува будноста. Салиентната мрежа ја активира мрежата на основниот модус. Оваа мрежа работи секогаш кога ќе се активираат функциите на церебралниот кортекс од една страна. Значи, за да работи оваа мрежа претходно ретикуларните формации мораат да го разбудат мозокот. Потем, салиентната мрежа ја активира мрежата на егзекутивна контрола. Вторава, ги регулира односите на церебралните функции кои почнале да работат. Повторно, за да може да го прави тоа, мрежата на егзекутивна контрола, мора да може да ги мести функциите. Следствено, мрежата на егзекутивна контрола се темели врз способноста на ретикуларните формации да ги местат мозочните функции. Извршувањето и основниот модус зависат непосредно од будноста и местењето.
Какви функции имаат инсулата и цингулатниот кортекс? Како им се синтетизираат функциите? На крај, зошто активноста на салиентната мрежа во целост личи на етимологематските операции?
Внатрешната инсула, создава физиолошка база за чувството на самоизвесност. Овој момент е многу важен за да се знае зошто таа игра клучна улога во салиентната мрежа. Нејзина главна функција е да ги избира значајните впечатоци или стимули, и да ги отфрла незначајните. Салиентната мрежа во целост, ја надградува примордијалната инсуларната вештина за вредносна селекција во уште две кохерентни категории. Постојат: a) значајни нешта што настануваат во вид на солипсистички умствени задачи и b) значајни нешта што се покомплексни. Последниве бараат субјектот да ѝ пристапи на животната ситуација артикулирано. Тоа ќе го направи ако го спроведе најдобриот модел на однесување во дадената ситуација. Значи, моделот на однесување е тоа што се издвојува од се останато во предизвикувачката околност. Последната селекција никогаш немаше да биде возможна, ако субјектот не беше длабоко свесен за себеси и за предизвиците на животната улога што ја игра. Тој не треба да е само саморефлексивно присебен, туку мора да се чувствува себеси како некој што може и мора да се справи со предизвикот. Внатрешната инсула е поважна од цингулатниот кортекс пред се, поради чувството на самоизвесност што го овозможува, а не поради тоа што има аттенционална привилегија. Ова е радикално својство на нејзиниот неврофизиолошки идентитет. Способноста за селекција е јадро на салиентната мрежа. Но постојат подолни слоеви кои ја предодредуваат улогата на централната функција.
За да може да го избере најзначаното и да го издвои од морето стереотипни нешта, внатрешната инсула воспоставува и практикува други атенционални подфункции. Освен што, става вниманието во центарот, таа стои зад антиципирањето. Со други зборови, внатрешната инсула, очекува во умот да се појави очекуваната содржина. Оваа нејзина функција го поддржува механизмот, односно начинот на работа на вентралното внимание. Без разлика каква содржина сака да создаде, независно дали сака да повика стари нешта или да смисли нови, субјектот мора да се повика на чистата интуиција за да ги извлече од своето битие. Антиципацијата е интуитивен гест на субјектот. Тој мора да се послужи со гестот, ако сака да го активира вниманието и да „позајми“ содржина од својата внатрешност.
Внатрешната инсула ги контролира механичките потенцијали на цингулатниот кортекс и на сите механички појави во мозокот. На прв поглед, чудно е како еден мозочен орган што поддржува интуитивни пројави на умствена активност, може да ги контролира рационалните и објективни механизми. Но, ние знаеме дека, интуицијата има сопствени механизми и дека, дури и тие зависат од нејзината изворна активност. Сепак, ова овластување не ѝ дава голема предност на внатрешната инсула, бидејќи дорсалниот антериорен цингулатен кортекс ги контролира нејзините центри за емоционални доживувања. Оттука, насетуваме дека внатрешната инсула има една крупна слабост. Таа не само што ги поседува емоционалните центри, туку го содржи потенцијално и нивниот екстремен корелат можноста да се биде импулсивен. Поради ова, самоизвесноста има непријател во сопствениот табор, во неврофизиолошката структура што ја дели со различните функционални центри. Ако, субјектот е предиспозициониран да биде импулсивен, психички или физиолошки, тоа неизбежно ќе се одрази и врз неговата самоизвесност. Ќе се гледа себеси во огледалото на грдото импулсивно самопројавување, ќе страда и ќе се самоосудува. Ќе почне да создава негативна претстава за себеси и ќе ја потхранува со секој претрпен удар. Импулсивното однесување нема да му го ранува умот, туку битието. Ќе ги нападне и израни емоциите така што ќе избувне од нив и ќе ги изобличи. Тоа се најкревките атрибути на гордата самосвест. Ако продолжи да оди по тој пат, ќе го патологизира битисувањето-во-светот и ќе се самоуништи.
Како и да е, тука се исцрпуваат аспектите на внатрешно инсуларно функционирање што не интересираат. Дорсалниот антериорен цингулатен кортекс ги координира сите механизми, претежно моторните аспекти, својствени за деловите од мозокот кои се однесуваат на емпириските содржини и искуства. Антериорната инсула, се однесува кон неговите механизми, така како што тој ги третира механизмите на другите функционални центри. Таа управува со него и го надгледува, тој тоа го прави со нив. Заедно воспоставуваат ланец на контрола. Заради неговата примордијална ориентација кон механичките пројави, тој го распределува вниманието и го распоредува во согласност со предметите на интерес врз кои вниманието ги алоцира своите средства. Во таа смисла, дорсалниот антериорен цингулатен кортекс стекнува предност над внатрешната инсула. Тој ѝ помага да ги регулира атенционалните пројави, исто како што таа му помогна да ги организира своите управни механички потенцијали.
Конмеханичкиот и цингулатен корелат на инсулата наизглед има уште една значајна предност. Неговиот фанатично рационален механизам ги зауздува изливите на импулсивност. Заправо, тој ги угнетува екстремните емоционални пројави што извираат од раздразнетата и лошо развиена внатрешна инсула. Тој нема власт врз неа само тогаш кога е оштетен хипоталамусот поврзан со неа. Тогаш, и емоциите и самоизвесноста се пројавуваат неартикулирано. Видена низ призма на самопројавувањето, нивната неартикулирана синтеза, популарно ја нарекуваме психоза.10 Цингулатните механизми за регулација на емоционалните состојби што потекнуваат од инсулата, уште помалку можат да повлијаат позитивно врз инсулата и нејзините емоционални испади, тогаш кога хипоталамусот е закржлавен. Во случај на закржлавеност, емоциите исчезнуваат, а чувството за сострадание затапува.
Бидејќи нивните спротивни функции воспоставуваат оперативна хомеостаза, амбитенденциозните предности повторно стануваат технички, а не суштински.
7.
Најосновно, instruere и instructio го учат субјектот како да ја култивира и организира чистата интуиција со помош на нивните првични механизми. После тоа, тие му ги отвораат перспективите на специфичната трансценденција. Во неа, визуогената сфера и морфостетската интуиција треба да се зближат и да соработуваат. Откако свеста ќе го премести фокусот од етимологематските механизми кон специфичната трансценденција, визуогената сфера повеќе нема да остава впечаток на крајно неопределена суштина, туку отворено ќе се поистоветува со визуелните содржини и нивните потенцијални контексти. Откако ќе ја достигне и оваа фаза, субјектот конечно ќе може да се сосредоточи врз начинот на кој чистите искуства се претвораат во хипнагогички, а не чисти квази-слики. Самата интуитивна активност на етимологематските механизми му дава можност на субјектот да насети дека чистите искуства се иманентно поврзани со квази-сликите од секој можен калибар. Во книгата за морфостетската дијалектика се обидовме да го покажеме истиот процес од обратна перспектива. Имено, како оптички дисторзиран и дисперзиран објект може да се преобразува интуитивно и визуелно во други форми. Тој нуди релативни фигурални прототипови и корисни хипнагогички форми. Исто така покажува како материјата од цврсто тело се редуцира прво до живописна виртуелна форма, па во чиста виртуелна форма за на крај да се претвори во апсолутно средство на креативната вообразба.
Како и да е, со последниов опис, ја мапиравме траекторијата од прогресивни инструктивни чекори. Субјектот ги совладува етимологематски механички етапи и отскокнува напред додека учи да обликува произволни образи. Учењето се пројавува како стремеж. Но, во сржта тоа е исто. Оваа претпоставка не мора да ја посведочи горниот опис откако ќе го образложиме. Етапите пред тоа се доволен доказ. Во тоа, етимологемите целосно се совпаѓаат со генералната улога на салиентната мрежа. Еве како и зошто.
Зборот salient има две значење. Едното значење го подразбира остварувањето значителен скок. Другото значење го означува бујното цветање. Според тоа, салиентна постапка е секоја постапка која отскокнува од бесплодната ситуација и со својот ефикасен скок почнува да ги менува работите во крајно позитивна насока. Во оваа метафора може да се преоблече секој високософистициран процес и напредок. Потресно и вчудовидувачки е како авторот на детската авантура Пинокио симболично и сублимно ја прикажал суштината на најважниот орган во мозокот во 1883 година, кога било невозможно и да се претпостави дека постои таков центар. Штурецот е инсект што скока. Во исто време, тој му предлага на Пинокио, модели на однесување кои ќе го спасат од незгодните и опасни ситуации. Само ако го избере правилниот модел на однесување, Пинокио ќе отскокне и ќе ја промени сопствената непредвидлива животна ситуација. За жал или за среќа, тој го занемарува штурецот и секогаш го избира потешкиот пат.
Ова е основна сличност. На ред дојде, сличноста помеѓу instruere и instructio од една страна и внатрешната инсула и дорсалниот внатрешен цингулатен кортекс од друга страна.
Instruere е слично со внатрешната инсула. Тоа ја претставува општата динамика на односи и врски помеѓу искуствата и нивните потесни и пошироки, самостојни и асоцирани значења. Динамичната структура што ја црта во себе е флуидна и може да се разбере само во вид на еднодимензионална, стереотипна и илустративна шема. Шемата е следна: искуствата и значењата си се разменуваат едни со други, така што, тие што ги собира субјектот им се приклучуваат на тие што веќе ги насобрал. Не постојат разгранети блокови и не се случуваат многустрани блоковски размени. Се црта само една хоризонтална линија врз која едни ентитети им помагаат, им даваат поддршка и соработуваат со други ентитети и во нивен правец. Дури и да претпоставиме дека оваа колективна акција си пробива повеќе патишта, а она што се собира надоаѓа одеднаш од многу страни, координатната патека е идентична. Секогаш она што се собира се движи кон веќе насобраното, а тоа значи во мртва точка, без разлика од колку правци доаѓаат искуства и значењата. Колку траектории и да се отворат сите ќе се движат кон центарот, ќе бидат безусловно интериорни и неизбежно интериорно насочени. Заправо, шемата е флуидна во перспектива на можноста да се отворат правци од кои ќе доаѓаат искуства што субјектот ги собора.
Внатрешната инсула, исто така содржи функции кои се повеќе брановидни отколку структурни. Самоизвесноста, емоциите, состраданието, вниманието, предусетувањето, па дури и интензивната контрола на цингулатните механички потенции, се чисто енергетски атрибути што го трансцендираат предметот на интерес, но не можат да го вклопат во конкретната структура зашто не ја поседуваат. Антериорната инсула создава трансцендентална атмосфера во која успеваат строгите механички структури и делови. Нејзините енергии се провлекуваат во сите проактивни механички пори за да ги оживотворат и да ги потсетат дека постојат заради субјектот. На сличен начин, instruere ги присилува новодојдените искуства да се таложат во амбарот на субјективноста.
Instruerе му ора пат на instructio. Својата шема ја поставува за темел на неговите екстензивни и експанзивни блоковски размени. Секое придвижување, размножување, распространување и зближување на сегментите од искуства и значења зависи од примордијалниот однос што им го овозможува флуидната, отворена за траектории и центростремителна шема. Instruere и антериорната инсула се духовно сродни според две нешта. Според природата на функционалните структури и според егзуберациската подлога, односно аналогијата на бујно цветање, што ја поставуваат под нивните центробежни корелати.
Заплетот се стеснува. Колку повеќе аспекти осветливме, толку појасно антиципираме што ќе содржат останатите описни единици.
Instructio се шири од центарот кон периферијата, од субјективноста кон телеолошкиот потенцијал на предметот што сака да го запознае и искористи. Притоа, бидејќи instructio ѝ припаѓа на интуицијата и нејзиното апсолутно јадро, ваквото распространување се случуваше привидно, односно беше реално на парадоксален начин. Instructio ги создава своите блокови (кои после тоа, субјектот ги претвора во неизбежни постапки и ги вежба), вака. Постои поединечно искуство. Тоа се поврзува со своето значење. Тие создаваат синтеза со асоцијативни потенцијали. Ова е прв блок. Овој блок привлекува други искуства, значења, асоцијации и блокови составени од нив, или тие го повикуваат него. Во меѓувреме, може да се случи, блокот да се прошири и збогати во себе, ако субјектот открие и имплементира нови и компатибилни локални асоцијации. Во оваа смисла, блоковите се флуидни и размножливи исто колку траекториите во instruere. Откако ќе се исцрпат внатрешните можности, овој блок се смета за условно затворен. Тој се затвора условно, бидејќи ќе се прошири, не во себеси, туку за сметка на други асоцијативни ентитети. Секоја врска на првиот и условно затворен блок со други елементи и блокови, создава услови за создавање нов блок поголем од првиот. После ова, потенцијалите на траекторијална експанзија се зголемуваат стократно. Создадените блокови можат да се разделат на посебни асоцијативни единици кои ќе развијат свои блокови. Или постоечките блокови ќе се соберат ефемерно на едно место, за субјектот да го искористи како образец за новите асоцијативни таксономии, комплекси и гранки. Не се осмелуваме да ги систематизираме понатаму овие чисти проширувања на асоцијативните сегменти, за да не паднеме во лудило. Во instructio, асоцијативните траектории на искуствата, значењата и нивните системи се шират кон надвор во сите правци. Тие му се враќаат на субјектот по заобиколен пат. Блоковското разбирање на овие чисти, интуитивни и иманентни процеси, му помага да не се изгуби во бурата од трансцендентни движења, да ги скроти и да ги систематизира имплицитно.
Понапредната етимологема, instructio, ги моделира брановидните и флексибилни пројави така како што ќе го посоветува интуицијата. Нејзините алати повеќе личат на мека и волшебна метална мрежа која се обликува во разни комплементарни форми. Структурата од функционални форми ќе и се наметне на чистата енергија. Ќе ја присили да работи во согласност со телесните, моторните, механичките и смисловните потенцијали на материјата што ја застапуваат. Ваквата структура ги координира функциите на хетерогената материја (која претпоставуваме дека е однапред блоковски организирана) и безобличните енергии што протекуваат низ раце. Во instructio структурата се распространува и еволуира во зависност од тоа како субјектот ја гледа врската помеѓу етапните производи и почетните спознанија. Кај, дорсалниот антериорен цингулатниот кортекс, механичката структура која е задолжена да управува, да ја организира и да ја надзира работата на церебралните центри е однапред дадена и поделена во блокови. Централната структура ја опфаќа неговата органска територија. Оперативните едниците се дисперзирани станици, војнички бази, кои се грижат за тоа, ништо да не им побегне од контрола, најнапред во горните периферни области. Речиси ниеден мозочен орган не е целосно суверен, бидејќи мора да се насели со претставништва на другите мозочни области и органи за да функционира. Неговите оперативни, централни и децентрализирани блокови им се наметнуваат на блоковите кои имаат сопствени генерални задачи и играат конемпириска, или конорганска улога.
Функционалната структура на instruere е сродна со функционалната структура на антериорната инсула, затоа што содржат модус на архетипска работа. Модусот на архетипска работа се пројавува модифицирано во зависност од областа во која се применува и нејзините потенцијали за приспособување. Во зависност до тоа како ќе се модифицира, модусот се претвора во модел. Истиот архетипски дух ги прогонува instructio и дорсалниот антериорен цингулатен кортекс. „Залудно е да се опишува образецот на измислувањето и пресоблекувањето. – вели Хилман – Подобро е да се улови целта на образецот кој се повторува во различни случаи“.11 Сепак, со самото тоа што се фативме во костец со механизмите на интуицијата и систематски го осмислуваме нејзиниот изблик, ние почнавме да го опишуваме образецот, напоредно со неговите цели. Етимологематските функции имаат цел која ја споредуваме со одредени својства на мозокот. Но, интуитивната механика во целост е сопственост на интуицијата чија структура ја разоткриваме, независно од нејзините објективни задачи.
- Ассаджиоли Р., Психосинтез. Принципы и техники, Эксмо-пресс, Москва, 2002, с. 192-204. ↩︎
- Lewis, A. (1934) The psychopathology of insight. British Journal of Medical Psychology, 14(4), 332-348. ↩︎
- Clastres, P. (1994). Archeology of violence (p. 121-124). New York: Semiotext (e). ↩︎
- Chen, Y., Palafox, G. P., Nakayama, K., Levy, D. L., Matthysse, S., & Holzman, P. S. (1999). Motion perception in schizophrenia. Archives of General Psychiatry, 56(2), pp. 153. ↩︎
- Гуссерл Э., Логические иследования. Том II. Часть 1. Иследования по феноменологии и теории познания, Академический проект Философские технологии, Москва, 2011, с. 29-35. ↩︎
- Chen, T., Cai, W., Ryali, S., Supekar, K., & Menon, V. (2016). Distinct global brain dynamics and spatiotemporal organization of the salience network. PLoS biology, 14(6), e1002469. ↩︎
- Menon, V., & Uddin, L. Q. (2010). Saliency, switching, attention and control: a network model of insula function. Brain structure and function, 214, 655-667. ↩︎
- Grossberg, S. (1999). The link between brain learning, attention, and consciousness. Consciousness and cognition, 8(1), 1-44. ↩︎
- Luria A.R., Osnovi neuropsihologije, Nolit, Beograd, 1976, s. 114-130. ↩︎
- Palaniyappan, L., & Liddle, P. F. (2012). Does the salience network play a cardinal role in psychosis? An emerging hypothesis of insular dysfunction. Journal of Psychiatry and Neuroscience, 37(1), 17-27. ↩︎
- Hilman Dž., s. Kod duše: u potrazi za karakterom i pozvanjem, Fedon Anima, Beograd, 2010, 270. ↩︎
Leave a comment